Интервју Џамбазовски: Се движиме кон 400 милиони евра пад во туризмот, 20 илјади работни места се во опасност

Интервју Џамбазовски: Се движиме кон 400 милиони евра пад во туризмот, 20 илјади работни места се во опасност
Rregullativa afariste | 15-06-2020

Туризам и угостителство е еден од бизнис секторите врз кои економската кризата со КОВИД – 19 несомнено најмногу се одрази. Првите мерки кои се преземаа од страна на земјите низ светот вклучија ограничување на движењето и патувањата на луѓето како и затворање на угостителските објекти. Во текот на изминатите месеци експертската фела постојано ги анализираше случувањата и креираше препораки за тоа како овој бизнис сектор би можел полесно да заздрави и да се регенерира.

 

Денеска, разговараме со Кристијан Џамбазовски кој е еден од авторите на студија за ефектите врз приватниот сектор - туризам и угостителство погоден од здравствено - економската криза предизвикана од пандемијата COVID-19. Студијата е спроведена во рамки на Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива, во соработка со Платформата за јавно – приватен дијалог, составена од Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија.

 

Разговараше: Тамара Тодоровска - ЕПИ ЦЕНТАР

 

БизнисРегулатива: Во една ваква специфична ситуација многу бизнис сектори се обидоа да се прилагодат на новонастанатите услови за работа и да продолжат со одредени модификации во своите бизнис операции. Според анализата што ја спроведовте, какви се реалните можности за прилагодување на секторот туризам и угостителство, доколку се имаат предвид силните глобални влијанија, како и рестриктивните мерки коишто секоја држава индивидуално ги презема?

 

Џамбазовски: Ситуацијата е многу сложена и според размерот претставува предизвик со кој што светот досега не се соочил. Многу е тешко да се прилагодиме во вакви услови во кои е целосно нарушен меѓународниот пазар на туризмот, а побарувачката на туристички аранжмани сведена на најнизок степен. Истражувањето за потребите на студијата покажува дека компаниите од туристичкиот сектор освен реорганизација и економизација, превземаат и чекори во насока на одржување на нивните основни производни структури за што секако помагаат и мерките за поддршка на работните места преку уредби за финансиска поддршка кои ги донесе Владата на Република Северна Македонија. Според добиените резултати од истражувањето очекувам во иднина да се промени животниот стил, а со тоа да се промени побарувачката кон аранжмани кои во својата програма ќе вклучуваат сместување во еколошки чиста средина, традиционално земјоделие, традиционални вредности, кои ќе бидат реализирани во помали групи и низ високи хигиенски стандарди.  Стопанствениците од туристичко-угостителскиот сектор се свесни за тоа што следува и сметам дека ќе успеат да ја прилагодат својата понуда на новите меѓународни трендови.  Од друга страна како резултат на пандемијата се наметнуваат протоколи кои ќе значат ограничена продуктивност и одвивање на туризам во отежнати околности. Претстои тежок процес на прилагодување кон стриктни протоколи кон кои прилагодувањето е можно на краток рок, но тешко ми е да замислам дека може да се практикуваат стриктни протоколи во туризмот на подолг рок.

 

БизнисРегулатива: Гледано на државно ниво, какви се проценките за потенцијалните загуби на компаниите, најпрво во уделот на БДП, но и на работните места коишто ги генерира овој бизнис сектор?

 

Џамбазовски: Во студијата претпоставивме две сценарија за развој на ситуацијата и тоа во првото сценарио каде ги прогнозираме ефектите врз перформансите на дестинацијата доколку пандемијата заврши до месец јуни и второто сценарио каде ги прогнозираме ефектите врз перформансите на дестинацијата доколку пандемијата потрае до крајот на годинава. Двете сценарија предвидуваат огромни загуби за економијата особено за туристичкиот промет. За жал во тек е второто сценарио кое предвидува пад на туристичкиот промет за приближно 400 милиони евра што покажува дека секторот туризам ќе остане безмалку без економска активност за календарска 2020 година со пад на бројот на ноќевања за 80% што претставува шок од невидени размери за компаниите од секторот. Ова поставува во ризик до 20 илјади работни места во секторот. При реализација на второто сценарио студијата обработува и прогнозира загуба на работни места во дијапазон од 4 илјади до 20 илјади работни места и тоа во зависност од нивото на ефективност на економскиот одговор од страна на државата при што доколку имаме високо ефективен економски одговор кој во својот сет вклучува широка поддршка на компаниите за задржување на работните места во обем и времетраење според развојот на ситуацијата кои ќе бидат пласирани низ едноставни и неселективни процедури тогаш загубата на работни места може да биде задржана на 4 илјади загубени работни места. При истиот развој на ситуацијата, но при делумно ефективен економски одговор според обработените податоци и резултати од студијата ќе бидат загубени 10 илјади работни места во секторот, додека при ниско ниво на економски одговор мерките нема да го намалат влијанието врз компаниите како последица на COVID 19 и може да се очекува загуба на 20 илјади работни места во секторот.

