Азески за Фактор: Нема напредок во економијата ако не функционира правната држава

Азески за Фактор: Нема напредок во економијата ако не функционира правната држава
Rregullativa afariste | 11-09-2020

Остануваме на констатацијата дека и понатаму јавниот сектор ќе го спасува приватниот, за после тоа приватниот сектор да може да го спаси јавниот сектор. Исто така, договорено е суетите да се остават на страна, да може транспарентно да се зборува за сѐ, што е поврзано со бизнисот и да се поддржи извозот, индустријата, кои ќе останат на нозе.


Ние сами не можеме. Нека помогне државата, па ќе враќаме.


Можеби е познат став, но ова тврдење на Претседателот на Стопанската комора на Македонија сега можеби има најдлабока суштина. Компаниите ја живеат една од најголемите економски кризи досега. Бранко Азески пак, секогаш отворено одговара за проблемите. Во интервју за Фактор зборува кои се клучните предизвици за сите фирми и домашни и странски, мали и големи, извозници и увозници и за што прво бараат од новата Влада.


Фактор: Македонија, но и светот се соочени со еден предизвик од здравствен аспект. Ние не паметиме ваква криза која силно се рефлектираше врз економијата, иако во Македонија имаше економски предизвици и пред оваа криза. Кои се клучните проблеми со кои сега се соочува домашната економија, македонските фирми? И кои треба да бидат решенијата, ете да излеземе помалку ранети?


Азески: Во прашањето е содржан и одговорот, затоа што ако прашаме со кои предизвици се соочува македонската економија ќе констатираме дека клучните проблеми остануваат исти веќе 30 години. Тие се три пункта проблеми - односот на капиталот и трудот односно кај нас се уште работниците се незадоволни од работодавчите и обратно. Вториот диспаритет е прашањето на односот помеѓу работоспособното и издржуваното население и третиот е континуитетот на почитување на договорите при промена на власта. Ние не се обидовме околу овие прашања суштински да направиме значителен чекор напред. Често ја споменувам средбата со гувернерот на полската банка, според кој нема напредок во економијата ни 0,1 отсто ако нема правна држава. Кај, нас, самите констатираме дека не ни функционира правната држава и тоа е проблем. Од друга страна нема чекор напред и ако ние пред секои избори правиме дисконтинуитет во договорите кои се склучени. Тоа создава правна несигурност. Исто така, клучно е прашањето за издржуваното и работоспособното насление и на крајот прашањето дека ние и по 30 години тешко сфаќаме дека живееме во пазарна економија во услови на конкурентност. Секое губење на време и на дополнителни средства значи губење на работни места и тоа е проблематично.


Фактор: Сега сепак се соочуваме со економската криза. Колкави се досегашните „штети“ за македонските компании и во кои пунктови беше најголемиот удар?


Азески: Свесни сме дека ќе живееме со тој проблем, а тоа значи дека ќе се справуваме во од, под основното мото „Прво е човечкиот живот, а сѐ останато после“.


Сепак ударот беше страотен, затоа што не беше најавен ниту предвиден. Не го предвидоа ни нобеловците, или пак најреномираните институции во светот. Овде зборувам, пред сѐ, за економската криза. Беше голем удар, но можам да кажам дека ние се снајдовме. Особено со отворањето на коридорите и со зголемувањето на извозот. Тоа го покажуваат и бројките. Послабо се снајдовме со воспоставувањето на функционирањето на големите системи и компании, а најлошо се снајдовме таму каде државата ги затвори објектите и ги остави практично без работа извесно време и после долго се бараше решение како да се вратат.


Јас ќе се вратам на она што го кажав за вашиот ценет медиум пред шест месеци кога реков дека државата мора да им помогне сега на компаниите, за тие после да ѝ помогнат на државата. Ние остануваме на таа основна девиза. Признаваме дека сами не сме способни да се справиме со кризата и бараме помош од државата. Ние сме подготвени после преку некои кризни даноци да партиципраме и тоа да се врати во буџетот односно тие средства да се користат за намени за кои биле предвидени. Мислам дека тоа е рецептот и по тој рецепт треба да се држиме.


Фактор: Значи не очекувате драстично губење на работни места во секторите кои и досега беа доста погодени, тие имаат такви предвидувања, тој процес веќе и се случува.


Азески: Да, тие беа доста погодени, особено малите компании. Оние компании кои ние ги претставуваме имаат проблеми, но тие проблеми не се така изразени, за да биде доведена во прашање нивната егзистенција. Ќе се бориме, нема да се откажеме и мислам дека со помош на државата ќе успееме да ја дочекаме новата година на нозе. Тогаш треба промена на стратегијата односно форсирање на компаниите кои ќе бидат и натаму во полна кондиција за да можат да ги вратат тие средства кои ќе бидат употребени за намалување на ризиците.

 

Целото интервју со Претседателот на Стопанска комора на Македонија за Фактор можете да го прочитате ОВДЕ.



Сподели