Сталевски: Се создава околина за стартапите, но потребна е акција!

Сталевски: Се создава околина за стартапите, но потребна е акција!
Rregullativa afariste | 05-07-2019

Со брзиот развој на технологијата и новите можности за дигитализација се повеќе претприемачи и бизнисмени размислуваат да отворат стартап. Неодамна се одржа и инфо сесија во Битола на која учествуваа експерти и претприемачи токму со таков вид на искуство во развој на стартап, инкубирање и акцелерирање на бизниси, како и претприемачи кои веќе имаат успешен стартап бизнис. Со цел да ги подобриме сите неопходни услови како што е бизнис регулативата, државните мерки за поддршка на инвестиции, создавање на здрав еко систем за поддршка на стартапи отворивме дебата која ќе придонесе кон креирање на конкретни барања. За искуствата со претприемачите и какви компетенции им се потребни и како да продолжи процесот на подобрување на стартап климата разговараме со Јован Сталевски, претседател на организацијата за професионален тренинг и консалтинг „ЦЕФЕ Македонија“ и интернационален обучувач и советник по ЦЕФЕ Методологија.

 

РазговарашеХристијан Станоевиќ

 

БизнисРегулативаКажете ни нешто повеќе за вашето искуство со работа со претприемачи и стартап тимови кои имаат одлични идеи за започнување на бизнис или пак за експанзија на постоечкиот. Како најправилно да се насочат да го искористат сопствениот потенцијал?

 

Сталевски: Моментално ЦЕФЕ Македонија е една од најразвиените и најактивните членки на семејството кое го сочинуваат преку 100 ЦЕФЕ центри од целиот свет, водени од ЦЕФЕ Интернационал. Со гордост изјавувам дека наши експерти ги градат капацитетите и креираат нови претприемачи во Чиле, Јамајка, Филипини, Азербејџан, Кавказ, Европа... Нашата визија е да направиме свет каде што зголемената вработеност е резултат на претприемачкиот дух и култура на населението.

 

Она за што секојдневно сум благодарен и што ми дава мотив да се надоградувам е соработката со луѓе кои што се свесни дека нивниот личен успех зависи од самите нив, кои сакаат да креираат нова вредност и кои што докажуваат дека претприемничките вештини се клучни за поквалитетен и полесен живот. Соработката со многу организации и професионалци кои имаат мисија да го промовираат и шират претприемачкиот дух придонесоа на моите обуки да поминат преку 3500 луѓе од сите континенти. Ова искуство ме научи да гледам во сржта на секоја активност – се што ќе донесе дополнителна вредност во општеството вреди да се инвестираат ресурси.

 

БизнисРегулативаКои се најважните вештини и компетенции кои претприемачите треба да ги поседуваат, на што треба да работат и кои алатки им се достапни, формални и неформални во тој правец?

 

Сталевски: Доколку еден претприемач сака да успее во својата стартап приказна, мора да ја познава, или да има некој што ја познава, техничката област на бизнисот. За техничките вештини, секако на располагање е Гугл J, работното искуство, како и формалното образование.

 

Што се однесува до претприемачките компетенции, ќе тргнам од свој личен пример - мојата претприемничка кариера ја должам на луѓето кои што во круши и јаболка ми го објаснија цел Економски Факултет преку ЦЕФЕ Методологијата и ми дадоа компетенции да ги претворам можностите во вредност за мене и општеството. Најодговорно го препорачувам ЦЕФЕ методот на сите постоечки и потенцијални претприемачи за на искуствен начин да ги совладаат следните компетенции:

·        

Вмрежување – соработка со поддржувачи, потенцијални клиенти, постоечки клиенти.

·        

Барање и примање фидбек од клиенти или поуспешни од нив – како можност за подобрување на сите аспекти од фирмата, како и надоградување со нови идеи и пазари.

·        

Препознавање и креирање на производи кои вистински ќе задоволуваат одредени потреби кај клиентите – светот веќе функционира според економија на перформансот „колку музика – толку пари”, и според ова ќе зависат и продажните перформанси.

