Што се треба да знаат трговците за можностите кои ги нудат банките за е-продавници?

Што се треба да знаат трговците за можностите кои ги нудат банките за е-продавници?
БизнисРегулатива | 04.02.2020

 Со зголемувањето на плаќањето преку интернет се поголем број на трговци размислуваат за отворање на веб сајт за директна продажба и достава на производи и услуги до корисниците, но притоа треба да преземат повеќе мерки за да се осигура дека трансакцијата ќе биде безбедна, а системот за електронска наплата ќе биде функционален.

 

Затоа во организација на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија се одржа информативен настан со претставници на комерцијални банки, на НБРСМ како и на процесорот на плаќањата КАСИС за предизвиците и имплементацијата на при е-плаќања.

 

 

Препораките и процедурите кои се неопходни ги објаснуваа Тина Петковска од Халкбанк АД Скопје, Вељан Поповски од НЛБ Банка АД Скопје и Стефан Пепоски од Стопанска банка АД Скопје. Трговците во поглед на трошоците треба да знаат дека се наплаќа еднократен и месечн трошок, а потоа се одвојува провизија за самата трансакција која најчесто се движи од 2 до 5%.

 

Секој кој сака да отвори е-продавница потребно е да има бизнис модел кој се разгледува од страна на банката и се дава предлог како да се развие, а може да се аплицира и електронски. Треба да се регистрирани како компанија а може да аплицира и стартап.  Мора да се декларира начинот на плаќање и точна дејност од што варира и провизијата. Дел од дејностите кои се оценети како ризични не се прифатени од страна на платежни сервиси како Visa и MasterCard. Постапките за интеграција се повеќе се забрзуваат и се воведуваат нови и подобри услуги. Не се потребни многу напредни ИТ и технички вештини за да се заврши интеграцијата со Payment gateway системот.

 

 

Цената на процедурата зависи од случај до случај и не се пресликуваат комерцијалните услови. Доколку иста компанија има повеќе веб сајтови за продажба потребна ќе биде посебна процедура за интеграција, особено ако има различни дејности.

 

Игор Величковски од НБРМ посочи дека поделбата на шифра на дејности се прави следејќи ги трендовите на категоризација на интернационалните платежни брендови. Објавата на статистичките податоци се прави со цел да се поттикне конкуренцијата меѓу банките. Во работна верзија е нов Закон за платежни системи каде е предвидено ограничување на меѓубанкарски надоместоци што ќе биде позитивно за трговците.

 

 

Од 2016 има прилагодена статистика согласно политиката на Европската Централна банка. Во декември започна со географска поделба на трансакциите по земји со картички издадени дома и во странство.  До 20% растат годишно плаќањата со картички, растат трансакциите на интернет терминали и на физички места со ПОС терминали. Во 2018 вкупниот промет бил околу 5 милиони евра што во обем не е многу, но растот на годишно ниво е забележителен.

 

На прашање на biznisregulativa.mk Величковски посочи дека новиот Закон за платежни услуги и платни системи наскоро ќе биде објавен на ЕНЕР и ќе биде ставен на увид при што ќе има можност за дополнителни предлози или забелешки, а досега веќе се одржале инфо-сесии со засегнатите страни при изработка на нацрт верзијата.

 

Законот треба да овозможи иновативни решенија и алтернативни канали во комуникација со клиентите за плаќањето, а е усогласен со европските регулативи. Ќе се зголеми и транспарентноста во поглед на трошоците и провизии за поголем увид во трансакциите, вели Величковски.

 

 

Трговците ги интересираше и дали постои можност за сторнирање на трансакциите како и рефундирање на средства на корисникот од страна на трговецот, па претставниците на банките посочија дека такви можности постојат и се зависи од видот и фазата до која е стигната трансакцијата.  

 

Беше посочено дека онлајн наплатата на режиските сметки придонесе за промоција на е-трговијата со едукација на населението и подобрување на навиките за електронско плаќање иако вообичаено нивните провизии се повисоки што влијае на раст на бруто провизиите на пазарот на електронска трговија, но генерално влијае многу позитивно за употреба на електронски картички при плаќање во комерцијалниот сектор.

 

Филомена Пљаковска Аспровска од процесорот КАСИС говореше за брзината на интеграција со платежните системи, поставување на ниво на заштита и безбедност на трансакциите и ефикасност. Таа вели дека штом банката даде зелено светло КАСИС стапува во комуникација со клиентот по што започнува процесот за тестирање за интеграција кој трае од два до пет дена во просек, и досега немале случај на неуспешна трансакција.


Сподели