Искористете го Законот - Кои се условите и можностите да ангажирате практиканти?

Искористете го Законот - Кои се условите и можностите да ангажирате практиканти?
БизнисРегулатива | 28.06.2019

Ангажирајте практиканти за вашите потреби, ова е главната придобивка на новиот Закон за практиканство кој веќе стапи на сила. Приватните компании сега ќе може да наоѓаат практиканти, опција која претходно не беше регулирана и практичната работа се поврзуваше само со образовниот процес.

 

Пазарот на труд се соочува со повеќе недостатоци, недоволен број на компетентни кадри, несоодветни вештини за конкретно работно место. Сега за прв пат е донесен Закон за практиканство кој овозможува да се ангажираат лица со точно утврдени правила и услови кои треба да придонесат за поголема економска активност.

 

 

Пракса ќе може да добијат лица на возраст до 34 години со најмалку завршено основно образование. Законот е и шанса за младите кадри преку работа со учење да стекнат нови и соодветни компетенции и да ја зголемат шансата за вработување.

 

Според Законот ќе треба да се склучи договор за практиканство, како и да се пријави практикантот во Агенцијата за вработување на Северна Македонија. Процедурата е многу едноставна и остава простор за прилагодување според потребите и на работодавачот и на практикантот, односно може да се склучи договор за полно работно време и за помалку од тоа.

 

За практична работа е предвиден надомест, односно ќе се исплаќа дел од минималната плата. За пракса над 3 месеци практикантот ќе биде исплатен со износот на минималната нето плата сметано од четвртиот месец.

 

 

Практичната работа ќе се врши под надзор на ментор што ќе гарантира дека лицето ќе напредува.

 

Кај еден работодавач едно лице може еднаш да биде ангажирано во период не подолг од 6 месеци. Кај ист работодавач практикантска работа може да се врши само еднаш од исто лице. Бројот на практиканти во една компанија ќе биде соодветен на бројот на пријавените вработени и не може практикант да биде ангажиран за испразнето работно место.

 

Законот е резултат на јавно-приватен дијалог со учество на коморите и предлози на бизнис секторот. Во изработка на нацрт законското решение учествуваше Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива.


Сподели