Горан Трајковси си поднесе оставка - Ќе биде директор во банка

БизнисРегулатива | 20.05.2019

 Горан Трајковски, директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци, во петокот поднел оставка писмено известувајќи го Собранието. Како причини за повлекувањето од директорската функција Трајковски наведува дека се лични. Според него не станува збор за заминување од функцијата како дел од најавената операција „Метла“ на премиерот Заев за разрешување на функционери кои ги разочарале потребите на граѓаните и не си ја вршеле функцијата на соодветен начин.

 

Во поднесената оставка Трајковски се заблагодарува на добиената доверба да ја раководи ДЗЛП и наведува дека се повлекува од лични причини.

 

„Во изминатиот период раководејќи со Дирекцијата за заштита на лични податоци, силно помогнат од вработените, Собранието и соодветните владини институции, успеавме да покажеме и докажеме дека слабостите се препознаени и истите согласно најдобрите европски практики во областа на заштитата на личните податоци знаеме и можеме да ги поставиме согласно европските вредности“, вели Трајковски во оставката.

 
Трајковски функцијата ја извршуваше од 2016 година. Тој е еден од ретките директори од претходната гарнитура кој и по промената на власта продолжи да раководи со државна институција. Пред да биде директор на ДЗЛП беше и назначен како директор на Управата за јавни приходи од владата предводена од екс премиерот Никола Груевски. 
 
 
За неговото досегашно раководење со ДЗЛП вели дека имало позитивни оценки, а така било и со последниот поднесен извештај на институцијата која се грижи за заштита на личните податоци на граѓаните. Тој кариерата ќе ја продолжи како директор во Еуростандард банка.

Сподели