Милевска Штрбевска: Да се изработи стандардна тендерска документација за јавните набавки

Милевска Штрбевска: Да се изработи стандардна тендерска документација за јавните набавки
Rregullativa afariste | 04-03-2019

 Со Елена Милевска Штрбевска, советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања, разговаравме за ефектите кои се очекуваат по одржувањето на инф-сесијата посветена на новиот Закон за јавни набавки кој на сила стапува од 1 април годинава. Презентирани беа најновите и најважните елементи од веќе изгласаниот Закон за јавни набавки, што им послужи на присутните претставници на бизнис заедницата да разјаснат дел од сопствениците за начинот на кој ќе се спроведува оваа регулатива, што може да се подобри од страна на институциите и како натаму да се надминат сите забелешки, критики и обвинувања за начинот на кој се спроведуваше стариот закон. Според Милевска Штрбевска досега позитивно е што за Законот за јавни набавки бил активиран јавно-приватниот дијалог и тој придонес на бизнис секторот, како и кооперативноста на власта треба да продолжи да се ползува и при носењето на дополнителните подзаконски акти.

 

 

Бизнис заедницата имаше можност преку инфо-сесија да даде свои предлози и забелешки на новиот Закон за јавни набавки кој ќе започне да се применува на 1 април. Постои ли можност овие до прецизирања и барања да бидат прифатени од страна на надлежното министерство?

 

Од нашите анализи, произлегува дека дури 18 подзаконски акти треба да се донесат, а со нив, секако, се доуредуваат значајни прашања кои се начелно уредени со новиот Закон за јавните набавки. Во изминатиот период беа организирани три инфо-сесии на кои сите барања за промени искажани од приватниот сектор беа претставени на Министерството за финансии и Бирото за јавни набавки.

 

Меѓу нив се истакнаа: промена на должината и начинот на изрекување на негативните референци, поголем опфат на техничкиот дијалог во постапките и воведување механизам на контрола, воведувањето на е-планови, објавата на промените и на склучените договори, воведувањето на е-жалба, воведувањето на обврската за известувањето за реализиран договор во досието на постапката и објавувањето во електронски систем на јавни набавки (ЕСЈН). Се прифатија и барањата на бизнис заедницата за промена на начинот на пресметување на роковите за жалба, а барањето да се исклучи набавката на услуги преку електронскиот пазар и истиот да се применува само за набавка на стоки и услуги е делумно прифатено на начин што преку електронскиот пазар договорниот орган може да врши набавки на стандардни стоки и услуги.

 

Во принцип, голем дел од нашите барања беа земени предвид при подготовката на законот, но исто така, веруваме дека за голем дел од допрецизирањата кои треба да се направат со подзаконските акти, ќе бидат консултирани и имплементирани и предлозите од бизнис-заедницата, кои се поврзани со примената на конкретните решенија во практиката, и создавање конзистентна, непротивречна и применлива регулатива. Како што веќе потенциравме и на инфо-сесијата, со одложување на примената на електронскиот пазар до 1 јули 2020 година има доволен простор да се воспостави дијалог меѓу приватниот и јавниот сектор во процесот на донесување на подзаконските акти. Со овие промени се подобрува процесот на јавно-приватен дијалог при носење на бизнис регулативата.

 

Едно од најчестите барања на компаниите беше да се прецизираат процедурите за јавни набавки според специфичностите на секој економски сектор, односно да има определени правила кои ги регулирале тендерите во градежништвото, ИКТ, земјоделство и итн. Постои ли можност за поголема јасност во под законските акти како и вклученост на приватниот сектор?

 

Предлогот на бизнис заедницата, критериумите за избор на економската најповолна понуда во секторите услуги, ИКТ, градежништво, земјоделство, здравство, туризам, трговија, индустрија да бидат уредени со подзаконски акти, не беа прифатени. Имено, со законското решение не е воведен секторски пристап за дефинирање на техничките спецификации поврзани со предметот на набавките во класичниот јавен сектор, од причина што станува збор за генерален пропис во кој треба да бидат дефинирани основите на работењето за сите сектори, па исклучувањето на едни или дефинирањето на други сектори е во согласност со регулативите на Европската унија, но и во согласност со целите на донесувањето на еден нов закон, во кој треба да бидат уредени начелните прашања и принципи во врска со начинот и постапките на спроведување на јавните набавки во класичниот јавен сектор.

 

Во контекст на подобрување на квалитетот на  јавните набавки, но и заради спречување на корупцијата во оваа област, обезбедување на поголема конкурентност на економските оператори и спречување на можностите за фаворизирање на определени економски оператори, бизнис-секторот предложи, интегрирано со вклученост на сите засегнати страни, да се донесат подзаконски акти (правилници, упатства) со кои ќе се пропише и изработи стандардна тендерска документација по одделни стопански сектори/дејности, што би опфатило пропишување на технички спецификации (примероци на технички спецификации) на предметот на набавката, стандардизирани модели на договори за јавни набавки, методологија за примена на критериумот економски најповолна понуда (начин на примена на критериумите квалитет, цена, трошоци на животен век) при евалуацијата  на понудите, воведување на поткритериуми и сл.

