Автор: Славјанка Пејчиновска – Андонова
Дали сте компанија која користи опасни хемикалии/супстанции во секојдневното работење и производство? Многу мали компании користат. Веруваме дека правилно ги складирате, обележувате и постапувате со нив согласно Безбедносните листи кои ја пратат секоја супстанција која влегува во Вашиот погон. Но, дали Вашите вработени умеат да го идентификуваат опасниот отпад и дали се запознаени со правилниот начин за негово управување?
Знаете ли дека ако го помешате опасниот отпад со комуналниот и го ставите во контејнер чија содржина оди на депонија, директно ќе ги загадите нашите почви, подземни води, реки, езера и воздух? Можеби не сте свесни, мислите дека тоа е “само мало количество на отпадно масло“, “мала празна кантичка која содржела боја или растворувач” или пак “неколку азбестни табли кои ги заменивме на кровот на старата портирница“?
Во светот, но и во нашата земја, на опасниот отпад му се посветува посебно внимание токму поради својствата кои ги поседува, а кои кажуваат какви се негативни влијанија може да предизвика на животната средина и на човечкото тело.
Согласно истражувањето направено во 2014 година во Македонија базирано на податоци од индустриски сектор (вкупно 158 компании кои поседуваат А и Б интегрирана еколошка дозвола) вкупното количество на опасен отпад кој се создал во претходната година изнесувал 14.722,91 тони. Тој потекнува од различни индустриски гранки, најголем создавач на опасни фракции отпад е секторот метална индустрија, следува индустријата на експлоатација на минерални суровини, а најмал удел имаат прехранбената и преработка на хартија што е прикажано на графикот подолу.
Истражувањето идентификува дека 91% од опасниот отпад е складиран/привремено депониран на локација на создавачите, а само 9% од опасниот отпад се рециклира, повторно употребува или преработува.
Статистичките податоци од Државниот Завод за статистика на РМ за 2016 и 2018 година (Отпад според секторите од економска активност) со податоци за 2014 и 2016 година покажуваат удел на опасниот отпад во вкупниот отпад создаден од деловните субјекти (презентиран на следниот график) од 2,13% во 2014 година и 3, 99% во 2016 година што претставува раст од 87%. –
Неодамнешно истражување во Велика Британија (2014) покажало дека околу 4 милиони МСП (мали и средни претпријатија) во земјата немале воспоставен систем за правилно постапување со опасниот отпад (на пр. отпадни светилки, аеросоли, батерии или маслени крпи кои ги користеле во производните погони) што претставувало 80 % од вкупниот број на МСП, а околу 45% од испитаниците биле несвесни за фактот дека можат да бидат казнети поради несоодветното одлагање на опасниот отпад. Најважно е дека околу 32% од компаниите одговориле дека не се сигурни дека нивните вработени знаат да ги идентификуваат опасните фракции отпад и на кој начин да постапуваат со нив.
Во Македонија не е извршено слично истражување, но верувам дека ситуацијата не е подобра и дека управувањето со опасниот отпад претставува голем предизвик за сите нас – компаниите, регулаторите, образовните институции и консултантите, но и невладините организации.
Затоа сметам дека прв, многу важен чекор кон правилно управување со било која фракција на отпад, вклучувајќи го и опасниот, е идентификација на отпадот, односно да се провери дали во производниот процес или Вашата управна зграда се создава отпад кој има едно или повеќе опасни својства.
Дефинирање на опасен отпад
ЕУ Директивите, законските прописи на САД кои ги регулира EPA- Environmental Protection Agency и националните прописи од областа на животната средина (поточно Законот за отпад) ) го дефинираат Опасниот отпад како отпад кој според својот состав или концентрации на опасни супстанции што ги содржи може да предизвика опасност по животната средина, животот и здравјето на луѓето а воедно има едно или повеќе опасни својства/карактеристики.
Кои се тие опасни својства/карактеристики?
Најважни опасни карактеристики кои го одредуваат отпадот како опасен се:
· експлозивност (на пр. отпад кој содржи тринитротолуол, амониум нитрат, пиротехнички реагенси и сл.),
· реактивност (оксиданси) – на пр. отпадни боци со кислород, диазот оксид, итн.
