Градежниците оптимисти за годинава, новите закони да бидат квалитетни

Градежниците оптимисти за годинава, новите закони да бидат квалитетни
Rregullativa afariste | 08-07-2019

По 2018 година, која градежните компании ја оценија како една од најтешките години за градежништвото, во следниот период очекуваме стабилизација на состојбите и враќање на улогата на градежништвото како двигател на растот на домашната економија, истакна Андреа Серафимовски, претседател на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите на денешната прес-конференција во Стопанската комора на Македонија (8.7.2019 година).

 

Ваквиот оптимизам е резултат на значително подобрување во однос на реализацијата на капиталните проекти преку ЈП за државни патишта каде во првите 6 месеци од 2019 година реализирани се 4,43 милијарди денари за инвестиции, што претставува пораст од 38,37% во однос на истиот период од 2018 година. ЈП за државни патишта ја започна годината со повеќе проекти меѓу кои автопатот Кичево - Охрид, експресните патишта Штип - Радовиш, Градско - Дреново, Дреново - Фариш, Штип - Крупиште, Крупиште - Кочани, Ранковце - Длабочица, Длабочица - Крива Паланка. Тука се и рехабилитациите кои ги спроведува со сопствени средства, средства од Светска банка и ЕБОР во коишто спаѓаат делниците: Радовиш - Подареш, Берово - Клепало, Охрид - Подмоље, Јурумлери - Драчево и други. Во меѓувреме завршена и пуштена во сообраќај е автопатската делница Миладиновци - Штип. Во второто полугодие од 2019 година се планира довршување и започнување на изградба, реконструкција и рехабилитација на државни патишта на 60 патни делници, санација на свлечишта, мостови, изградба на звучни огради и сообраќајна сигнализација во вкупен износ од околу 9,84 милијарди денари.

 

Послаба е реализацијата на капиталните расходи предвидени со Буџетот, каде од предвидените средства за капитални расходи во 2019 година заклучно со мај годинава реализирани се 13,74% или 3,568 милијарди денари. Сепак, во однос на номиналната реализација се забележува зголемување од 231 милион денари во однос на истиот период од минатата година кога биле реализирани 3,337 милијарди денари.

 

Во високоградбата, Серафимовски истакна дека во првите 4 месеци од 2019 година има намалување на бројот на издадени одобренија за градење за 7,5% и намалување на бројот на станови за 25,6% во однос на истиот период минатата година. Овие состојби, посочи Серафимовски, се должат пред сė на мораториумот на градби за кој компаниите очекуваат дека во следниот период ќе се одвива со позабрзано темпо и во заедничка комуникација со компаниите, со цел процесот да ја оствари првичната интенција – соодветно планирање и урбано живеење, но паралелно и континуиран развој и можност компаниите навремено да ги планираат своите активности, а не да претрпат штети и загуби.

 

- Може да констатираме дека оваа година сликата се менува во позитивна насока. Во првиот квартал од 2019 година наспроти првиот квартал од 2018 година забележан е пораст на градежништвото во БДП од 7%. Во периодот јануари - април има пораст на бројот на издадени одобренија за градење за 18,3% во однос на истиот период во 2018 година и пораст на предвидената вредност на работите во компарираниот период за 7,9%. Позитивни резултати се забележуваат и кај номиналната вредност на договорените градежни работи (договорени 46,9 милијарди денари со пораст од 34,34%), односно кај номиналната вредност на извршените градежни работи (извршени 6,2 милијарди денари со пораст од 7,2%). Вкупната вредност на договорени градежни работи во странство во првото тримесечје на 2019 година во однос на првото тримесечје на 2018 година бележи пораст од 415,3%, што се должи на склучувањето нови договори за реализација на капитални проекти во странство. Сепак, станува збор за многу мал број компании кои во моментот се присутни на странскиот пазар, претежно во Босна и Херцеговина, поради што има простор во консултација и со надлежните институции да се размислува за изнаоѓање механизми за враќање на домашните компании на странскиот пазар, – информираше Серафимовски.

 

Учеството на градежништвото во структурата на БДП по трајни цени во првиот квартал од 2019 година изнесува 4,9 %.

 

Според последните статистички податоци, во 2018 година вкупниот број на активни градежни компании изнесувал 4.938 или 6,8 % од вкупниот број на активни деловни субјекти во државата.

 

Во 2018 година од вкупно вработените 759.054 лица, во градежништвото биле вработени 56.263 лица или 7,41 % од вкупно вработените.

 

- Активностите на Здружението на градежништвото, индустријата на градежни материјали и неметалите во моментот во најголем дел се насочени и кон заземање активно учество во подготовката на суштинските прописи во областа на градежништвото - Законот за градење и Законот за урбанистичко планирање. Од особено значење во следниот период е донесувањето на квалитетни и применливи закони кои ќе одговараат на деловниот амбиент и работењето на компаниите, како и нивна соодветна имплементација во практиката што е предуслов за реализација на најавената градежна експанзија, – заклучи Серафимовски.



Сподели