Министерството за труд и социјална политика поддржани од стопанските комори и УСАИД, по долговремена работа го започна Проектот Практикантство

Министерството за труд и социјална политика поддржани од стопанските комори и УСАИД, по долговремена работа го започна Проектот Практикантство
Rregullativa afariste | 14-09-2018

Започна јавната расправа за новиот Предлог закон за практиканство, со кој правно се регулира оваа дејност и преку кој се дефинираат правата и обврските на практикантите – лица од 15 до 29 години. Исто така, овој закон е од големо значење и за компаниите кои имаат потреба од ваков вид на кадар.

Со ова, Законот за практикантска работа за првпат се воведува во правната регулатива на Република Македонија, со што се пополнува една празнина и на одреден начин се решава јазот помеѓу знаењата и вештините и понудата и побарувачката на пазарот на трудот. Во таа насока, Проектот на УСАИД ,,Партнерство за подобра бизнис регулатива” имаше значаен дел во изработката на Предлог законот за практикантство и истиот беше изработен во соработка со четирите стопански комори.

Спроведувачите на овој проект направија опсежна анализа на анкети направени на над 800  студенти и корисници на активните мерки на Агенцијата за вработување на Р. Македонија. Исто така, Проектот оствари соработка со претставници од сите засегнати страни се со цел да се добие функционален и квалитетен закон кој ќе биде спроведлив на долг рок.

„Потребата за законско регулирање на практиканството произлегува од ограничениот опфат на лица преку мерки од оперативни планови. Затоа, сега на компаниите кои имаат средства им се дава законска можност да ангажираат практиканти.“ – Изјави Министерката за труд и социјална политика на Р. Македонија, Мила Царовска.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, нагласи дека платеното практично и професионално искуство ќе треба да ја подобри вработливоста и да се помогне периодот кон редовно вработување, што се потврдува и преку имплементацијата на мерката практиканство која е дел од Оперативниот план и се спроведува преку Агенцијата за вработување. Имено преку оваа мерка, од 902 лица вклучени во проектот, дури 50 отсто или 455 лица се веќе вработени.

Носител на Предлог законот за практиканство е Министерството за труд и социјална политика, а истиот е изработен со поддршка на УСАИД проектот Партнерство преку подобра бизнис регулативa, кој го спроведува ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал во соработка со четирите стопанските комори: Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанска комора на северозападна Македонија и Сојуз на стопански комори на Македонија. Во изработката на законот беа вклучени сите социјални партнери и претставници на невладиниот сектор, а е резултат од барањата и предлозите на работодавачите и невработените лица.

Предлог текстот на Законот беше објавен на www.ener.gov.mk на 4 септември 2018, a преостанати се уште 13 денови за јавно коментирање и доставување предлози за дополнувања и измени.

 


Сподели