Fashion Revolution Macedonia: Неопходни се иновативни кружни бизнис модели за заштита на средината

Fashion Revolution Macedonia: Неопходни се иновативни кружни бизнис модели за заштита на средината
Rregullativa afariste | 08-10-2019

Промените во законот за управување со посебните текови на отпад вклучувајќи го и текстилниот се уште се во фаза на изработка. Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива со поддршка на УСАИД веќе одржа инфо-сесии и поднесе позициони документи со конкретни барања за подобрување на начинот на кој се третира рециклирањето на отпадот од текстилната индустрија во Северна Македонија. Одлична иницијатива произлезе и од движењето Fashion Revolution Macedonia кое има за цел да ги промени негативните пракси во модната индустрија, навиките на потрошувачите, како и да ја едуцира јавноста со нивниот прв настан кој неодамна се одржа во Скопје. Со нив анализираме што може да се научи од светските искуства за третирање на отпадот од текстилната индустрија, за глобалните иницијативи кои се применливи локално и како да се подобри дијалогот меѓу засегнатите страни со конкретни идеи и решенија.

 

РазговарашеХристијан Станоевиќ

 

 

Бизнис РегулативаТекстилниот отпад кој се создава од текстилната индустрија засега во Северна Македонија е голем неискористен потенцијал. Тој завршува најчесто на депониите создавајќи огромни штети врз животната средина, но и економски загуби. Кој е вашиот став за решавање на овој проблем, потребна ли е соодветна регулатива која ќе овозможи негово рециклирање, реупотреба и евентуално доделување на остатоците од отпадот на модни брендови како по многу светски примери?

 

Fashion Revolution Macedonia: Текстилниот отпад создава огромна штета врз животната средина во глобални рамки. Многу од работата на голем број организации и фондации кои дејствуваат за неопходна промена во модната и текстилна индустрија е токму сконцентрирана на создавање решенија и преземање на соодветни мерки за соочување со овој предизвик. Соодветна регулатива е одлична идеја, а за тоа e потребна соработка помеѓу повеќе директно засегнати страни, т.е. владата, образовните институции, меѓународните организации, НВО секторот, оние коишто ги носат одлуките во текстилната индустрија, медиумите, како и потрошувачите, односно јавноста. Како што споменавте, има многу светски примери. Најактуелен е „Модниот пакт“, што е коалиција оформена од 32 модни и текстилни компании. Имено, во пресрет на Г7 Самитот, францускиот претседател Емануел Макрон, го задолжи претседателот и главниот извршен директор на групацијата за луксузни добра „Керинг“ - Франсоа Анри Пино, да ги обедини дел од лидерските модни и текстилни компании да се заложат за намалување на негативните влијанија кои ги има модната индустрија врз животната средина. Потписниците на „Модниот пакт“ ќе целат кон создавање на практични решенија за дејствување во три области поврзани со заштита на животната средина и тоа: спречување на глобалното затоплување, оздравување на био-диверзитетот и заштита на океаните.

 

Слични примери се и Глобалната модна агенда, што е организатор на лидерскиот бизнис настан за одржлива мода - Модниот самит во Копенхаген. Организацијата, веќе неколку години ја објавува Агендата за главните извршни директори (CEO Agenda), којашто претставува алатка со јасни насоки и акции која ќе им помогне на извршните директори да ја употребат моќта што ја имаат за да ја имплементираат одржливоста со сите свои димензии во нивните бизнис стратегии, а и во индустријата како целина. Главен акцент е ставен на климатските промени како врвен приоритет. Агендата е составена од четири најзначителни области во кои промените треба итно да се спроведат и четири приоритети за фундаментална промена за спроведување на подолг рок. Тоа се вкупно осум приоритети за систематска промена во модната индустрија. Агендата претставува водич, инструмент и катализатор за соработка. Еден од приоритетите на агендата е воведување на концептот на кружна економија во модната индустрија. Во моментов, модата се одвива линеарно. Се искористуваат природни ресурси за масовно производство, за да на крај 73% од облеката глобално, завршува во отпад.

 

Модната револуција е глобално движење чијашто мисија е да ги повика модните брендови да преземат одговорност за промена во модната и текстилна индустрија. За таа цел ги охрабрува потрошувачите да побараат од брендовите да бидат комплетно транспарентни во однос на целокупниот вредносен систем (ланец на набавка, производство, маркетинг, продажба, итн.), но најважно да бидат транспарентни за секој човечки ресурс кој додава вредност во процесот на создавање, продажба и употреба на модните производи. Тоа ги вклучува сите - од одгледувачот на памукот, преку оној кој ќе го сошие, спакува и пренесе модниот производ до продажните места, па сè до самиот потрошувач.

