Немање на стимулативни мерки за формализација на работата за потребите на домаќинството и немање механизми за формализација на сезонските работници во земјоделието
Постојат области во македонската економијата каде што неформалноста е многу голема, како што се сезонските работници во земјоделието и работата за потребите во домаќинствата (чистење, градинарство, услуги за одржување, приватни образовни часови, грижа за деца и возрасни лица, реновирање, доградба на домовите, итн.). Развојот на компаниите кои би го подигнале квалитетот на услугите и би поставиле стандарди во давањето на услугите во овие области е скоро невозможно, поради големото влијание на неформалноста врз цените на услугите. Тешко е овие сектори да се формализираат без стимулативни иницијативи, па затоа се предлага воведување на Ваучер систем за сезонските земјоделски работници и услугите за потребите на домаќинството.
Предлогот е да се воведе Ваучер систем за стимулирање на формализација на економските активности и со воведувањето на ваучер системот се очекува да се формализираат овие области, што ќе доведе до развој на нови бизниси или проширување на постојните бизниси.