Поднесени законски измени: Работниците постари од 64 години одат во пензија до крајот на 2021, освен доктори и професори

Поднесени законски измени: Работниците постари од 64 години одат во пензија до крајот на 2021, освен доктори и професори
Rregullativa afariste | 10-11-2020

Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи влезе во Собранието, според кој сите работници, освен докторите од јавното секундарно здравство и професорите од високото образование, постари од 64 години ќе мора да се пензионираат до 31 декември 2021.

 

Ова беше најавено уште во владината програма со изгласувањето на новиот мандат на Владата во Собранието, а сега е познато дека сите работодавачи кои имаат склучено договори со своите работници да работат до 67 години, наместо до 64, ќе мора да им завршат на истекот на следната година.

 

„За поднесените изјави за продолжување на договорот за вработување до 31 август 2020 година се применуваат одредбите од Законот за работните односи. Договорот за вработување од ставот 1 на овој член важи до истекот на времето за кое е продолжен, а најдоцна до 31 декември 2021 година“, се вели во измената во членот 104 кој го регулира одењето во пензија.

 

Истовремено се изменува и Законот за здравствена заштита со кој здравствените работници ќе може на 64 години да го продолжат договорот и да работат до 67 години, но само во јавна здравствена установа која врши здравствена дејност на секундарно ниво. Продолжувањето на договорот се врши еднаш годишно, а потпис ќе треба да стави и министерот за здравство. Се менува и Законот за високо образование каде што професорите исто така ќе можат да одат во пензија на 67 гдоини, со годишно продолжување на договорот од управителот на високообразовната установа.

 

„На лицето избрано во наставно-научно или наставно звање, кое во текот на учебната година го продолжило договорот за вработување согласно прописите за работните односи, работниот однос му трае до крајот на учебната година во која наполнило 67 години. Редовен професор во пензија може да изведува настава на студии од трет циклус и да биде ментор на докторски студии, како и да работи на научно-истражувачки проект под условите определени со статутот на универзитетот, односно статутот на самостојната висока стручна школа“, се вели во одредбите кои се менуваат.

 

Се менува и законот за административни службеници, каде што во членот 98 изрично се нагласува дека административниот службеник му престанува работниот однос по сила на закон доколу наполни 64 години возраст и 15 години пензиски стаж, За разлика од другите законски измени, овдека се вели дека спроведувањето на овој закон предизвикува финансиски последици врз буџетот и другите јавни финансиски средства, но не е конкретизирано дали се мисли на плаќање отпремнина или слично.


Ќе има промени и во членот 174 од Законот за внатрешни работи каде што досега постои можност работник на Министерството за внатрешни работи да поднесе писмена изјава за да му се продолжи договорот за вработување и да работи најмногу до навршување на 45 години пензиски стаж, без оглед на неговите години на возраст. Сега се предлага да се укине можноста за поднесување на такви писмени изјави и на тој начин работникот задолжително ќе се пензионира со навршување на 40 години пензиски стаж без постоење на законска можност за продолжување.

 

Извор: Фактор


Сподели