Петков: Постои неизвесност во преработувачката индустрија за храна, иако засега имаме зголемена побарувачка

Петков: Постои неизвесност во преработувачката индустрија за храна, иако засега имаме зголемена побарувачка
Rregullativa afariste | 09-04-2020

 Кризата предизвикана од корона вирусот ги погоди сите економски сектори, отежнато е работењето на многу компании, а дел од нив целосно и престанаа да работат. Во преработувачката индустрија на храна состојбите многу зависат од условите за набавка на репроматеријали и организација на работниот процес. Виктор Петков, сопственик и директор на македонскиот реномиран производител Випро од Гевгелија, вели дека во време на изолација и седење дома се зголемува побарувачката на преработки на овошје и зеленчук и конзервирани производи, но постои неизвесност како ќе се одвиваат набавките, ангажирањето на работници кога ќе дојде главната сезона по месец мај, како и снабдувањето со резервни делови и одржување на опремата и машините со оглед на големиот застој во меѓународниот сообраќај. Засега Випро има 80 редовни вработени, а во главна сезона и до 120, па затоа Петков не смета дека ќе дојде до редуцирање на работната сила. За досегашните воведени мерки како и за долгорочни перспективи од економската криза прочитајте го целосното интервју со Петков.

РазговарашеХристијан Станоевиќ, ЕПИ ЦЕНТАР ИНТЕРНАЦИОНАЛ

БизнисРегулативаКаква е состојбата во преработувачката индустрија откако започна економската криза предизвикана од пандемијата со корона вирусот, дали има пад на побарувачката?

ПетковВо индустријата за преработка на овошје и зеленчук и конзервирани производи побарувачката е благо зголемена. Сметаме дека тоа е резултат на изолацијата, односно тоа што сега речиси сите се дома со нивните фамилии и побарувачката на овие производи е зголемена.

БизнисРегулативаКако го организирате производствениот процес со новите мерки за ограничено движење и кои мерки за заштита ги презедовте на вработените?

ПетковНие ова време работиме со редуцирано темпо бидејќи нам сезоната ни започнува по месец мај, односно некаде летото до август е главната сезона. Притоа ги променуваме и следиме сите мерки кои ги донесе државата, како и препораките на нашето здружение, меѓународните асоцијации и стопанската комора. Користиме заштитни маски и друг вид на заштитна опрема, се применуваат средства за дезинфекција, не е дозволено групирање на вработените, а воведено е и скратено работно време согласно мерките.

БизнисРегулативаСе соочувате ли сега со проблеми во однос на набавките на репроматеријали и суровини, дали има проблеми со транспортот и застој во доставата на производите, како на домашниот, така и на странскиот пазар?

ПетковЗа среќа сега немаме поголеми набавки, имаме одредени резерви па така не чуствуваме поголеми проблеми околу тоа, но загрозени сме во набавка на определени резервни делови и уреди за одржување на машините бидејќи ни е ограничено движењето и државите се во изолација со ограничени можности за деловни патувања. Самата процедура за царинско ослободување/преземање во Македонија беше и се уште е макотрпна, долготрајна, сложена и скапа. Поголемите камионски испораки и набавки одат полесно, но со мали задоцнувања. Истите речиси во сите држави редовно се пропуштаат. од друга страна нашите главни суровини се од домашно производство и сега за сега овој аспект се одвива непречено. Ние и пред кризата со корона вирусот бевме потпрени нашите главни суровини да бидат од домашно производство, па така и сега овој процес се одвива непречено. Фактот дека Македонија се уште има царини на земјоделските производи во екс ЈУ регионот од времето на Југославија за нас беше многу поволен освен за земјите на CEFTA, што за нас и претходно беше хендикеп и се уште е како за нас, така и за сите.

БизнисРегулативаКако што наведовте сега сте во сезона, но очекувате ли потешкотии откако ќе започне сезоната, во поглед на ангажирање на работници и набавка на потребните репроматеријали и суровини?

ПетковСезоната ќе започне по мај, додека главната сезона ќе биде во август. Околу суровините веќе споменав дека ние користиме речиси 85% од домашно производство, и сега за сега процесот се одвива како и вообичаено. Како ќе биде во периодот мај-октомври како и секојпат ќе зависи од побарувачката во околните земји производите кои ги користиме. Имено, Македонија е мала и сомнежите за количините одат во насока ако се јави побарувачка кај некоја поголема земја од Европа, да има недостиг за нашите потреби. Околу репроматеријалите генерално не очекуваме проблеми бидејќи интересот ни е заеднички со добавувачите, државите генерално ја поддржуваат стоковата размена, освен ако некој производ не е специфично потребен. Но, здравје да видиме како ќе се одвиваат работите, секако постои и неизвесност кај нас, како кај сите во регионот.

БизнисРегулативаДржавата веќе донесе пакет на мерки за поддршка на приватниот сектор во време на криза. Што мислите вие како стопанственик, дали истите се доволни за надминување на предизвиците и како долгорочно да се размислува за решенија од корист на стопанството, а со тоа и задржување на работните места.

ПетковГенерално Випро е пободрник на автоматски економски мерки (стимулативни) како автоматско намалување на царински давачки, автоматско неданочење со ДДВ на репроматеријали, олеснување и ослободвање од царинските процедури посебно за резервни делови, ослободувања или намалување со исполнување на определени промети, како и за вработувања и извоз. Со процедурите за пополнување апликации исто така има усложнување, субјективни и временски одложување, со ограничување на движење на луѓе, така да не сум сигурен дека овие мерки ќе помогнат целосно и соодветно, а падот во нашето стопанство секако ќе биде многу голем. За мене најважно е што ќе се оствари, а не самите ветувања дека ете ги исполнивме барањата на бизнис секторот што е еден вид на алиби.



Сподели