Со предлози од граѓаните ќе се унапредува „Мoj ДДВ”

Со предлози од граѓаните ќе се унапредува „Мoj ДДВ”
БизнисРегулатива | 19.09.2019

„Мерката „МojДДВ” со која граѓаните остваруваат право на поврат на дел од платениот ДДВ и со тоа влијаат кон адресирање на сивата економија е еден од неколкуте проекти на мојата агенда. Во следниот период ќе се работи на унапредување на решението (самата мерка и мобилната апликација)“, соопшти министерката за финансии, Нина Ангеловска.

 
„Ќе бидат имплементирани подобрувања и се планираат нови функционалности, затоа ве поканувам да учествувате со коментари, сугестии и критики како од аспект на корисници на мерката, така и од професионален аспект.
 
Мерката е популарна помеѓу граѓаните, наплатата на ДДВ се зголемува а граѓаните го остваруваат правото на поврат на 15% од нивното ДДВ на скенираните сметки што е дел од Владината програма “Пари назад кај граѓаните”. Исплатата за првиот квартал од лансирањето (јули-септември) ќе се реализира во месец декември.
 
Бидејќи “секогаш се’ може подобро” и притоа земајќи ги предвид сите досегашно апсолвирани коментари од пријатели и соработници околу мене (вклучително моите како корисник на “МојДДВ” и од професионален аспект) сакам да ве поканам да придонесете и активно да учествувате со споделување на вашите сугестии и предлози кои ќе бидат предмет на разгледување од страна на работната група која ќе работи на формирање на барањата за промени (анг. change requests).
 
Во прилог се неколку статистики:
 
– Мобилната апликација до сега има 196К инсталации (85% Android, 25% iOS)
– Во јули 137К граѓани скенирале 7.2М сметки со вкупна вредност на ДДВ од 59 милиони денари.
– Во август беа скенирани 7.8М сметки со вкупна вредност на ДДВ во износ од 66 милиони денари од страна на 142К корисници.
 
Сите предлози се добредојдени. Детални идеи, предлози и сугестии може да испратите и на mojddv@finance.gov.mk“, додава таа.

Сподели