 

БизнисРегулатива: Досега излегоа 3 пакети мерки за помош на приватниот сектор. Во колкава мера овие мерки би можеле да го спасат секторот од колапс и во која насока би требало да се размислува за дополнителните мерки коишто би се креирале во следниот период?

 

Џамбазовски: Во моментот кога се спроведуваше истражувањето не беа објавени вториот и третиот сет на мерки за поддршка затоа првиот пакет мерки од испитаниците беше оценет како добар, во вистински правец, но задоцнет и недоволен. Претпоставувам доколку го спроведеме истото истражување по донесувањето на вториот и третиот сет мерки од страна на Владата одговорите би биле позадоволителни. За да се постигне висока ефективност на мерките потребно е тие да ја постигнат целта за која се наменети односно да траат онолку колку што тоа ќе го наметне развојот на ситуацијата. Малку недостасува за да се постигне висока ефективност на економскиот одговор особено што досега објавените пакети за поддршка на стопанството ги опфаќа највисоките финансиски ставки. Од клучно значење е оваа поддршка да се совпаѓа со времетраењето на кризата што значи додека не заздрави секторот, односно до моментот во кој компаниите нема да ги исполнат условите за поддршка според критериумот за намален промет. Ова значи дека ефективноста на донесените мерки ќе зависи од тоа колку времетраењето на поддршката ќе се совпадне со времетраењето на кризата. Имајќи во предвид дека највисоките ставки на финансиска поддршка се веќе опфатени, не гледам пречка да се применат и другите мерки и препораки кои се дадени во студијата, а се однесуваат на реформи и специјално дизајнирани мерки на поддршка на секторот под формата на грантови како компензација поради неможноста да работат кои не се од помало значење, а ќе го максимизираат ефектот од мерките. Во втора фаза следуваат мерки во насока на поддршката и позиционирањето на дестинацијата на меѓународниот пазар.

 

БизнисРегулатива: Зборувавте за предлог промотивни активности коишто може да ги субвенционира државата, за да му се помогне на секторот туризам и угостителство во подобро справување со последиците од COVID-19 кризата. Какви активности од овој тип би биле најсоодветни да се спроведат, со оглед на тоа што секторот туризам и угостителство вклучува разновидни дејности со специфични потреби?

 

Џамбазовски: При спроведување на истражувањето за потребите на студијата излеговме од вообичаените рамки и кон истражувањето вклучивме и меѓународно етаблирани туроператори кои во својата понуда имаат распишано аранжмани кон Република Северна Македонија.  Според одговорите кои ги добивме на прашања кои се однесуваа за мерки на поддршка кои ги применуваат други држави добивме сознанија кои подоцна ги потврдивме дека држави и региони кои се популарни меѓународни дестинации воведуваат субвенции како поддршка на дестинацијата и интензивно работат на збогатување на нивните маркетинг програми преку комаркетинг. Тоа вклучува субвенционирање на дестинацијата и комаркетинг односно учество со 50% во маркетингот активностите за дестинацијата кои се реализираат од странски туроператор кој има распишано аранжмани кон република Северна Македонија или  домашен туроператор кој се обидува да пробие на одреден пазар користејќи различни промотивни алатки како дел од поголема кампања. Освен тоа потребно е поедноставување на процесот на субвенционирање кој веќе го имаме од претходно, но и изедначување на износите за поддршка на дестинацијата за сите држави односно еднаква поддршка за дестинацијата независно од која држава се организира патувањето.  Северна Македонија е дестинација на која и претходно и беше потребно субвенционирање за да биде конкурентна на меѓународниот пазар на туризмот. Во моментов ваков тип на поддршка на дестинацијата е потреба од највисок степен особено што мерките не предвидуваат дополнителни средства за субвенционирање туку поедноставување на постапката во склад со информатичиот развој и проширување на географскиот опфат. Што се однесува до маркетинг активностотите препораката е да се зголеми буџетот за маркетинг и  странски и домашни туроператори кои имаат распишано аранжмани кон Република Северна Македонија и инвестираат во маркетинг кампања да бидат поддржани со комаркетинг 50-50 по претходно одобрен план на активности, а со цел одржување на традиционалните пазари и пробивање нови пазари.

