Бесими најави ребаланс на буџет, нови кредитни линии за фирмите и поддршка од развојната банка

Бесими најави ребаланс на буџет, нови кредитни линии за фирмите и поддршка од развојната банка
Rregullativa afariste | 01-10-2020

 Министерот за финансии Фатмир Бесими на денешната средба со Македонска банкарска асоцијација најави дека е подготвен ребалансот на буџетот со кој ќе има дополнително кратење на непотребните буџетски расходи со цел да се обезбеди реализирање на четвртиот пакет на мерки за помош на економијата погодена од кризата предизвикана од КОВИД-19 пандемијата. Според Бесими од четвртиот пакет има 160 милиони евра кои се директна фискална импликација врз буџетот, па така ќе се крои и ребалансот. Јасно е дека ќе расте и јавниот долг, но во одржлива мера. Се разговара и со Светска банка и финансиските институции на ЕУ за реализирање на финансиска поддршка на економијата преку нови кредитни линии. Државата преку Развојната банка ќе обезбеди фонд од 10 милиони евра за покривање на банкарските гаранции за компании во потешка состојба за да може да обезбедат кредити од комерцијалните банки. 

 

 

„Стилот на живот кој ни го наметна КОВИД-19 пандемијата донесе специфична ситуација. Задоволство ми е што оваа средба доаѓа на почетокот на мандатот и обврските кои ги преземав како министер за финансии. Треба да размениме искуства и да развиеме дебата како да ги оствариме поставените цели. Го донесовме и четвртиот пакет на мерки за помош на економијата. Ние бевме насочени кон тоа да дадат ефект таму каде што е најсилен ударот на пандемијата како потрошувачката на најранливите категории, потоа поддршка на ликвидноста и финансиската стабилност на компаниите. Ситуацијата е сериозна, сакам да ги слушнам ставовите на бизнис заедницата за подобро да се справиме со последиците од КОВИД-19. Притоа не треба да ги занемариме долгорочните цели за раст и стратешки определби во финансискиот систем. Сакаме да оствариме годишен раст на економијата од 4% и да создадеме услови за обновување на економијата во пост-корона периодот. Банките успеаја да ја одржат финансиската стабилност во изминатиот период. Четвртиот пакет е проценет на 470 милиони евра од кои 160 милиони евра се директна фискална импликација за што ќе биде потребен ребаланс на буџетот и ќе се кратат одредени трошоци и непродуктивни расходи. Се очекува да се зголеми и јавниот долг, но не во мера да се загрози фискалната одржливост. Со развојната банка работиме на нова линија од 150 милиони евра кои ќе се вбризграат во економијата. Ќе има и линија на бескаматни кредити за поддршка на конкретни групи. Со фонд од 10 милиони евра преку банката за развој ќе се обезбедат банкарски гаранции за дополнителни кредити обезбедени од комерцијалните банки. Треба да се изработат и пуштат во употреба новите картички за еднократна помош на повеќе категории погодени од КОВИД-19 како што се невработени односно тие кои изгубиле работа поради кризата, пензионери, самохрани родители и други кои ќе се издаваат преку банките. Не очекува и викенд без ДДВ како и повеќе даночни олеснувања. Работиме со ЕУ и Светска банка за воспоставување на интегриран систем за буџетско планирање и реализирање и управување со јавниот долг со долгорочно стратешко паметно планирање“ посочи Бесими.

 

 

Од Македонска банкарска асоцијација истакнаа дека банките ја одржале стабилноста на системот, презеле бројни мерки за заштита на клиентите и растоварување на гужвите преку нова систематизација на парични трансфери на пензии и субвенции, и дека вложиле максимални напори за брза изработка на домашните платежни картички од досегашните мерки за помош.

 


 

 

„Овозможивме одложување на исплатата на кредитите наменети за најпогодените сектори кои имаат најсериозни проблеми како и за физичките лица погодени од кризата. МБА даде значаен придонес во подготовката на поголемиот дел од мерките на владините институции со нашите правни комисии како на пример уредбвите за облигациони односи и кредитно изложување, извршување и итн. Дадовме поддршка за домашната платежна картичка. Беа вложени вонредни напори од сите девет банки кои беа вклучени во многу кратко време за изработка на картичката, особено кога имавме ограничување на работата на експозитурите. Воведовме нови системи за исплата на пензии и други трансфери на исплати. Го поместивме времето на исплата на пензии предвреме со цел да се растоварат гужвите. Банките како оптштествно одговорни институции донираа финансиски средства и опрема за здравството и однапред го уплативме данокот на добивка со аконтациите“ рече Маја Стевкова Штериева претседател на Македонска банкарска асоцијација.



Сподели