Да се зајакне улогата на државата во процесот на заштита на доверителите

Rregullativa afariste | 19-06-2019

 Селективноста на Законот за финансиска дисциплина, тешкотиите при негова примена во пракса, долгите процедури и неможноста доверителите да си ги наплатат долговите и да излезат од маѓепсаниот круг на должнички односи кои ја намалуваат нивната ликвидност се клучните проблеми за кои се дискутираше на вчерашната инфо-сесија на тема „Закон за финансиска дисциплина и исполнување на договори”. Истата беше организирана од Проектот на УСАИД - Партнерство за подобра бизнис регулатива, во кој се вклучени четирите најактивни стопански комори во земјата: Сојуз на стопански комори на Македонија, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Стопанска комора на северозападна Македонија со цел да се подобри бизнис регулативата.

На настанот кој се одржа во Штип, претставници од бизнис секторот нотираа дека многу одредби од овој Закон не функционираат во пракса и доверителите имаат големи проблеми да си наплатат долговите. Тие побараа да се зајакне улогата на државата во процесот на заштита на доверителите, како и многу поголема улога на банките. Еден од најголемите проблеми со кои се соочуваат компаниите кои работат со државни институции е повластената положба во рокот на исплатата на обврските кај државните субјекти во однос на условите со кои се соочува бизнис заедницата. Имено, за правните субјекти рокот за наплата на фактурите е минимум 30, а максимум 120 денови додека за државните институции минималниот рок е 60 дена а максимален лимит нема што ги става во многу неповолна ситуација приватните компании кои имаат бизнис релации со државни институции. 

 

„Во изработка на новиот Закон за финансиска дисциплина се надеваме дека ќе бидат земени предвид укажувањата на бизнис заедницата, но сметам дека во насока на подобрување на финансиската дисциплина треба да се зголеми и улогата на банките. Наплатата на побарувањата би требало да бидат обезбедени односно гарантирани од страна на банките преку познати инструменти како меница, чек и слично. Клучно е да се најде начин доверителот да има сигурност дека побарувањето ќе го наплати во целост и во соодветниот рок“, изјави експертот Саша Раденковиќ на инфо-сесијата. 

 

Како друг проблем нотиран при практична примена на Законот за финансиска дисциплина се предвидените глоби. Киро Кочовски од Управата за јавни приходи информираше дека речиси ниту една казна изречена за неплаќачите од страна на УЈП досега не е платена. Поради висината на казните, фирмите најчесто ги обжалуваат истите пред надлежен суд и потоа заглавуваат во процедура, што повторно не е решение за неликвидноста која се создава во економијата.
 

Сите учесници на инфо-сесијата констатираа дека заради бројните проблеми при спроведување на Законот, доверителите остануваат во незавидна ситуација. Додека трае постапката, најчесто година и половина, фирмата-доверител останува без пари! Истата треба дополнително да се задолжува за да продолжи со работа или оди во стечајна постапка. Зголемената неликвидност ја зголемува и неконкурентноста на економијата.

 

Затоа, приватниот сектор бара да биде вклучен во процесот на измените на Законот за финансиска дисциплина со сите досегашни нотирани недостатоци.



Сподели