 

 

Имајќи предвид дека во Македонија, модната индустрија не е развиена, а од друга страна текстилната индустрија е повеќе развиена, нашата мисија како претставници на глобалното движење Модна револуција треба да ја прилагодиме на локално ниво. Во Македонија најзастапени се фабриките во кои облеката се изработува и се подготвува да биде испорачана. Во овој процес се создава дел од вкупниот текстилен отпад, за кој всушност во поголемиот дел сме одговорни самите ние, потрошувачите. За жал тука, сè уште немаме технологија и иницијатива за механичко рециклирање на отпадот . Иако на светско ниво постојат примери, сепак многу мал дел од текстилниот отпад механички се рециклира. Треба да земеме предвид дека текстилниот отпад не вклучува само облека, туку и медицински, технички и многу други текстили. Исто така, модниот отпад не е само облека, туку ги вклучува и модните додатоци (обувки, торби, ташни, мали кожни добра, накит и слично).

 

Од идејата да ја прилагодиме глобалната мисија на Модната револуција на локално ниво, рециклирањето низ реупотреба (обновлив дизајн/up-cycling) со искористување на остатоците од текстилните фабрики каде што се крои облеката е одлична идеја. Токму затоа би сакале да придонесеме во отпочнување на дијалог на таа тема. Формата на нашиот придонес со задоволство би ја разговарале. Во моментот сме на самиот почеток и во фаза на дефинирање на нашите цели. Ние се залагаме за активности кои имаат потенцијал за значителен придонес. Исто така се залагаме за соработка, затоа што тоа е единствениот начин на кој што можеме да постигнеме позитивни промени.

 

 

Добро е што во споредба со најпогодените региони во светот, земјите во Источна и Јужна Азија, каде што е сконцентрирано производството на облека историски и денес, ние сме сепак мала економија и голема е веројатноста за поефективно да ги спроведеме промените. Така, ќе бидеме добар пример за земјите во развој.

 

На светско ниво се воведуваат сè повеќе стандарди и регулативи за управување со отпадот, за работните услови на текстилните работници (безбедност и заштита во работните простории, промоција на подобри системи за дневници), како и ефикасна употреба на водата, енергијата и хемикалиите, поголема транспарентност, дигитализација итн. Тоа налага да ја подобруваме стратегијата за текстилната индустрија и да ја развиваме одржливата модна индустрија тука кај нас. Најголемата придобивка ќе ја имаме токму ние.

 

Што се однесува до модната индустрија во Македонија (модни куќи, брендови, препродавачки на модни производи), за истата да напредува, образованието и истражувачката дејност се едни од клучните засегнати страни. Затоа што потребно е повеќе од само да се едуцираат модните дизајнери да креираат етички и еколошки. Односно модата вклучува група од многу поголем спектар на професионалци кои се потребни за нејзин развој. Како на пример, специјализирани модни професионалци во бизнис и маркетинг, развивачи на модни производи, технолози кои ќе придонесат за креирање на иновативни решенија. Но, исто така и професионалци кои се специјализирани за одржлив развој, создавачи на регулативи, истражувачи и слично. Моментално кај нас образовните институции во најголем дел едуцираат модни дизајнери. Модата е многу повеќе од само креативност во поглед на дизајн. Потребно е да се создаваат креативни и иновативни кружни бизнис модели.

 

 

Бизнис РегулативаИсто така во проблемот со отпадот од текстил големо влијание имаат и потрошувачите. Често се купуваат нови парчиња облека, а старата се фрла, без притоа да се селектира за рециклирање, реупотреба или донација. Како да се промени свеста на граѓаните и колку вашите иницијативи во соработка со властите и засегнатите страни може да влијаат?

 

Fashion Revolution Macedonia: Како што споменав претходно, поголемиот дел од отпадот го креираме сите ние, во улога на потрошувачи. Дел од нашата мисија е да ја мотивираме и охрабриме јавноста да бидат посвесни потрошувачи. За таа цел нашата работа ќе вклучува споделување на информации, едукација и создавање на „простор“ кој ќе им овозможи на поединците да почнат да практикуваат позитивни етички, еколошки и покружни економски акции.

 

Бизнис РегулативаКоја е вашата мисија, каква „модна“ револуција предвидувате кога е во прашање текстилот и наоѓате ли досега одѕив и препознавање на заложбите?

Fashion Revolution Macedonia: Што се однесува до одѕивот, со оглед на тоа што само што го организиравме првиот настан, препознавањето на заложбите е во ред. Би сакале да имаме позначителен придонес, а тоа сепак зависи од нивото на соработка. Колку повеќе засегнати страни ќе ја препознаат нашата заложба и со кои ќе создадеме услови за развој, толку поголеми можности за соработка и позитивни промени ќе доживееме. Отвореноста за соработка ја вреднуваме како еден од најважните инструменти за напредок.



Сподели