· запаливост (на пр. отпад кој содржи метанол, ацетон, бензен, нафтени деривати, мазут, бензини, керозин, запаллив метален прав и сл.),
· надразливост, токсичност, инфективност, канцерогеност, мутагеност, токсичност за репродукција, екотоксичност (на пример отпад кој содржи хлорни соединенија, инсектициди, пестициди, оловни, живини соединенија, соединенија на никел, кадмиум, ПОПс хемикалии, електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори и др.),
· и својства на испуштање отровни гасови при контакт со вода, воздух или киселина.
Битно е да се спомене дека опасен отпад е и секој отпад што е измешан со опасен отпад и затоа е многу важно да не дојде до мешање на опасен со неопасен отпад или отпад кој може да се рециклира/реупотреби или согори.
Користејќи ја националната Листа на отпади во која сите фракции на отпад се поделени во 20 главни групи по местото на создавање на отпадот и опасниот отпад е означен со ѕвезда, ќе можете да препознаете дали кај Вас се создава опасен отпад и истиот да го селектирате од неопасниот.
Како примери на опасен отпад кои може да се сретнат во Вашата компанија ги посочуваме следните (во заградата е дадена шифрата на отпад):
Машинско масло (12 01 19*), употребени восоци и масти (12 01 12*), мазут и дизел гориво (13 07 01*), бензин (13 07 02*), отпадни хидраулични масла (13 01- сите типови), отпадни трансимисиони масла и масла за подмачкување (13 02 – сите типови), отпадни масла за изолација и за пренос на топлина (13 03-сите типови), филтри за масло (16 01 07*), отпадни води кои содржат опасни супстанции (16 10 01*), отпад што содржи масло (16 07 08*), оловни акумулатори (16 06 01*), никел кадмиумски батерии (16 06 02), батерии што содржат жива (16 06 03*), трансформатори и кондензатори што содржат ПХБ (16 02 09*), антифриз што содржи опасни супстанци (16 01 14*), искористени возила (16 01 04*), стакло, пластика и дрво што содржат или се загадени со опасни супстанции (17 04 04*), растворачи (20 01 13*), киселини (20 01 14*), бази (20 01 15*), фотохемикалии (20 01 17*), пестициди (20 01 19*), батерии и акумулатори (20 01 33*), дрво што содржи опасни супстанции (20 01 37*) и други.
Начин на одлагање
По идентификацијата, опасниот отпад треба да се одвои од неопасниот, да се спакува во посебни садови, конструирани во зависност од видот на отпадот (запалив, експлозивен, инфективен и слично), на кои задолжително треба да стои ознаката “Опасен отпад” и шифрата на отпад. Просторот каде привремено ќе се складира опасниот отпад треба да биде јасно обележан и одделен од другите објекти со ограничен пристап за неовластени лица.
Доколку опасниот отпад е наменет за извоз, третман, преработка и отстранување, треба претходно да се изврши испитување на неговите карактеристики.
Во Македонија не постои регионална депонија за одлагање на опасен отпад и истиот се извезува или преработува во компании кои имаат еколошка дозвола и дозвола за третман/преработка.
Усогласеност на начинот на управување со отпад со ЕУ регулатива
ЕУ регулативата е речиси во целост транспонирана во националното законодавство и управувањето со опасниот отпад е воспоставен на ист начин, преку главните барања дефинирани во Правилник за поблиските услови за постапување со опасниот отпад и начинот на пакување и означување ( Службен Весник на РМ бр. 15/08), а секој вид на опасен отпад поединечно ( на пр. отпад кој содржи азбест, електричен и електронски отпад, отпадни масла, отпад од батерии и др.) е регулиран со посебен законски/подзаконски пропис.
Во тек се донесувања на нови закони за отпад од електрична и електронска опрема и батерии и акумулатори.
Дали и колку се применува во пракса управувањето со опасен отпад?
На индивидуално ниво секој оператор постапува со опасниот отпад во зависност од познавањето на барањата на националното законодавство при спроведување на своите активности. Недостасуваат специјализирани обуки на вработените за правилно постапување со опасниот отпад, водење на евиденција, но и заштитна средства кои треба да се користат при ракување со овој вид на отпад.
