Елизабет Наумовски: Родителите од Македонија ме направија храбра за деловниот свет

Елизабет Наумовски: Родителите од Македонија ме направија храбра за деловниот свет
БизнисРегулатива | 30.10.2019

Посветувањето на финансиската писменост од страна на искусните претприемачи и успешни луѓе од деловниот свет е важна мисија за подобрување на состојбата на многумина на кои им се неопходни вештини, знаења и искуства за носење на подобри одлуки. Таква личност е токму Елизабет Наумовски од Канада која има македонски корени, а е посветена на ширење на финансиската писменост преку оригиналното шоу „Финансиите се лични/ Finance is Personal“. Наумовски се залага за повеќе шанси за жените во бизнисот, за одговорни компании кои ќе вратат на заедницата, како и водење на малите и средни компании како да го планираат својот раст и како да се справат со тешките моменти кои се пресудни дали ќе опстојат или не.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

Бизнис Регулатива: Како воспитувањето од родителите имигранти од Македонија влијаеше на вашата финансиска и бизнис свест и колку е важен процесот на интегрирање во канадското општество, а со тоа и стигнување до бизнис можности?

 

Наумовски: Па, ќе мора да дојдете на Самитот Македонија 2025 за да го слушнете мојот говор. Јас, всушност, разговарам за сето ова и многу повеќе. Две клучни лекции на кои ме научија моите родители беа 1) Штеди го секој денар и 2) Кешот е крал, ако не можеш нешто да си дозволиш, не го купувај. Што се однесува до интегрирањето во канадското општество, јас сум родена во Канада, но моите родители ме научија да бидам горда на фактот дека моето наследство е македонско. Влегувајќи во деловниот свет, имав доверба во себе, дури и ако не знаев сè. Мајка ми, исто така, ме научи дека можам да постигнам се што можам да замислам.

 

Бизнис Регулатива: Вие го водите едукативното шоу „Финансиите се лични/Finance is Personal. Како дојдовте до идејата да ширите финансиска писменост преку социјалните медиуми?

 

Наумовски: Јас бев на канадска телевизија, но требаше да најдам спонзори. Без реклами, не може да се емитувате на ТВ. Во денешно време сите се на социјалните мрежи, но тоа воопшто не е лесен процес бидејќи јас мојата публика ја зголемував органски. Најдоброто нешто на социјалните медиуми е тоа што луѓето ширум светот имаат пристап до мојата порака. Социјалните медиуми се современ простор за претприемништво, па со напорна работа, добра порака, дисциплина и среќа, можете да достигнете до неверојатно широка публика и, да бидеме искрени, целиот свет има потреба од финансиска писменост.

 

Бизнис Регулатива: Вашиот акцент е ставен на жените во бизнисот и нив ги интервјуирате на различни теми. Каде ја гледате улогата на жените во економскиот раст, како мислите дека можеме да ја подобриме родовата еднаквост и да постигнеме еднаква плата за еднаква работа и што може да се постигне со женското лидерство?

 

Наумовски: Ова е прашање од милион долари. Ако го знаев одговорот, немаше да го имаме тој проблем. Само за да ја начнеме суштината на проблемот и да погледнеме на површината преку две поенти. Ни требаат примери од многу успешни жени и искуството на тие успешни жени. Жените треба да бидат слушнати и затоа го создадов шоуто. Другата причина е затоа што многу жени завршуваат во пензија во сиромаштија и јас сакав да ги едуцирам жените за да можат сами да бидат доволни на себе и успешни. Како жени, треба да се менуваме едни со други и да се поддржуваме едни со други. Исто така, ни е потребно компаниите да ја прифатат идејата за еднаква плата за еднаква работа и да го надминат застареното размислување.

 

Бизнис Регулатива: Главните пречки на малите и средни претпријатија се финансирање за нивниот бизнис и останување во живот во тешки времиња и состојби во економијата. Кој е вашиот совет за претприемачите на долг рок?

 

Наумовски: Фокусирајте се на тоа во што сте добри. Повторно, како што татко ми велеше: Кешот е крал, ако не можете да си го дозволите, не купувајте го. Секогаш имајте пари за „дождливи“ денови, затоа што ќе врне и ќе биде поројно. Значи, имајте средства за итни случаи.

 

Бизнис Регулатива: Вие ќе учествувате на претстојниот Самит на Македонија 2025 овој ноември. Што сакате да споделите со публиката и што очекувате од македонската деловна заедница?

 

Наумовски: Ќе ги покријам основите и се надевам дека финансиската писменост ќе одекне кај публиката, без разлика дали сте вработен или сопственик на компанија. Се надевам дека моите примери ќе едуцираат и инспирираат барем една личност во публиката. Тоа секогаш е мојата цел, со секое шоу што го снимам. Затоа што ако едно лице е инспирирано, таа личност ќе им го пренесе тоа на уште десет лица.

 

Бизнис Регулатива: Една од вашите страсти е редовно дарување крв и возвраќање кон заедницата. На кој начин можеме да инспирираме повеќе бизнисмени и корпорации да учествуваат во слични кампањи и да ја покажат својата поддршка на таков несебичен начин?

 

Наумовски: Започнав со донирање на крв кога мојата мајка доби дијагноза за канцер на стомакот во 2006-та година. Нејзиниот хирург ми кажа дека ѝ е потребна трансфузија на крв и ми рече „Ти си млада и здрава, зошто не донираш крв?“. До денешен ден имам донирано крв повеќе од шеесет пати. Верувам дека е многу важно да се враќа на заедницата. Клучот со донирањето крв е тоа што не ве чини ништо освен еден потрошен час од вашето време. Најдоброто е што може да спасите до три животи секој пат кога ќе донирате крв, односно да спасите некого кого воопшто не го познавате. Чувството навистина ве исполнува кога знаете дека сте направиле голема разлика помеѓу живот и смрт.

 

Луѓето треба да запомнат дека кога ќе дојдат до позицијата што ја постигнале во својата кариера, тие не стигнале таму сами. Да, потребно е напорна работа и многу време, но секогаш треба да има некој што ќе ја отвори вратата за вас.

 

Без разлика дали ги донирате вашите пари, време, вештини или менторство, опкружете се со луѓе и ресурси што можат да помогнат вашата филантропија да биде промислена и ефективна. Секој може да биде филантроп, без оглед на финансискиот статус. Дарувањето на вашето време, искуство, вештини или талент може да помогне во создавање на подобар свет.



Сподели