Интервју Стојановиќ: За ликвидност на компаниите потребно е зголемување на постоечките мерки од државата, субвенционирање на плати и обезбедување на кредити за обртни средства

Интервју Стојановиќ: За ликвидност на компаниите потребно е зголемување на постоечките мерки од државата, субвенционирање на плати и обезбедување на кредити за обртни средства
Rregullativa afariste | 10-07-2020

Во рамки на Проектот на УСАИД – „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, во соработка со Платформата за јавно – приватен дијалог, составена од Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија, Христина Стојановиќ изработи Студија насловена како „Ефектите врз земјоделство и прехранбена индустрија предизвикани од здравствено-економската криза COVID-19 со препораки“.


Со Христина Стојановиќ разговаравме за предизвиците кои ги донесе пандемијата на корона вирусот и здравствено-економската криза која ја предизвика истиот врз земјоделско-прехранбениот сектор во нашата држава. Како што наведува и самата во Студијата, со анализата на податоците од економскиот преглед, може да се заклучи дека заеднички земјоделскиот и прехранбениот сектор имаат високо место по придонесот во БДП, вработеноста и заработувачката. Во ова интервју, Стојановиќ потенцира дека најчестиот предизвик на компаниите од анализираниот сектор се врзани токму со увозот и извозот, како и со обемната логистика и зголемените транспортни трошоци од страна на транспортните претпријатија. На крајот од интервјуто, разговаравме и за главните препораки за надминување на последиците предизвикани од оваа здравствено-економска криза и како земјоделскиот и прехранбениот сектор во иднина да се справи поуспешно со вакви и слични кризи.

 


 

Разговараше: Илија Јованов – ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал


БизнисРегулатива: Во нашата држава земјоделскиот и прехранбениот сектор се третиот најголем сектор по услугите и индустријата. Како успеа земјоделскиот и прехранбениот сектор да се екипира и да се регулира неопходното количество на храна и залихи во државата за да обезбеди потребната сигурност кај граѓаните во состојба на криза?


Христина Стојановиќ: Земјоделскиот и прехранбениот сектор се третиот најголем сектор по услугите и индустријата во нашата земја. Непосредно по првиот регистриран случај на корона вирус и со самото затворање на границите, неопходна беше потребата од екипирање на земјоделскиот и прехранбениот сектор со цел да се регулира нивото на храна и залихи во државата, за обезбедување на потребната сигурност кај граѓаните во состојба на криза. Земјоделскиот и прехранбениот сектор во државата почитувајќи ги здравствените мерки и реорганизирано како со работно време така и работна сила целосно одговорија со своите производствени и преработувачки капацитети за да се обезбеди потребната сигурност кај граѓаните во оваа здравствено-економска криза предизвикана од COVID-19. Дополнително, непречено се одвиваа итните увози преку организирање на транспортни конвои и поедноставени процедури со државите во услови на здравствената криза предизвикана од корона вирусот.


БизнисРегулатива: Дали сметате дека државата пружи адекватна и навремена поддршка за земјоделскиот и прехранбениот сектор? Како ги оценувате преземените владини мерки?


Христина Стојановиќ: Државата интервенираше во земјоделскиот и прехранбениот сектор преку интервентни финансиски мерки, како откуп на вишок производство и живина. Исто така, земјоделскиот и прехранбениот сектор е опфатен и во трите сет мерки, како и во кампањата Купувај Домашно, каде се поттикнува потрошувачката на домашните производи од овој сектор. Интензивирање на јавно приватниот дијалог во периодот кој следи е од големо значење со цел навремено прилагодување на мерките за поддршка за реалниот сектор.


БизнисРегулативаВие сте автор на Студијата „Ефектите врз земјоделство и прехранбена индустрија предизвикани од здравствено-економската криза COVID-19 со препораки“ и за потребите на истоимената студија спроведовте анкетни прашалници и интервјуа со компаниите од овие индустрии. Кои се најзначајните проблеми и предизвици за компаниите од овие сектори како последица од пандемијата на COVID-19?


Христина Стојановиќ: За потребите на Студијата и утврдувањето на улогата и реакцијата на здравствено економска криза COVID-19 во земјоделскиот и прехранбениот сектор се спроведе анкетен прашалник и интервју со прашања за три клучни компоненти: вработеност, прилагодливост на претпријатијата на кризата и мерки во период од 13.04.2020 година до 30.04.2020 година.


