Дали новата минимална плата ќе го формализира плаќањето во „плико“?

Дали новата минимална плата ќе го формализира плаќањето во „плико“?
БизнисРегулатива | 16.10.2019

Зголемувањето на минималната плата за 16 отсто што го најави Владата треба да се одмери уште еднаш, велат од Институтот Finance Think.

 

Владата на Република Северна Македонија објави дека минималната нето плата ќе се зголеми на 14.500 денари од сегашното ниво од 12.507 денари, што претставува зголемување од 16%. Finance Think и понатаму опстојува на ставот дека нивото на минимална плата коешто е конзистентно со тековната продуктивност во економијата се движи до 13.500 денари.

 

Сепак, порастот на минималната плата не треба да се гледа изолирано од другите потези на носителите на политиките. Поконкретно, предлог Законот за субвенционирање на платите предвидува ослободување од придонеси за делот од порастот на нето платите од 600 до 6.000 денари. Со овој предлог Закон, во одреден дел, се таргетира сузбивањето на „платата во плико“, за кој феномен Finance Think за првпат објави податоци и алармираше во текот на 2017 година. Finance Think го поддржува овој предлог Закон, иако укажа на нагласената потреба од негово значајно дооформување. Следниот инфографикон се однесува на таа тема:

 

 

 

Според податоците за платата во плико, во мај 2018 година, 69% од примателите на минимална плата добиле и плата во плико. Но, значаен дел од платата во плико се претворил во плата на сметка со претходното зголемување на минималната плата од септември 2017 (од 10.080 денари, односно 9.590 денари во секторите кожа, обувки и облека, на унифицирано ниво од 12.000 денари). Со овој потег, уделот на приматели кои примаат минимална плата и кои истовремено добиле плата во плико се преполовил на 33,6%.

 

Оттука, за 66,4% од примателите на минимална плата кои во 2019 година не добиле и плата во плико, предложеното зголемување може да биде неодржливо за работодавецот за износот кој го надминува продуктивното ниво проценето на 13.500 денари.

 

Од друга страна, за примателите на минимална плата кои истовремено добиле и плата во плико, следните се износите на плата во плико што ги добиле:

 

 

 

Оттука, со оглед дека само 15% од примателите на минималната плата добиле износ во плико кој е помал од предложеното зголемување на минималната плата (помал од 2.000 денари), тековното предложено зголемување нема да претставува товар за работодавците кои исплаќале и плата во плико и ќе претставува ефикасен механизам за формализирање на „платата во плико“.

 

Како заклучок, предложеното зголемување на минималната плата на 14.500 денари може да претставува значаен товар за работодавецот кај 2/3 од примателите на минимална плата, додека кај 1/3 ќе помогне за формализација на платата во плико.

 

Finance Think препорачува предлогот за зголемување на минималната плата да се одмери уште еднаш наспроти овие податоци за состојбите во економијата. Фокусирање врз продуктивноста на нископлатените работници и ефикасноста и технолошкиот напредок во компаниите кои исплаќаат ниски плати е најсигурниот пат за раст на економијата и платите.


Сподели