Кои земји ќе претрпат најголеми економски штети во туристичкиот сектор?

Кои земји ќе претрпат најголеми економски штети во туристичкиот сектор?
БизнисРегулатива | 26.05.2020

Без постојани приходи од туризмот, многу земји ќе се соочат со сериозни економски штети, а меѓу нив од регионот се Хрватска и Црна Гора. Во хрватскиот туризам работат 24 проценти од работната сила, во Црна Гора во туризмот се вработени скоро 33 проценти од работниците, додека во Албанија и Грција во тој сектор се вработени 22 проценти од работниците.


Ширум светот во туризмот има 330 милиони работни места, кои во глобалниот БДП секоја година придонесуваат со 10 проценти, објави порталот visualcapitalist.com.


Во 44 земји ширум светот, вкупната вработеност зависи од патувањата и туристичкиот сектор за повеќе од 15 проценти.


Хрватска е туристичка дестинација која се надева на повторно отварање пред почетокот на сезоната, а во 2019 година од туризам имала 13 милијарди долари приходи. Со население од нешто повеќе од четири милиони, во туристичкиот сектор работат 24 проценти од работната сила.


Во Црна Гора, со население од 680.000, во туризмот се вработени скоро 33 проценти од работниците.


Најголема економска штета трпат некои островски земји, каде што голем број граѓани работат во туризмот.


Туристичките ориентирани земји остануваат најтешко погодени од глобалната забрана за патувања, но и најголемите светски економии ги чувствуваат последиците.


Во Шпанија, туризмот е трет најголем сектор на националната економија. Ако останат мерките за карантин на сила до септември, се проценува дека загубата ќе изнесува 68 милијарди долари.


Од друга страна, само 2,8 проценти од БДП на Јужна Кореја зависи од туризмот.

 

На врвот на списокот на земји кои најмногу заработуваат од туристичката индустрија во апсолутни количини во долари се Соединетите Американски Држави, во кои туризмот во вкупниот БДП во 2019 година учествувал со 8,6 проценти.

 

САД, денес се најголемиот глобален епицентар на случаеви со COVID-19, па останува да се види што ќе се случи ако земјата пред летото сепак се отвори за туристите.

 

Во исто време, придонесот на туристичкиот сектор во кинеската економија двојно се зголемил во последните 10 години и го приближи износот од 1,6 трилиони долари. За да помогнат во зајакнувањето на економската активност, Кина и Јужна Кореја ги олеснија ограничувањата со воспоставување патен коридор.

 

Бидејќи многу земји полека се отвораат, се појавуваат сè повеќе „патнички балони“. На пример, Естонија, Латвија и Литванија ги олеснија патните ограничувања и создадоа зона за патувања.

 

Австралија и Нов Зеланд исто така подготвуваат сличен договор. Ваквите „патнички балони“ им овозможуваат на граѓаните од секоја земја да патуваат во одредени зони.

 

COVID-19 ќе има долгорочно влијание врз вработувањето и глобалната економска активност со непредвидливи последици, се заклучува во текстот.


Сподели