Стапува на сила Законот за практикантство. Голем успех за проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива!

Стапува на сила Законот за практикантство. Голем успех за проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива!
БизнисРегулатива | 24.05.2019

За неколку дена стапува на сила Законот за практиканство со кој за првпат во Северна Македонија законски се уредува практикантската работа со што ќе се овозможи непречено стекнување на практично искуство на невработените лица, зголемување на нивните вештини и полесно вклучување на пазарот на труд. Со ефикасна примена на Законот се очекува позитивен ефект да имаат и работодавачите кои на пазарот на труд ќе може да најдат повеќе лица со практични вештини и знаења за одредени работни задачи. Ако се земе предвид долгогодишното укажување на бизнис заедницата за потребата од законско регулирање на практикантската работа, овој Закон се очекува да донесе позитивни ефекти на пазарот на труд и во економијата воопшто во која хронично недостига стручен кадар. 

 

Законот за практиканство е објавен во Службен весник број 98 на 21 мај  и стапува на сила осум дена по неговото објавување. Овој Закон претставува голем успех за проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива, кој во минатата година организираше повеќе инфо сесии и Форум за работни односи. Како проблем број еден идентификуван од страна на компаниите на овие инфо-беше токму непостоењето на законска рамка за извршување на практикантска работа надвор од образовниот процес. Во рамките на овој проект во процесот на јавно дебатирање и отворање на сите аспекти за практикантство важни и за компаниите и за невработените лица беше потпишан Меморандум за соработка со Министерство за труд и социјална политика што резултираше  изготвување на работна верзија на предлог-закон за практиканство и негово поднесување во редовна законодавна постапка.

 

„За нас ова е голем успех и одличен пример за успешна соработка меѓу институциите и бизнис заедницата. Сакам да искажам благодарност до Министерството за труд и социјална политика и подготвеноста да се слушнат барањата на бизнис заедницата. Министерството им даде голема доверба на стопанските комори кои преку Проектот учествуваа во изработка на работната верзија на овој закон. Верувам дека Законот за практиканство ќе даде позитивен импулс во економијата“, вели Љупчо Димовски од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал го спроведуваат проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива.

 


Што предвидува Законот за практикантство?

 

Сублимирано, новото законско решение им дава можност на компаниите под посебни услови да ангажираат практиканти. Притоа за својот ангажман, регулиран со договор, тие ќе добиваат паричен надомест како и менторство од искусни и стручни лица во компанијата. Со тоа невработените лица добиваат можност да се стекнат со стручни и практични вештини, кои најчесто покрај формалното образование се критериум при вработување, а компаниите односно работодавачите ќе добијат можност да едуцираат кадар по своја мерка и да бираат на пазарот на труд од повеќе стручни лица.

 

Законот дефинира дека практикант да може да биде невработено лице на возраст до 34 години, а потребата од практикант работодавачите ќе ја изразуваат со објавување на јавен оглас кој треба да содржи информации за условите за практикантство. Законот дефинира минимален период на практикантство од еден месеци и максимален од 6 месеци, како и правило еден практикант да може да врши практикантска  работа само еднаш кај ист работодавач.

 

Уште еден лимит дефиниран со Законот е максималниот број на практиканти кај работодавачите, и тоа во зависност од бројот на вработените на неопределено работно  време кај работодавачот во претходните три месеци пред ангажирање на практикантот. Законот предвидува обврска за плаќање на надоместок за време на практикантската работа на практикантот од страна на работодавачот, и тоа во висина од 42% до 74% од минималната нето-плата во земјава исплатена во претходната година. Ова се однесува на практикантство до 3 месеци, додека за практикантската работа подолга од три месеци месечниот надоместок кој работодавачот треба да му го исплати на практикантот треба да биде во висина на минималната нето-плата утврдена со закон.

 

Целата практикантска работа мора да биде поткрепена и регулирана со Договор за практикантство со кој се уредуваат односите, правата и обврските помеѓу практикантот и работодавачот. Законот забранува склучување на договор за практикантство за замена на постојно работно место, а за време на практикантската работа практикантот не ги губи правата по основ на невработеност и правата од областа на социјалната заштита утврдени и стекнати во согласност со закон. Работодавачот има обврска секој склучен договор да го пријави во Агенцијата за вработување.

 

Четирите стопански комори во Северна Македонија: Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на северозападна Македонија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) координирани од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал го спроведуваат проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива поддржан од УСАИД. Проектот е наменет за поддршка на микро, мали и средни бизниси, со цел подобро прилагодување на своето работење во согласност со законските регулативи. Активностите на проектот се насочени кон помагање на бизнисите во процесот на усогласување со законските барања и да се поттикнат истите да земат активно учество во креирањето на политиките кои ги засегаат.

 


Сподели