Стапува на сила новиот Закон за инспекциски надзор. Повеќе нема да биде механизам за полнење на буџетот и заплашување на фирмите

Стапува на сила новиот Закон за инспекциски надзор. Повеќе нема да биде механизам за полнење на буџетот и заплашување на фирмите
БизнисРегулатива | 28.05.2019

После долги укажувања од бизнис заедницата и долга битка за кроење на законско решение кое ќе биде во насока на создавање подобра бизнис клима, конечно Законот за инспекциски надзор е објавен во Службен весник на РСМ број 102 на 22 мај 2019 година. Овој закон е со одложена примена, ќе влезе во сила осмиот ден од денот на објавување но ќе се применува во рок од 6 месеци од денот на објавување.

Анализираме кои се клучните новини од новиот Закон:
 
Една од крупните и суштински измени е што правните субјекти кои се предмет на инспекциски надзор најпрвин ќе добиваат опомена и рок да ја отстранат неправилноста, пред да се изрече казна. Исклучок од ова ќе бидат случаите кога инспекторот ќе оцени дека утврдените неправилности можат да предизвикаат опасност по животот и здравјето на граѓаните, финансиска штета, загрозување на животната средина или загрозување на јавниот интерес.
 
Целта е да се воведе нов концепт на инспекциски надзор преку планирање на инспекциите на основа на проценка на ризик со што се постигнува поголема транспарентност, предвидливост и правна сигурност за субјектите на инспекциски надзор. Проценката на ризик ќе се прави при подготовката на годишниот план за работа на инспекциската служба.
 
Законот за инспекциски надзор во член 70 предвидува листи за проверка за усогласеност на работењето на фирмите со законските прописи. Според Законот, нив ги донесуваат инспекциските служби и ќе бидат задолжителна алатка при редовен инспекциски надзор.    
 
„Тие чек листи не само што ќе бидат доставувани до фирмите кои се предмет на инспекциски надзор, туку ќе бидат и објавени на веб страница. Фирмите нема да мора да чекаат да им се најави инспекциски надзор, па да се подготвуваат под притисок.
 
Тие мора да бидат јавно достапни затоа што е илузорно да се очекува дека мала или средна фирма може да ги следи сите интерни правилници и подзаконски акти на сите институции. Исто така, од екстремна важност е ние институциите да ги објавуваме сите податоци. Јас исто така сфаќам дека голем број од институциите немале механизми за објавување вести затоа што секоја институција нема своја веб страница.
 
Со новиот портал за отворени податоци, којшто ќе го лансираме до крајот на оваа година, сите институции, особено тие што се клучни во делот на инспекцискиот надзор во фирмите, ќе ги објавуваат сите информации од значење за компаниите и граѓаните. Колку повеќе податоци објавуваат на порталот толку порастоварени ќе бидат од барања за слободен пристап до информации“, објасни во интервју за „Бизнис Регулатива“ министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски.
 
 
 
Инаку, да потсетиме дека во рамки на Проектот за подобра бизнис регулатива се изработени интерактивните листи за проверка или check листи во пет сектори: текстил, туризам, ИКТ, градежништво и земјоделство.. Тие имаат две основни цели: да ги информираат претпријатијата за обврските коишто ги имаат за законите кои се однесуваат за сите претпријатија и за секторските закони, коишто се однесуваат токму на предметот на работење на овие претпријатија.
 
По пополнување на целата чек листа системот дава индикација дали претпријатието е усогласено со законите, во колкава мера е усогласено и со кои прописи не е усогласено. Во исто време им го дава членот од законот со којшто не се усогласени и можната глоба. 
 
Со законот се воведува и нов систем за стекнување на лиценца за инспектор, како и нов систем за постојана обука и стручно усовршување на инспекторите. Предвидени се и повисоки плати за инспекторите, како и механизми за нивна поголема заштита при работата.
 
Учество во изготвување на новото законско решение имаше Проектот на УСАИД за Модернизација на инспекциските служби.
 
Свој придонес во носењето на законот имаше и Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива во делот на транспарентност на барањата на приватниот сектор изразени преку позициони документи. Беа организирани неколку инфо сесии, како и инфо сесија на која присуствуваше и министерот Манчевски, на  кои отворено се диксутираше за предлог законот и имаше доста предлози со конкретни решенија за подобрување на текстот на законот. Голем број  од предлозите беа усвоени во Законот, што значи дека транспарентноста  и дијалогот која се оствари преку инфо-сесиите вроди и со конкретен плод.


Сподели