 

Дали јавната администрација е доволно подготвена да спроведе јавни набавки според новиот критериум на економски најисплатлива понуда и што ќе биде клучно да се зголеми транспарентноста, а да се намали корупцијата и нелојалната конкуренција?

 

Законот за јавните набавки содржи решенија со кои се надминуваат определени слабости кои беа посочувани од бизнис секторот, како што се критериумот најниска цена како единствен критериум за доделување на договорите за јавни набавки,  понатаму, подобрување на решенијата кои се однесуваат на изрекување на негативната референца, на техничкиот дијалог во постапките и генерално подобрување на решенијата со кои се зајакнува примената на начелата на кои се темелат јавните набавки. Критериумот најниска цена како единствен одлучувачки критериум при изборот на најповолната понуда беше најчесто посочуван проблем што го засега работењето на компаниите.

 

Со воведувањето на критериумот економски најповолна понуда во законот, се очекува дека ќе се надминат ситуациите на понуди и набавки со невообичаено ниски цени и низок квалитет. Бизнис секторот, особено претставниците на прехранбената и фармацевтската индустрија апелираат дека критериумот квалитет треба да учествува со поголем коефициент во однос на останатите критериуми при евалуацијата на понудите. Цената, може да биде доминантен фактор, но само за набавка на стандардизирани стоки и услуги со добро дефинирани технички спецификации.

 

Минатата недела, во рамки на Проектот за подобра бизнис регулатива, се одржа инфо-сесија за можностите за доуредување на Законот за јавните набавки и прашања од интерес за компаниите. Законот ќе почне да се применува на 1 април оваа година, а прашањето кое сите најчесто си го поставуваме е дали и по отпочнувањето со примена на новиот закон ќе постои простор за корупција, наместени тендери и изигрување на прописите?

 

Во врска со ова прашање, инфо-сесијата која се одржа покажа дека улогата на компаниите во борбата против корупцијата и понатаму е голема, дури и поголема од претходно. Ова ќе го појаснам преку конкретен пример. Најголемата придобивка на новиот Закон, која е во интерес на компаниите што се јавуваат во улога на економски оператори во постапките за јавни набавки, се состои во напуштањето на концептот на задолжителност на примената на најниската цена, како критериум за избор на најповолна понуда и прифаќањето на критериумот економски најповолна понуда. Тоа, од своја страна значи дека покрај цената, која повторно може да биде еден од критериумите за економски најповолна понуда, како елементи за оценкa на понудата можат да се користат и квалитетот, техничката вредност, естетските и функционалните вредности, иновативните карактеристики, квалитетот на персоналот, условите на испорака и други слични карактеристики, кои влегуваат во палетата на елементи за оценување на понудата, со цел на крајот да биде избрана економски најповолната понуда.

 

Сето ова и од аспект на компаниите и од аспект на договорните органи е поздравено како позитивна промена, односно чекор напред кон поквалитетни постапки за јавни набавки. Но, ако се има предвид дека оценката на наведениве дополнителни елементи е повеќе квалитативно мерлива, отколку квантитативно, се поставува дилемата дали оваа новина ќе биде предност или недостаток на новиот Закон за јавните набавки. Предност ќе биде доколку и двете страни (економските оператори и договорните органи) постапуваат со добри и чесни намери. Во спротивно ќе биде најголем недостаток. Затоа, компаниите кои учествуваат во постапките за јавните набавки се и најповиканите учесници кои треба да се грижат за доследно почитување и применување на она што е пропишано и затоа многу повеќе од кога и да било и самите се одговорни за тоа како понатаму ќе се развива системот на јавните набавки во државава. Истото, секако се однесува и на договорните органи.

 

На крајот, би резимирала дека Законот за јавни набавки има многу новини и подобрувања, кои се во насока на поголема транспарентност, конкурентност и ефикасност, а дали сето тоа ќе даде и позитивни резултати во примената зависи од ефикасната примена на одредбите, без намера истите да бидат изиграни од кој и да било учесник во процесот, а можноста за управна контрола во јавните набавки, уредена со новиот Закон, е дополнителна гаранција да се спречат какви и да било коруптивни намери и активности! Бизнис секторот ќе продолжи активно да работи во насока на подготовка на компаниите за правилна имплементација на Законот за јавни набавки која започнува од 1 април 2019 година со кој се очекува намалување на можноста за евентуални злоупотреби и обезбедување конкуренција помеѓу компаниите, како и нивен еднаков третман.

 

РазговарашеХристијан Станоевиќ

 



Сподели