Димитриевски: Велес ќе биде познат и по стартапи освен „лажните вести“, со силната претприемачка енергија

Димитриевски: Велес ќе биде познат и по стартапи освен „лажните вести“, со силната претприемачка енергија
Rregullativa afariste | 10-10-2019

  X Фактор Акцелератор од Велес е првиот и единствен бизнис акцелератор надвор од Скопје, кој е основан од инвеститори со големо практично искуство во креирање, управување и поддршка на развојот на успешни стартап бизниси. Неговата мисија е да го поттикне и регионалното претприемништво преку раздвижување на стартап сцената и надвор од главниот град. Седиштето на акцелераторот е во строгиот центар на општина Велес, во деловни простории специјално опремени и дизјнирани за потребите на неговите корисници.

Проектот за негово стартување е поддржан од Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР), во соработка со Светска банка, преку инструментот за поддршка - кофинансирани грантови за воспоставување, работење и инвестиции на деловно - технолошки акцелератори. За досегашните активности и плановите за наредниот период, разговараме со Управителот на X Фактор Акцелератор, Милан Димитриевски.

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

Бизнис РегулативаКако настана идејата за основање на бизнис и стартап акцелератор во Велес, градот познат по „стартапите“ за лажни вести. Се менува ли идејата кај младите од Велес и регионот дека е време да се преземе ризик и да се основаат стартап компании?

 

Димитриевски: Идејата за формирање на бизнис акцелератор во Велес ја промовираше еден од нашите партнери, а останатите ја прифативме со големо задоволство. Имено, факт е дека е потребен силен импулс за раздвижување на стартап сцената и надвор од Скопје. Тоа е всушност нашата мисија. Велес да стане еден од клучните центри во државата, во кој сѐ повеќе ќе се зборува за претприемништво, иновации, стартапи. Но, во позитивна смисла.

 

Случувањата поврзани со лажните вести“ни дадоа само дополнителен мотив да се искористи претприемачката енергија која очигледно дека постои кај младите луѓе, но во позитивен контекст. Со нашата работа, веруваме дека ќе успееме да дадеме свој придонес за репозиционирање на негативниот имиџ кој се креираше за Велес и регионот во светски рамки.

 

Големиот интерес за влез во нашата акцелераторска програма, после само девет месеци од стартот на имплементацијата на овој проект, кој е поддржан од ФИТР во партнерство со Светска Банка, ни дава силна верба дека сме на правиот пат.

 

Бизнис РегулативаКаков вид услуги им нудите на компаниите и тимовите на стартапи кои сакаат да ја развијат нивната идеја и колку фази треба тие да поминат? На првиот демо ден презентираа осум компании со интересни идеи и атрактивни бизнис модели. Што понатаму со овие компании, како ќе се развиваат? Како го решавате прашањето за пристап до финансии и капитал кои се неопходни за настап на пазарот, особено на глобално ниво?

 

ДимитриевскиВо моментот сме во фаза, во која Комитетот за одобрување инвестиции треба да донесе финална Одлука за почетно инвестирање (максимум 30.000 евра) во дел од стартапите кои успешно ја завршија пред-акцелераторската програма во првиот инвестициски циклус. Имено, од вкупно 50тина апликанти, 13 тимови беа избрани и поминаа низ процесот на интензивен тримесечен тренинг за доразвивање на нивниот бизнис модел, по што се селектираа 8, кои учествуваа на првиот демо ден.

 

За време на обуките, сите учесници ги зголемија звоите знаења за успешно стартување и водење на сопствените бизниси, за маркетинг и продажба, финансии, проектен менаџмент, анализа на ризици и сл., водени од страна на Михаил Китановски од Д2ЕМ Консалтинг и Игор Андреев, кој е дел и од менаџерскиот тим. Голема вредност на целиот едукативен процес додадоа и онлајн едукативните курсеви на Spring Activator од Канада, до кои сите учесници имаа пристап благодарејќи на нашето стратегиско партнерство со SwissEP програмата.  

 

На оние стартапи во кои ќе се инвестирапреку имплементација на акцелераторската програма Заедно растеме“ ќе им се обезбеди континуирана менторска поддршка за глобален раст, прилагодена на нивните специфични потреби. Поддршката ќе биде обзезбедена пред сѐ од страна на нашиот тим, кој го сочинуваат искусни практичари кои имаат стартувано сопствени бизниси и успешно управуваат со нив, но ќе се искористи и мрежата на деловни соработници, која ја сочинуваат голем број домашни и странски бизнис-консултанти и ментори во разни области.

 

Откако ќе се заокружи процесот на почетно инвестирање (во 2-3 инвестициски циклуси), ќе следува фазата на дополнително инвестирање (максимум 70.000 евра), и тоа во оние бизниси кои ќе покажат најголем потенцијал за раст. Се разбира, и за нив, но и за сите останати стартапи од нашето портфолио ќе реализираме активности за нивна промоција, во насока на привлекување дополнителни финансии во наредните инвестициски рунди. Тоа ќе го направиме преку зголемување на мрежата на индивидуални и институционални инвеститори од земјата и странство, вклучително и на претставниците од дијаспората која континуирано се проширува.

 

Бизнис РегулативаШто е следно од ваша страна, ќе видиме ли нова програма за предакцелерирање и акцелерирање на стартапи и кој се може да учествува?

