Филипоски: Сега е моментот македонските иноватори да успеат на странските пазари

Филипоски: Сега е моментот македонските иноватори да успеат на странските пазари
Rregullativa afariste | 25-04-2019

 Се повеќе млади и квалитетни ИТ кадри својата шанса за успех ја бараат во лансирање на уникатен софтверски производ или услуга преку формирање на старт-ап кој ќе успее на интернационално ниво. За поддршка на македонските иноватори се создаде и апликацијата ИноБиз која ги отвора можностите за наоѓање партнер за соработка и инвестиција. Според Александар Филипоски од Фондацијата за Претприемачки сервис за млади (ПСМ) сега е моментот кој треба да се искористи за македонските иноватори да постигнат поголем успех, за што секако е потребна и соодветна финансиска поддршка преку инвестициски фондови со цел нивните продукти да се комерцијализираат. За начинот на кој функционира ИноБиз и перспективите на ИТ секторот кој го чека првиот глобален успех по пример на регионалните успешни стартапи со вредност од стотина милиони долари разговараме со Филипоски.

 

Неодамна ја лансиравте мобилната апликација ИноБиз. Која е главната цел на оваа алатка и кој се може да ја користи?

 

Главната цел на мобилната апликација ИноБиз е да им помогне на македонските компании да пронајдат странски партнери за бизнис соработка, трансфер на технологии и учество во проекти за истражување и развој. Мобилната апликација е наменета за компании од сите сектори кои имаат потреба од ширење на бизнисот на меѓународен пазар.

 

Каков вид на услуги се нудат преку апликацијата ИноБиз и имате ли планови за проширување на нејзините елементи?

 

Мобилната апликација нуди информации од странски компании кои бараат партнери за соработка поделени во 3 категории: бизнис соработка, технолошка соработка или трансфер на технологии и соработка за истражување и развој во проекти финансирани од програмите на Европската унија. Во исто време, мобилната апликација нуди листа на меѓународни настани на кои македонските компании можат да земат учество со цел да се поврзат со потенцијални партнери. Од дополнителните функции се вбројуваат и ресурсниот центар кој содржи корисни алатки за јакнење на капацитетите на компаниите како и прашалникот за технолошки аудит кој служи за утврдување на идните планови за раст и развој на компанијата преку кој тимот ќе може да изработи план за интернационализација. Доколку по извесно време се утврди дека на компаниите им се потребни дополнителни сервиси, ќе се обидеме да додадеме и нови елементи со кои ќе ја збогатиме содржината на мобилната апликација.

 

Screenshot Image

 

Може ли да ни опишете како се користи ИноБиз, што е потребно за регистрација и на кои уреди е достапна?

 

Мобилната апликација е достапна за 2 платформи, односно за Андроид и iPhone телефонски уреди. Секој корисник потребно е по инсталирањето на апликацијата да креира кориснички профил каде ќе наведе информации за својата компанија. Откога корисникот ќе креира профил веќе во наредниот чекор се пристапува кон содржината на апликацијата. Главните содржини на апликацијата, базите на профили за меѓународна соработка и настаните се врзани со дата базата на Enterprise Europe Network. Секој корисник кој при пребарувањето ќе утврди дека постои интерес за соработка треба да испрати кратка порака каде ќе објасни како компанијата може да одговори на барањето на профилот. Потоа, преку одговорните лица во Enterprise Europe Network се стапува во контакт со странската компанија која доколку го потврди својот интерес тимот го добива контактот од компанијата и го проследува до корисникот.   

 

Што како Фондација за Претприемачки сервис за млади (ПСМ) сметате дека е потребно да се преземе во делот на бизнис регулативата во Македонија за подобрување на условите за отворање и водење на бизнис, за воведување на иновации од страна на претприемачите и намалување на невработеноста?

 

Постои забележителна потреба да се поттикне водењето на бизнисот преку интернет кој е под просекот во ЕУ, одредени ИКТ вештини се дефицитарни на пазарот на трудот, а во исто време истражувањето и развојот кај малите и средни претпријатија е на незадоволително ниво. Во други проблематични прашања можат да се вбројат и редовниот пристап до финансии со недостаток на алтернативни извори на финансирање. Со цел да се подобри продуктивноста на малите и средните претпријатија потребно е преку директна координација со самите компании и чинители да се пристапи кон понатамошно олеснување на административните оптоварувања. Исто така, потребен е и стратешки пристап за квалификација на кадри кои недостасуваат на пазарот на трудот. Македонските компании имаат слаб учинок во користењето на инструментите на ЕУ за финансирање на истражување и развој. Овој показател треба да служи како дополнителен стимул каде преку обезбедување дополнителна поддршка на среден рок може да даде одлични резултати како за зголемување на иновативноста и продуктивноста на компаниите така и за намалување на невработеноста.

 

Дали во Македонија постои можност за искористување на максималните потенцијали на врвниот ИТ кадар, како и на младите иноватори за создавање на напреден стартап бренд кој би достигнал голема вредност на пазарот и интернационално присуство како што се компаниите од регионот, на пример TalkingTom од Словенија?

 

Во изминативе години е подобрена иновативната дејност на компаниите, главно поради поддршката која ја обезбедуваат владините програми и Фондот за иновации каде преку различните инструменти, финансирање на своите проекти обезбедија голем број старт-ап и спин-оф компании. Со тоа активно се поддржаа голем број македонски иноватори и нивните идејни решенија. Сметаме дека сега е моментот кога овие иновации треба да се комерцијализираат и да се поддржат со цел нивниот бренд да се прошири на странските пазари. Се надеваме дека преку мобилната апликација голем број од овие иноватори ќе успеат да најдат странски партнери и да прераснат во една успешна приказна.

 

Мобилната апликација е достапна за Android и iPhone мобилни телефони и може да се симне од следниве линкови: Android и iPhone.



Сподели