 

БизнисРегулатива: На крајот на месец мај и официјално е излезен документ од Светската туристичка организација при Обединетите Нации кој дава упатства на глобално ниво како треба одново да се стартуваат операциите во овој сектор. За какви приоритетни области и мерки станува збор и во која мера истите се во согласност со наодите во студијата за ефектите врз секторот Туризам и угостителство во Северна Македонија?

 

Џамбазовски: Неодамна и Светска туристичка организација излезе со свои проценки во однос на загубите во туристичката индустрија во светски рамки. Туристичката индустрија е една од водечките индустрии во светот која е исклучително силно погодена од светската пандемија и според проценките на UNWTO се очекува намалување на бројот на туристи за 1.1 милијарда туристи односно пад за 78% на туристичкиот промет што ќе генерира загуба од 900 милијарди долари во случај пандемијата да потрае до крајот на 2020 година со што во ризик се доведуваат до 120 милиони работни места во светски рамки. Сето тоа прави огромен притисок кон меѓународните организации за изнаоѓање решенија за што побрзо да се отпочне со процесот на рестартирање на туризмот.  Во напорите за изнаоѓање решенија за што побрзо рестартирање на туризмот, по реакции на бројни држави членки на меѓународните организации на кои економијата силно се потпира на приливот по основ туризам UNWTO изготви документ со проценки во однос на перформансите на глобалниот туризам кој вклучува и водич со препораки за меѓународно усогласување на стандардите во однос на процедурите при меѓународен проток на патници и давање туристички услуги при реализација на аранжмани во кои главниот акцент е поставен на заштита на здравјето на луѓето и меѓународна усогласеност на процедурите со цел практикување безбеден и проточен туризам. За жал проценките на UNWTO целосно кореспондираат со оние од нашата студија.  Во целост совпаѓаат проценките дека квалитетен одговор на здравствените институции и целосно ставање под контрола на здравствената криза е од клучно значење за туризмот.  Истото се однесува и на проценките за перформансите во туризмот кои се речиси идентични по однос на сценаријата кои ги претпоставививме во студијата за Северна Македонија со проценките на UNWTO на светско ниво за 2020 година. Според развојот на ситуацијата UNWTO во соработка со Светска здравствена организација подготвија препораки, односно водич за рестартирање на меѓународниот туризам со цел постигнување високо ниво на здравствена заштита во туризмот при усогласени стандарди и процедури. Воедно во друг документ објавен од страна на UNWTO се дадени препораки за поддршка на компаниите од туристичкиот сектор кои исто така кореспондираат со препораките дадени во студијата за Северна Македонија.

 

БизнисРегулатива: Покрај прилагодувањата од страна на бизнис секторот, потребни се прилагодувања и од самите туристи. Накратко,  каква е „новата туристичка реалност“ и што можеме да очекуваме дека ќе се случува на ова поле во следниот период?

 

Џамбазовски:  Туризмот нема да биде повеќе ист. Организираните патувања ќе се одвиваат отежнато, во помали групи низ нови гранични процедури и протоколи за патување. Капацитетите за транспорт, сместување и исхрана ќе се намалат. Најзасегнатите категории граѓани ќе избегнуваат патувања во групи, а со оглед на тоа што меѓу нив се највозрасните ќе значи дека одредени форми туризам побавно ќе се обноват. Хигиенските навики и одржување социјална дистанца ќе станат услов за туризам. Предност ќе имаат мали сместувачки капацитети во еколошки средини. Накратко една сосема нова реалност ќе имаме се додека целосно не заборавиме на оваа пандемија.



Сподели