 

ДимитриевскиКако што споменав и претходно, следува втор инвестициски циклус во кој сите заинтересирани тимови ќе можат да аплицираат до крајот на 2019 година. При тоа, во Фактор Акцелератор може да аплицираат оформени тимови од минимум двајца поединци со јасна визија дека сакаат да запливаат“ во светот на претприемништвото, кои имаат и:

ü  креирани и пазарно валидирани производи/услуги, со кои на иновативен начин се решаваат проблемите на одредени целни групи клиенти (B2B и/или B2C),

ü  развиена првична верзија на бизнис-модел кој ветува солиден потенцијал за раст и

ü  силен мотив за брза комерцијализација преку јасна „Go To Market“ стратегија и план за продажба на први клиенти.

 

Во функција на привлекување атрактивни стартапи ќе реализираме и низа маркетиншки активности. Во оваа прилика, ќе ја споменам заедничката кампања И стартап е опција која започна да се имплементира со УГД - Штип на првиот академски час, а ќе финишира со панел дискусија на 19. ноември, со дел од студентите на Универзитетот. Настанот се организира во рамките на Global Entrepreneurship Week 2019, како најголем настан од овој тип во светски рамки, за што потпишавме Меморандум за соработка со Стартап Македонија.    

 

Сите дополнителни информации за процесот на аплицирање, условите и сл., може да се прочитаат на нашата веб-страна www.xfacc.mk, на која се наоѓаат и потребните апликациски форми. При тоа, пополнувањето на кратката апликациска форма е првиот чекор во овој процес. Заинтересираните апликанти можат да ги следат нашите активности и да не контактираат и преку официјалната фејсбук страна https://www.facebook.com/xfactoraccelerator/како и на email: info@xfacc.mk.

 

Бизнис РегулативаКолку е важно да се отвораат акцелераторски програми и надвор од Скопје низ државата, особено што имаме бран на иселување на млади луѓе кои тука не ја гледаат својата иднина, а регионалниот развој тапка во место, може ли стартап концептот да даде резултати?

 

ДимитриевскиВажно е. И тоа многу. Самото присуство на акцелераторот во Велес создаде нов моментум, кој искрено веруваме дека ќе придонесе во голема мера за регионалниот развој. Се организираат средби, настани, работилници. Во Велес доаѓаат исклучителни стартап тимови од цела држава, но и домашни и странски ментори, консултанти, инвеститори.

 

Со самото тоа се отвараат нови опции и можности за соработка. Така на пример, со група млади велешани - искусни ИКТ професионалци кои долго време работеле на пазарот во Скопје започнавме преговори за креирање партнерство за отворање на првиот и единствен иновациски хаб во Велес и регионот. Доколку се реализира и оваа идеја, ќе се направи голема синергија со активностите на акцелераторот, при што ќе се постигне повеќекратен ефект.

 

Се разбира, за брза и ефективна имплементацијата на идејата ни е потребна силна поддршка и од страна на локалните/регионалните власти, која веруваме дека ќе ја добиеме, од едноставна причина што тоа е пред сѐ во нивни интерес. Или, главниот бенефит за нив е да се создадат услови за тука да останат, живеат и работат млади и докажани ИКТ кадри кои заедно со нас ќе креираат една нова стартап, претприемачка и иновативна енергија во регионот. Всушност, само на овој начин, или со квалитетни кадри, може да се зборува и реално да се очекува развој во 21 век.

 

Бизнис РегулативаШто ви недостасува за развој на деловниот и стартап еко-системот во Велес, постои ли простор за измени на бизнис регулативата за подобрување на климата и задржување на ИКТ кадарот во Македонија, но и воопшто на квалитетните професионалци?

 

ДимитриевскиЗа ова прашање не би се ограничил само за деловниот и стартап еко-системот во Велес, туку би искоментирал неколку поенти за случувањата во целата држава. Имено, факт е дека се раздвижува стартап сцената кај нас и дека сѐ повеќе се зборува за стартапи, иновации и сл. При тоа, секако дека има извесни бариери во законската регулатива за кои се дискутира и се бараат соодветни решенија во рамките на голем број иницијативи и проекти, поддржани од домашни и/или странски донатори.

 

Сепак, според мое лично мислење, законските бариери не се најголемиот проблем за понатамошен развој на оваа сцена кај нас. Или, за мене сѐ уште најголем предизвик останува промената на свеста и менталитетот на младите луѓе во насока на градење претприемачка култура за превземање ризик, немање страв од грешка, излез од зоната на комфорт и спремност за многу работа, како и сѐ друго што е карактеристично за одењето по патот на креирање и раст на сопствен стартап бизнис.

 

Од искуствотото во акцелераторот во изминатиот период од 9 месеци сфативме и уште една работа, која да бидам искрен, не изненади сите. Имено, откривме дека дел од луѓето кај нас, нѐ само што имаат страв од неуспех, туку имаат страв и од можен голем успех. Од голем раст. Всушност, се стекна впечаток дека дел од стартап тимовите, иако имаат производи/услуги со глобален потенцијал, не веруваат дека и од тука може да се успее во светски рамки. Да се биде глобален играч.

Имајќи го тоа во вид, нашите напори беа и уште повеќе ќе бидат насочени кон промена на овие верувања. Во таа насока, ќе направиме сѐ што е во наша моќ да креираме портфолио од стартапи, кои преку своите примери ќе бидат позитивни case studies, што ќе поттикнуваат и мотивираат. Силно сме убедени дека ќе успееме во тоа.  



Сподели