Одговори дадоа испитаници од микро, мали, средни и големи претпријатија од различни региони и дејности со кои се занимаваат и со каква опрема располагаат. Според спроведените интервјуа и анкета најистакнатите проблеми на компаниите од овие сектори како последица од пандемијата на COVID-19 се извозот на производи, како и увозот на материјали. Кога станува збор за извозот најбројни се предизвиците од аспект на тоа што голем дел од нарачките се одложени или доцнат, а во поглед на увозот, истиот е намален поради неизвесноста за планирање на тековни сезонски работи. Дефинитивно, најчестиот предизвик на компаниите од анализираниот сектор се врзани токму, со увозот и извозот, како и обемната логистика и зголемените транспортни трошоци од страна на транспортните претпријатија, како намалена работна сила поради задолжителната самоизолација.


БизнисРегулатива: Ефектите од кризата врз земјоделскиот и прехранбениот сектор според сублимираните резултати од спроведените анкета и интервјуа, ги сублимирате во две сценарија: на краток рок, доколку криза трае до јуни 2020 и на долг рок, доколку криза трае до декември 2020 година. Можете ли накратко да ни кажете кои се долгорочните ефекти и последици од оваа криза врз земјоделскиот и прехранбениот сектор?


Христина Стојановиќ: Претпријатијата од земјоделскиот и прехранбениот сектор оваа 2020 година, според податоците на Државниот завод за статистика ја стартуваа добро, при што оваа здравствено-економска криза влијае врз намалување на продажбата и тоа во најголем процент поради директното влијание на последиците од COVID-19 на извозот и потребните логистички транспортни последици предизвикани од COVID-19 кризата. Во поглед на профитабилноста во 2020 година како последица на кризата од COVID-19, 43.14% од претпријатијата сметаат дека ќе се намали за 41-60%, што значи дека земјоделскиот и прехранбениот сектор ќе ја одржуваат ликвидноста на своите претпријатија, но причината за намалената профитабилност ја наоѓаат во намалениот извоз, па така според спроведена анкета ова намалување на профитабилноста е под директно влијание на 36.6% на извозот на друштвото.


Доколку COVID-19 кризата заврши до крајот на јуни 2020 година, најголемиот број анкетирани и интервјуирани компании сметаат дека ќе им биде потребно од 6 до 12 месеци да се вратат на вообичаеното ниво на работење, додека пак доколку кризата заврши до крајот на декември 2020 година, 41.1% од компаниите сметаат дека ќе им биде потребно повеќе од 12 месеци да се вратат на вообичаеното ниво на работење.


БизнисРегулатива: Што може да се заклучи од анализата на податоците од економскиот преглед во Вашата Студија?


Христина Стојановиќ: Со анализа на добиените податоци од анкетата и спроведените интервјуа преку трите компоненти вработеност, прилагодливост на претпријатијата на кризата и мерки, може да се заклучи дека вработените се битен и важен ресурс во најважниот земјоделскиот и прехранбениот сектор, овој заклучок се изведе поради тоа што бројот на намалени вработувања е минимален, а просечна плата по вработен е одржана во периодот на оваа здравствено економска криза. Претпријатијата имаат значително намален увоз и извоз, а со тоа им е намалена продуктивноста и ликвидноста, при што овој период на здравствено-економска криза COVID-19 го преживуваат со намалени трошоци. Претпријатијата од овој сектор се подготвени да ја одржат ликвидноста до јуни 2020 со отежната работа и наплата и истите, иако немаат воспоставен кризен менаџмент добро ја одржуваат ликвидноста, која пак би била голем проблем доколку кризата продолжи до декември 2020 година. Мерките со кои претпријатијата ќе ја одржат ликвидноста можат да се обезбедат со помош на државата, преку зголемување на веќе постоечките мерки од државата, субвенционирање на плати и со обезбедување на разни финансиски инструменти-кредити за обртни средства со минимална камата.


БизнисРегулатива: Кои се главните препораки за надминување на последиците предизвикани од оваа здравствено-економска криза и како земјоделскиот и прехранбениот сектор во иднина да се справи поуспешно со вакви и слични кризи?


Христина Стојановиќ: Имајќи предвид дека земјоделско-прехранбениот сектор е приоритетен сектор во нашата држава без кој не може да се одржува животот на луѓето, и значително намалениот извоз и увоз, како и фактот дека ниту овој сектор не бил во можност да ја предвиди кризата па така дел од главни препораки се: субвенционирање на платите во континуитет се до завршување на оваа здравствено-економска, олеснување и одлагање на плаќање на даноци, мерки со кои извозот и увозот би течел непречено, обезбедување на кредити со мали каматни стапки за одржување на ликвидноста и обезбедување на обртни средства за претпријатијата.


Дополнително, потребно е укинување на каматите за одложено плаќање на кредитите, обезбедување на гаранција за заем и заем за обртни средства, намалување на ДДВ од 18% на 5% на репроматеријали кои се користат во земјоделскиот и прехранбениот сектор со цел зголемување на конкурентноста на македонските производи, подобрување и поттикнување на конкурентноста на претпријатијата преку спроведување на програми за поддршка на окрупнување на производните површини и капацитети.



Сподели