Никодиновска: Без казни но, и стимулации нема ефекти од борбата со сивата економија

Никодиновска: Без казни но, и стимулации нема ефекти од борбата со сивата економија
Rregullativa afariste | 05-06-2019

 Промени во регулатива, одлучна акција на институциите по сектори, даночни олеснувања и подигнување на јавната свест се најдобриот рецепт за справување со последиците од сивата економија, како и за подигнување на формалниот сектор, а со тоа и здравата конкуренција. По неодамнешниот Форум за сива економија кој Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива го организираше во Скопје и Велес, разговараме со правниот консултант Јана Никодиновска од Друштвото за советодавни услуги „Никодиновска Адвизори“ за предизвиците со сивата економија, за искуствата со законските измени, како и за проблемите кои истата ги предизвикува во областа на давањето на правни услуги и адвокатските друштва. Никодиновска има специјализација за американско бизнис право при Школата за американско право во Атина при Факултетот за право Чикаго-Кент во Илиноис, САД, како и магистратура по деловна администрација на Сити Факултетот во Солун. Таа учествувала во работни групи за донесување и измена на закони од повеќе области.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ

 

БизнисРегулативаШто според вас може да се преземе за да се зголеми бројот на субјекти кои своите претприемачки напори ќе ги пренасочат во формалниот сектор?

 

НикодиновскаБорбата против сивата економија мора да се води интегрално на повеќе нивоа. Не можат да се постигнат резултати без казнени мерки и тоа досега кај нас многупати се докажало меѓутоа паралелно треба да се преземаат и стимулативни мерки кои во основа се даночни. За одредени категории на индивидуални вршители на дејност исто така може да се предвидат одредени даночни стимулации и пониски даночни стапки, како на пример кај куќните помошници, се со цел истите да се мотивираат да се пренасочат во формалната економија. Рамниот данок и пониски даночни стапки во начело даваат резултат во борбата против даночната евазија и ги стимулираат субјектите да ги плаќаат даноците.

 

Едноставни постапки за регистрација со помала бирократија и ниски трошоци на постапката, транспарентни и едноставни правила за нерегистрираните вршители на дејност исто така може да придонесат за нивно стимулирање да се пренасочат во формалната економија.

 

Ако најголем дел од субјектите кои своите претприемачки зафати ги остваруваат во сивата зона, тоа го прават заради поголеми профити, еден дел од актерите работат на тој начин бидејќи не знаат за друг модел на водење бизнис. Некои не ја познаваат регулативата и барањата од законските прописи. Нажалост нашето бизнис опкружување не дава многу позитивни примери дури ни за младите претприемачи кои го научуваат тој модел во недостиг на соодветна едукација, стручно усовршување и обуки за правилно водење на бизнис.  Затоа сите напори во оваа област треба да бидат придружени со едукативни кампањи и кампањи за подигање на свеста со цел да се креира една поинаква вредност и квалитет во општеството за подигање на нивото на водење бизнис и бизнис етиката помеѓу деловните субјекти.

 

 

БизнисРегулативаШто треба да се промени во регулативата за подобро справување со последиците од сивата економија како што е нелојалната конкуренција?

 

НикодиновскаСивата економија по дефиниција вршење на економски активности кои се легални меѓутоа истите не се регистрирани за даночни и други службени цели. Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност е донесен во 2014 година и истиот санкционира вршење на нерегистрирана дејност односно вршење на дејност од страна на физичко или правно лице која не е регистрирана во соодветен регистар или кај надлежен државен орган и за која лицето не поседува соодветна дозвола или акт за нејзино вршење, а се разграничуваат активностите кои не се сметаат за вршење на нерегистрирана дејност како што е вршење на работа за сопствени потреби, давање на семејна или соседска помош, творештвото на уметниците и друго. Со законот исто така се санкционираат и корисниците на производи и услуги од сивата економија.

 

Нерегистрираните вршители на дејност прават огромна штета не само на државниот буџет туку и на целата економија ставајќи ги во нерамноправна положба субјектите кои ги почитуваат законите, редовно ги плаќаат даноците, ги пријавуваат и плаќаат придонеси за своите вработени и ги исполнуваат стандардите за вршење на трговска дејност.

 

Основниот закон кој ја регулира оваа материја е донесен уште пред 5 години што значи дека има правна рамка во Република Северна Македонија за дејствување во борбата против сивата економија и нелојалната конкуренција меѓутоа има слабости во неговата практична примена. Имено во преодните и завршни одредби на законот е предвидено во рок од 3 месеци од неговото донесување, а најдоцна до денот на неговото стапување на сила, да се усогласи истиот закон со предметните секторски закони со кои е уредена надлежноста и постапувањето на инспекциските служби во врска со вршење на нерегистрирана дејност, процес кој до денес се уште не е завршен. Имплементацијата на законот во различните сектори од економијата како што се зелените пазари, производство и продажба на алкохолни пијалаци и други, како што видовме и од последните обиди за регулирање на овие сектори, оди со потешкотии и отпор на терен.

 

Законот за забрана и спречување на вршење на нерегистрирана дејност предвидува глоби за непочитување на законот кои се движат во распон од износ од  20.000 евра во денарска противвредност за правни лица до износ од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност за физички лица. Во делот на казните за физичките лица има простор за заострување на казните бидејќи истите се стимулативни и премногу ниски за индивидуалните бизнисмени од сивата зона кои остваруваат огромни профити. Меѓутоа при одмерувањето на казната за одредени категории на индивидуални вршители на дејност секако треба да се земе во предвид и нивната економска состојба и препорачливо е законот да предвидува поширок опсег на глоби за физичките лица како би се опфатиле различни категории на индивидуални вршители на дејност.

 

За борба против сивата економија и нелојалната конкуренција основно е владеење на правото и правната држава. Законот важи за сите еднакво и треба да се применува неселективно и подеднакво за сите субјекти затоа што нееднаквиот третман дополнително ја стимулира сивата економија.

 

 

БизнисРегулативаКако во вашиот сектор се соочувате со сивата економија, кои се најчестите причини за нејзина појава?

 

НикодиновскаКонкретно во делот на правните услуги, има примери на непријавени приправници, плаќање на рака и слично меѓутоа тоа не е така изразено како во другите услужни дејности како што се на пример угостителството, градежништвото, транспорт, занаетчиство, зелените пазари. Во нашата област фокусот е во борбата против корупцијата и постигнување на повисок степен на владеење на правото и правната држава, што значително би ги релаксирало и подобрило условите за работа и би создало простор за натпревар заснован на квалитет, стручност, искуство и знаење.

 

Услужниот сектор е најмногу на удар на сивата економија која според податоците зафаќа 25% до 30% од целокупната македонска економија. Сива економија има и во развиените земји но, сепак е поизразена во земјите во транзиција и земјите во развој. Основните причини за оваа појава лежат во сиромаштијата, високо ниво на невработеност и низок стандард на живеење. Република Северна Македонија помина низ еден тежок транзициски период кој остави силни последици на економијата. Голем број на граѓани во потрага по основна егзистенција преминаа во сивата зона. Затоа не е лесно да се направи баланс помеѓу социјалните политики и репресивните политики за борба против сивата економија бидејќи истите тангираат една од најранливите категории во нашето општество.



Сподели