Почнува реализација на пет мерки за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор

Почнува реализација на пет мерки за поддршка на туристичко-угостителскиот сектор
Rregullativa afariste | 16-11-2020

Министерството за економија денеска објави пет јавни повици за мерките за финансиска поддршка на туристичко-угостителскиот сектор предвидени во четвртиот сет мерки на Владата, информираше денеска на прес-конференција министерот за економија Крешник Бектеши.

 

– „Како што најавивме кога беше објавен четвртиот сет на мерки на Владата, главна цел на овие мерки е ревитализирање на економијата во услови на КОВИД-19“, изјави Бектеши.

 

Со мерката ваучери за домашен туризам ги поддржавме хотелиерите, а тоа го покажуваат и статистичките податоци за раст на бројот на домашни туристи, посебно во август.

 

Оваа мерка сè уште трае и сите граѓани кои добија ваучери имаат уште еден месец да ги искористат во домашните туристички капацитети и со тоа директно да ги помогнат на секторот кој забележа најголеми загуби во оваа здравствено-економска криза.

 

Бектеши објави дека почнуваат со реализација на пет мерки кои се директна поддршка за туристичките и угостителските работници.

 

1. Враќање на уплатената такса за привремен престој за 2019 година на сите категоризирани угостителски објекти.

 

Со цел поддршка на хотелиерството во Република Северна Македонија за време на кризата со КОВИД-19, Министерството за економија предвидува враќање на туристичка такса за 2019 година за сите угостителски објекти за сместување.

 

Со мерката транспарентно и ефикасно ќе се вратат средства директно на сите кои во 2019 година имаат уплатено туристичка такса.

 

Износот на средства за оваа мерка предвиден во Буџетот е 120.000.000,00 денари.

 

2. Грантови за туристички агенции

 

Износот на средства кој ќе биде доделен е во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и типот на лиценцата за работа а ќе изнесува најмногу до 180.000,00 денари за Б лиценца и најмногу до 430.000,00 денари за А лиценца.

 

Вкупниот износ на средства за оваа мерка предвиден во Буџетот е 116.850.000,00 денари.

 

3. Грантови за категоризирани ресторани за свадби

 

Со цел поддршка на угостителскиот објекти кои со одлука на Владата на Република Северна Македонија за време на кризата со КОВИД-19 беа затворени , со мерката се предвидува грантови за категоризирани ресторани кои имаа пад во нивните приходи над 75%, односно ресторани кои организираат свечености, свадби и настани, и поради пандемијата беа ограничени да вршат дејност.

 

Износот на средства кој ќе биде доделен е во зависност од остварениот вкупен приход во 2019 година, бројот на вработени и видот на решението за категоризација а ќе изнесува од 180.000 до 600.000 денари за правен субјект. Вкупниот износ на средства за оваа мерка предвиден во Буџетот е 60.000.000,00 денари.

 

4. Грантови за игротеки

 

Со цел поддршка на игротеките кои со одлука на Владата на Република Северна Македонија за време на кризата со КОВИД-19 беа затворени, Министерството за економија предвидува мерка за доделување на грантови кои ќе се одредат согласно вкупниот приход на субјектот во претходната, а ќе изнесува од 90.000 до 300.000. Вкупниот износ на средства за оваа мерка предвиден во Буџетот е 153.000.000 денари.

 

5. Грантови за лиценцирани туристички водичи

 

Имајќи предвид дека туристичките водичи се важна алка во целата туристичка понуда со мерката е предвидено грант во износ од 3 просечни плати односно по 65.000 денари за секој туристички водич кои поради кризата со пандемијата не можеше да ја обавува дејноста.

 

Вкупниот износ на средства за оваа мерка предвиден во Буџетот е 9.800.000 денари. За реализација на сите 5 мерки Министерството за економија со Ребалансот на Буџетот има обезбедено средства во износ од 459.650.000 денари, односно 7,5 милиони евра.

 

Со цел почитување на сите здравствените протоколи, Министерството за економија реализацијата на мерките го спроведува преку платформата www.domasiedoma.gov.mk или www.pushimenevend.gov.mk на која ќе можат да ги поднесат нивните барања и потребна документација онлајн.

 

– „Но, покрај поддршката за туристичко угостителскиот сектор сакам исто така да информирам дека минатата недела Министерството за економија објави јавен повик за кофинансирање на трошоци за занаетчиите“, изјави Бектеши.

 

Предмет на јавниот повик е кофинансирање на трошоци на занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, државјани на Република Северна Македонија преку кофинансирање до 60% од докажаните трошоци, но не повеќе од 60.000 денари направени за набавка на алати и репроматеријали.

 

За оваа мерка се предвидени средства со вкупен износ од 20.000.000 денари, а ќе бидат кофинансирани докажаните трошоци за набавки направени во 2020 година.

 

Разгледувањето и изборот на апликантите кои ги исполнуваат условите утврдени во Јавниот повик, ќе се прави по принципот „Прв дојден, прв услужен“, а крајниот рок за аплицирање по овој јавен повик е исто така е до 27.11.2020 година.


Сподели