Генијалниот дизајнер на iMac и iPhone го напушта Apple

БизнисРегулатива | 28.06.2019

 Џони Ајв, иконата на Apple, кој стоеше зад дизајнот на најпопуларните електронски уреди како iMac, iPod и iPhone, по повеќе од две децении ја напушта компанијата од Купертино, Калифорнија.

 

Ајв беше откриен од страна на Стив Џобс, легендарниот претприемач кој кон втората половина на 90-тите години се врати во Apple повторно како генерален извршен директор, повикан од бордот да ја спаси компанијата која ја основаше деценија претходно со Стив Вознијак.

 

 

Потоа Џобс му довери огромна автономија и доверба на Ајв неговите визии за тоа како да треба да изгледа еден модерен персонален компјутер да ги претвори во продуктен дизајн. Ајв го стори токму тоа, модерниот iMac прерасна во апсолутен хит, еден од најбараните персонални компјутери кој беше огромен конкурент на PC на Microsoft.

 

Следните подвизи на Џони Ајв како десна рака на Стив Џобс беа во делот на дизајнирање на напредниот музички плеер iPod, а потоа и на првиот смарт телефон со екран на допир Apple. Како што пренеси Џони Ајв, тој го напушта Apple за да формира сопствена компанија со која ќе „лови“ нови предизвици.

 

Во последните години работата на Ајв не беше така впечатлива, Apple под конзервативното корпоративно раководство на Тим Кук повеќе ги рециклираше претходните дизајни на Mac, iPhone, iPad и останатите уреди, со мал степен на дизајнерски новитети на годишно ниво, и сосема очекувано беше легендарниот дизајнер да побара нов предизвик.

 

Џони Ајв ќе предводи нова креативна агенција, а токму Apple ќе им биде прв клиент од технолошката индустрија. Инаку, повлекувањето на Џони Ајв предизвика недоверба кај инвеститорите и акциите на Apple загубија вредност од незамисливи 9 милијарди долари.


Сподели