·        

Професионалност – од мое согледување во светот вистинските професионалци се ретки, тоа е можност што треба да се искористи!

·        

Продажба – таа решава се. Приливот на пари (кешот) е крвоток на секоја фирма, така и кај стартапите.

·        

Градење и водење на тим – кога претприемачот ја има визијата на фирмата пред себе, ако знае како да изгради тим и да го води, тој ќе ги “премине преку планината” и ќе им помогне и тие да ја видат големата слика и да работат на нејзино остварување.

·        

Да се сфати изреката „се што е вредно, изискува време”.

 

ЦЕФЕ методот ги учи овие вештини на искуствен начин. ЦЕФЕ е кратенка од „Competency based Economies, Formation of Enterprise”, или во превод, градење на економии засновани на компетенции, преку креирање на претприемачи. Методологијата е развиена во доцните 80ти од Германската влада и досегашните светски искуства и мерења покажаа дека на 98% од учесниците од микро претпријатие и на 68% на учесниците од мали и средни фирми им се зголемиле приходите за 30%, вработиле дополнителни лица, или ги прошириле своите бизниси.

 

БизнисРегулативаВо Македонија се уште не постои јасна дефиниција што е тоа стартап. Најопштата е поврзана со годините од регистрација на компанијата, додека пак некои стартапите ги поврзуваат исклучиво со апликации и софтвер. Треба ли да се размислува во тој правец, можеби преку посебна регулатива со цел да се дефинира што може да функционира како стартап, а потоа да се планираат и соодветни мерки за поддршка и развој?

 

Сталевски: Искрено, јас како обучувач не сакам да ги делам бизнисите на стартапи, зелени, црни, женски, затворенички, социјални, традиционални, земјоделски ... едноставно секоја економска активност треба да резултира со додадена вредност во општеството и за целната група која ја опфаќа. Таа активност, треба да има некаква повратна добивка или социјален доказ (пари или признание) за сатисфакција и напредок на претприемачот и ентитетот.

 

Но, сепак за полесно опслужување на претприемачите од страна на голем број актери и поддржувачи, систематизацијата и разграничувањето на карактеристиките и потребите на различните типови на бизниси е посакувано и пожелно.

 

За стартапите, според мене, важни карактеристики кои треба да се разгледуваат при поддршката се: временската рамка во која стартапот ќе го оствари потенцијалот и повратот на инвестицијата , оправданоста на ресурсите потребни за тестирање и комерцијализација, бизнис моделот кој што ќе го направи самоодржлив и со можност за брзо проширување, и најважното – способноста на претприемачите за негова успешност.

 

БизнисРегулативаКако би ја оцениле македонската стартап заедница, колку е важно истата да расте и созрева, па потоа преку можности за вмрежување и заедничко споделување на предизвиците да делува позитивно кон создавање успешни стартап приказни?

 

Сталевски: За голем поздрав е што се поголем број на економски актери од општеството (институции, факултети, акцелератори, граѓански здруженија, банки, бизниси и активисти) создаваат околина за стартап иницијативите да се тестираат и профункционираат. Но, потребна е и акција! Како обучувач сведок сум на многу интересни идеи но, нивната реализација некаде застанува.

 

Тука како пречки можам да ги споменам: недоволната самодоверба на претприемачите бидејќи немаат доволно искуство, претприемачки и менаџерски вештини; незнаење да препознаат и искористат можности за поддршка; страв од неуспех; срам од озборување доколку нешто тргне наопаку; недоволна конкретна критична маса која ќе ги поддржува за раст и успех на идејата.

 

Секако, најголема можност која постои и треба да се искористи за создавање успешни стартап приказни кај нас се: глобализиран свет и достапност на светското знаење, пристап до онлајн пазар, ментори, компаративни сценарија за успешни и неуспешни идеи и иницијативи во други земји, расположеност на институции и бизниси за поддршка на стартап идеи.



Сподели