Операторите кои изведуваат активности на отворено најчесто се придржуваат до барањата од националното законодавство преку собирање, означување и складирање на опасниот отпад на соодветна локација, а потоа и негово предавање на овластени компании.
На следниот линк може да ја видите Листата на овластени компании за собирање и транспорт на опасен отпад: http://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2014/11/Registar-za-Transport-opasen-otpad.pdf) воспоставена од страна на Министерство за животна средина и просторно планирање. Регистерот на издадени дозволи за складирање на електричен и електронски отпад, батерии и акумулатори и отпадни масла се наоѓа на следниот линк – http://www.moepp.gov.mk/wp-content/uploads/2014/11/Skladiranje-i-tretman-na-opasen-otpad-apdate-02-2016.pdf.
Наша препорака е добро да се погледнат дозволите кои ги поседуваат овластените компании (мора да ги видите шифрите на опасен отпад за кој ја добиле дозволата и нејзината важност)!!!
Инцидентно е присутна и појава од несовесни овластени компании кои и покрај потпишани Договори за преземање на опасниот отпад поради оддалеченоста на компанијата од која треба да се собере и транспортира опасниот отпад и мала количина на отпад како неисплатливо го сметаат подигањето на отпадот. Недостатокот на одзив и собирање на создадениот отпад за кој имаат склучено договор, ги принудува компаниите да го складираат истиот во рамките на инсталацијата, но тоа од нив бара дополнителни трошоци за обезбедување на место, посебни услови на чување, можни се и казни при инспекциски надзор, финансиски губитоци поради плаќање глоби и нарушување на имиџот.
Дел од правните субјекти кои вршат преземање на опасниот отпад се: “Минол” ДООЕЛ од Штип, “Полиеко Балканс” ДООЕЛ од Скопје, “ Нулта отпад” од Скопје, “ Елколект“ од Скопје, “ЕкоЦентар 97” oд Скопје, “Петреп” од Штип , “Ф Групација” ДОО од Скопје и други.
Овие компании веќе подолг период работат на територија на целата земја, имаат искуство, соодветен возен парк, машини и опрема и обучен кадар.
Видови и висина на глоби при несоодветно одлагање на опасен отпад
Регулаторот дефинирал глоби во износ од 3.000 до 4.000 евра во денарска противвредност кои ќе се изречат за прекршок на правно лице кое постапува со отпад, доколку:
§ не го селектира и не го класифицира опасниот отпад, според видот и карактеристиките определени во Листата на видовите отпад,
§ не го складира опасниот отпад на местата, во објектите или во инсталациите предвидени за таа намена,
§ го истура и/или го фрла опасниот отпад во водите, почвата, во садови кои не се предвидени за собирање на одредени видови на отпад, во канализационите и во другите инфраструктурни системи и објекти,
§ го меша опасниот отпад со други видови опасен отпад и врши мешање на опасен со неопасен отпад,
§ создавачот и/или поседувачот на опасен отпад не предаде/ предадат идентификационен формулар со податоци за видот, местото на настанување, количеството и начинот на пакување на опасниот отпад,
§ не го означува пакувањето на опасниот отпад со натписот „Опасен отпад", како и видот, физичките и хемиските карактеристики на отпадот,
§ не го пакува опасниот отпад во посебно конструирани садови, во зависност од видот, физичките и хемиските карактеристики на отпадот,
§ не склучи договор за собирање и транспортирање на опасен отпад и др.
Покрај компанијата ќе биде казнето и одговорното лице во правното лице кое постапува со отпад за горенаведените дејствија во износ од 400 евра во денарска противвредност.
Ако сте Менаџер на компанија, вложете време и финансии за обуки за вработените и воведување на правила за постапување со опасниот отпад согласно законските прописи, но и добрите европски/светски практики со што ќе ги заштитите здравјето на вработените и нашите реки, почва и воздух.
Содржината на овој текст не ги одразува ставовите на УСАИД, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Сојуз на стопански комори на Македонија и ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал. Содржината на текстот е од информативен и едукативен карактер и не претставува замена на правна помош.