Раденковиќ: Високите глоби не го дадоа посакуваниот ефект во борбата за навремено плаќање

Раденковиќ: Високите глоби не го дадоа посакуваниот ефект во борбата за навремено плаќање
Rregullativa afariste | 02-07-2019

 Бизнис секторот се соочува со повеќе проблеми со ликвидноста, особено со управители на компании кои наоѓаат начини да ги изиграат доверителите. Законското решение за финансиска дисциплина кое е на сила речиси пет години, според експертите не ги даде посакуваните резултати, а истиот во повластена положба ги става државните претпријатија и институции за кои не важат истите рокови за наплата на обврските од договорите. Неодамна законот претрпе помали измени кои ја менуваат надлежноста на УЈП во делот на надзорот кој преминува во Државниот пазарен инспекторат. За можните законски решенија за намалување на проблемите со ликвидноста и тешкото наплатување на долговите анализираме со експертот Сашо Раденковиќ кој е овластен сметководител.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

Бизнис РегулативаКои според вас се најголемите слабости на Законот за финансиска дисциплина, дали тој ги исполни целите за кои е донесен?

 

Раденковиќ: Сведоци сме дека поголем дел од прометот на добра и услуги кој се одвива помеѓу економските субјекти од приватниот и јавниот сектор се темелат на одложено плаќање. Со тоа се овозможува на должникот да врши плаќање односно да ги подмирува своите обврски по истекот на одреден временски период согласно договорот помеѓу договорните страни. Ненавременото исполнување на паричните обврски кои произлегуваат од реализација на деловни договори и покрај тоа што се смета за повреда на одредбите од договорите, стана прифатена пракса во голем број на случаи особено поради ниските каматни стапки кои би требало економските субјекти да ги платат заради задоцнетото плаќање односно неплаќање, и поради спорите постапки за надомест на штета.

 

Од погоре наведените причини беше донесен Законот за финансиска дисциплина кој имаше за цел да овозможи спречување на неисполнување на паричните обврски во предвидените рокови но кој за жал не ги постигна посакуваните резултати. Во таа насока треба да наспоменеме дека постои несоодветен третман при утврдување на договорните рокови во случај кога како договорни страни се појавуваат само економски оператори од приватниот сектор и економски оператори од приватниот сектор со економски оператори од јавниот сектор. Понатака, почетокот на примената на одредбите од законот за финансиска дисциплина за економските оператори од јавниот сектор започнуваат две години подоцна од примената на одредбите за економските оператори од приватниот сектор. Рокот за наплата  кој може да се договори помеѓу економските оператори од приватниот сектор изнесува 120 дена кој јасно и недвосмислено е предвиден со законот. Од друга страна за економските оператори од јавниот сектор, доколку се работи за договор чиј предмет е повеќегодишна јавна набавка, не е предвиден максимален број на денови кои би можел да се договори како рок за наплата.

 

Во делот на надзорот над спроведување на одредбите од овој закон, законот го задолжува Министерството за Финансии - Управа за Јавни Приходи (УЈП) како институција која врши контрола на примена на договорените рокови за наплата. Со последните измени на законот контролата преоѓа кај Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) и се однесува на економските оператори од приватниот сектор, додека контрола за примена на договорните рокови според одредбите од овој закон за економските оператори од јавниот сектор е Министерство за Финансии - Финансиска инспекција. Тоа доведе на Управата, покрај редовните активности со кои треба да се занимава, да и се наметнат нови обврски што доведува до поголемо пролонгирање на веќе долгите постапки за контрола и дополнително доцнење во наплата на побарувањата.

 

Од друга страна, високите глоби не го дадоа посакуваниот ефект во борбата за навремено плаќање. Имено, доколку се констатира дека роковите предвидени со законот се пречекорени од страна на учесниците во прометот , во тој случај должникот прво мора да ја плати глобата кон

 

УЈП која според законот за финансиска дисциплина изнесува 10.000,00 евра во денарска противвредност. Откако би се наплатила глобата доверителот може да го наплати своето побарување.  Тоа доведе дополнително да се пролонгира периодот за наплата на паричните побарувања кои произлегуваат од деловните трансакции помеѓу економските оператори.

 

Понатака, судот, извршителот и нотарот, според овој закон, се должни писмено да го известат МФ-УЈП за пречекорување на законските рокови. Тоа води кон дуплирање на постапките и уште поголемо пролонгирање во решавањето на наплатата на паричните средства.

 

Од горенаведеното, генерално, може да заклучиме дека иако со овој закон се врши поголем притисок на должниците за почитување на роковите за плаќање, сепак доверителите немаат никаква сигурност дека паричните средства од настанатите деловни трансакции ќе бидат наплатени во договорените рокови или воопшто наплатени.

 

Бизнис РегулативаШто може да се преземе со цел да се подобри ликвидноста на компаниите како и да се подобри процесот на наплата на побарувањата?

 

Раденковиќ: Пред се мора да се подигне нивото на културата за исполнување на паричните обврски а особено  да се има во предвид што во основа претставува прекинот или нередовниот проток на пари, како за компаниите, така и за државата и економијата во целина. Поделени се размислувањата во јавноста  кои се однесуваат на начинот на подобрување на наплатата а со тоа и подобрување на ликвидноста и зголемената конкурентност на компаниите. Некои ставови се потпираат на принципот на вршење притисок и предвидуваат казнени одредби со високи глоби кон компаниите должници кои не си ги подмируваат своите обврски во предвидениот рок. Како што и претходно наспоменав, ваквиот третман нема да даде висок степен на сигурност дека побарувањата ќе се наплатат.

 

Познато е во платниот промет и од не толку минато време, обезбедување на побарувањата да биде поткрепен со гаранција издавање на чек, меница или некој друг вид на хартија од вредност од страна на должникот кон доверителот. Со тоа се обезбедува поголема сигурност кај доверителот дека ќе се наплатат соодветните парични средства од деловните трансакции и на тој начин се избегнуваат дополнителни трошоци и време за постапките. Компаниите имаат неопходна потреба од континуиран пристап до парични средства а со тоа брзо исполнување на наплата на парични средства. Затоа, при отпочнување на соработка помеѓу компаниите неминовно се наметнува потребата од издавање на гаранции со цел обезбедување на наплатата на паричните средства. Тука секако поактивна улога треба да имаат и банките.

 

Бизнис РегулативаКолку се слуша гласот на приватниот сектор и претприемачите кога се менува бизнис регулативата, како е вашето досегашно искуство?

 

Раденковиќ: Морам да наспоменам дека генерално е подобрена соработката помеѓу приватниот сектор и министерствата одговорни за носење на законските решенија со кои се регулира бизнис климата. Но, сепак, сметам дека се уште има голем простор за подобрување кога станува збор за постапките и носењето на законите. Подобрата комуникација, учество во заеднички проекти организирани помеѓу тимови составени од субјекти од приватниот сектор и министерствата, преку сеопфатна анализа, преку добивање на фидбек од двете страни, може само да доведе до креирање на регулатива која би овозможила прецизни  и рамноправни критериуми за водење на бизнис од страна на компаниите. При изготвување на бизнис регулативата, приватниот сектор повеќе би се јавил како гарант за практична примена на регулативата а додека министерствата би имале задача да ги усогласат предложените одредби со уставот, другите закони и секако со регулативата на ЕУ.



Сподели