ОН прогноза: до 2050 година земјава ќе има 1,9 милиони жители и негативен природен прираст

БизнисРегулатива | 02.07.2019

 Проекциите на Обединетите нации покажуваат дека до 2050 година во сите држави од Западен Балкан ќе се намали бројот на населението. Најмногу на удар е Бугарија, а по неа следуваат Хрватска и Босна и Херцеговина, пренесува агенцијата МИА

 
Според податоците на бугарскиот Завод за статистика, оваа држава во периодот од 1989 до 2017 година изгубила два милиони жители, а како главни причини за тоа се наведуваат падот на наталитетот и економската миграција. Доколку овој тренд продолжи, предвидувањата се дека до 2050 година бројот на жители во оваа земја ќе падне на 5,2 милиони жители за разлика од 2017 година, кога имало седум милиони жители. Ситуацијата е слична и во Хрватска и во Босна и Херцеговина.
 
Во соседна Србија во првата деценија на овој век, според пописот од 2011 година, заминале 150 илјади луѓе или просечно 16.000 годишно. Просечната возраст на иселениците била 28,7 години, а една петтина биле со вишо или високо образование. Статистиката на ОЕЦД, пак, покажува дека само во земјите членки на Европската Унија, просечниот прилив на работници од Србија се движи од рекордни 60.000, колку што си заминале во 2015 година, до сегашните околу 35.000 луѓе годишно, но тука се вклучени само миграциите во земјите членки на ОЕЦД.
 
Очекувањата за нашата држава се слични како оние за останатите земји од регионот. Така, прогнозите на Обединетите нации се дека до 2050 година ќе има еден милион 931 илјада жители и земјата ќе бележи негативен природен прираст од -7,3.
 
Демографите предупредуваат дека иселувањето станува сè поизразено и оти сè поголем број села се празни, а државите влегуваат во длабока демографска старост. Младите, а сега и цели семејства, заминуваат во странство, притоа не размислувајќи да се вратат назад во матичната држава. Причините за заминување се различни – од подобра заработка до разочараност од нефункционалноста на државата.
 
Невработеноста и постоењето корупција и партизација се наведуваат како главни причини за иселувањето на младите и во студијата што неодамна ја објави германската фондација „Фридрих Еберт“. Анализирајќи ја состојбата на младите во шест држави од Западен Балкан во однос на нивните врсници од четири држави од Југоисточна Европа кои се членки на ЕУ, во студијата се посочува дека невработеноста е проблем за целиот регион, а барањето врски и плаќањето мито се широко распространети во регионот на Југоисточна Европа. Голем број од младите кои биле испитани навеле дека постојат случаи на купување испити и дипломи, а за да се добие работа, потребно е членство во некоја политичка партија.
 
Покрај младите, голем е процентот и на оние кои се добро платени во сопствената држава, но сепак заминуваат поради разочараност од непотизам, вработување преку врски, нефункционалност на судството, непочитување на законите и друго.
 
Виенскиот институт за меѓународни економски студии, кој има направено анализа за 23 држави од Средна, Источна и Југоисточна Европа, смета дека властите во овие земји треба уште сега да донесат долгорочни мерки со кои би се спречил овој тренд.

Сподели