Данилов: Kонцептот на економски најповолна понуда ќе бара сериозен институционален капацитет

БизнисРегулатива | 27.02.2019

Јавните набавки се едно од најсензитивните прашања во една земја и начинот на нивното спроведување има суштинско влијание како за корисниците така и за добавувачите. Во овој осврт би сакал да се насочам на делот кој се однесува на набавките на интелектуални услуги, а посебно на делот на менаџмент консалтинг услугите.

 

Интелектуaлните услуги се клучни за администрацијата во обавувањето на своите функции и поради тоа тие мора да бидат стручни, објективни, независни и квалитетни. Тие се обезбедуваат во вид на разни студии, анализи, истражувања, анкети, советодавни услуги и слично, а на корисниците треба да им обезбедат квалитетни податоци, совети, решенија за извршување на своите обврски кон бизнис секторот и граѓаните.

 

Во која мера законот за ЈН навистина осигурува добивање на квалитетни услуги и дали постои систем кој може да оцени дали услугите добиени врз основ на овој Закон се употребливи, практични, соодветни?

 

Да се навратиме најнапред на недостатоците на стариот Закон за ЈН. Тој беше доминантно насочен на обезбедување најниска цена, без голем напор да се обезбеди навистина соодветна услуга. И покрај тоа што Законот овозможуваше избор на економски најповолна понуда, оваа опција многу ретко во пракса се применуваше. Најчест начин за утврдување на цената беше преку негативна аукција каде цените паѓаа на фантастично ниски нивоа. Членките на МКА-2000 се сведоци за спуштање на цените за дури 90% од почетно понудената цена. Логично се поставува прашањето како е тоа можно една фирма толку многу да ја намали цената и задржи ист квалитет како и за цена 10 пати поголема? Дали е можно ова да го направи една сериозна фирма која се грижи за својот кредибилитет, квалитет, стручност, навременост? Со еден збор, не!

 

И покрај постоењето на одредба за проверка на невообичаено ниски цени во процесот на аукција ова не се применува и цената може да се спушти бесконечно. Што ќе се добие за ваква цена, колку е услугата од полза за корисникот и какви одлуки и постапки ќе направи набавувачот врз база на вака избран експерт или фирма? Ако постоеше систем кој ќе мери квалитет на услугата и резултати на активностите на администрацијата врз основа на ваква услуга, сигурен сум дека ќе покажеше неповолни оценки. Мораме да разбереме дека интелектуалните услуги преставуваат важен основ врз кој ќе се темeлат значајни политички и економски одлуки, инвестиции, политики, регулативи и се она што влијае врз работењето на бизнис секторот и врз животот на граѓаните. Оттука, ако имаме грешни појдовни основи, целиот систем ќе биде поставен врз погрешни постулати. Не смееме да си дозволиме неквалитет!

 

Една сериозна консултантска фирма гради свој имиџ со години, вложува средства во унапредување на кадарот, школување, обука, развој на системи, опрема има големи фиксни трошоци и апсолутно не може да си дозволи смешно ниски цени кои се постигнуваат преку аукциите. Голем број на фирми се откажале од учеството на вакви повици бидејќи ги сметаат како несериозни и се насочиле кон други извори на приходи.

 

Од друга страна доколку сериозните и квалитени фирми не учествуваат на повиците, тогаш кој учествува и што може набавувачот да очекува од нив?

 

Причините за ваква ситуација можат да се најдат во самото креирање на тендерската документација и тоа од дефинирањето на потребата од услуга, определување на буџетот, осмислување на критериумите за избор, небарање образложена методологија и план за работа, постапка без личен контакт со понудувчот и конечно самиот начин на утврдување на цената на услугата. Сето ова остава простор за создавање нелојална конкуренција која и штети на професијата и нанесува огромни штети на долг рок.

 

Прво, не е јасно како се утврдува потребата од набавката, а потоа и буџетот за набавка на одредена услуга. Ќе посочам пример: општина набавува стратегија за развој. Не може јасно да се утврди потребата ниту начинот на финансирање на стратегијата. Во таков случај и не е многу важно каква е стратегијата, туку само да се има некаков ефтин бескорисен документ, за кој веќе никој никогаш нема да праша.

 

Второ, критеримите за избор кои треба да обезбедат селекција на квалификувани понудувачи, со докажана експертиза и искуство. Потребните број и вид на референци не се секогаш во насока на докажување на капацитет на квалитетен понудувач, туку од искуството на нашите членови постои сомневање дека се прават со намера за фаворизација на одреден понудувач.

 

Трето, не-барање на методологија и план за работа, создава висок степен на ризик да се избере понудувач само врз база на документи, без лична проверка на капацитетот на понудувачот. Во ваков случај првиот контакт со давателот на услугата се остварува дури при испорака на производот на услугата, односно кога веќе е доцна.

 

Какви се резултатите од ваквиот начин на вршење на набавки?

 

За волја на вистинита не е познато. Не постојат анализи и докази кои би можеле да укажат кои се резултатите од ваквиот начин на набавување. Можеме да најдеме многу податоци колку средства се потрошени за кои намени, но нема податоци за тоа што е ползата и крајниот резултат (импакт) од набавките и како тие влијаеле на работењето на самата организацијата и конечно какви ефекти имало врз економијата и граѓаните.

 

Што може професијата да придонесе за развој на набавките на менаџмент консалтинг услугите?

 

МКА 2000 ја развива професијата менаџмент консалтинг веќе 19 години и во тој период ги обединува професионалните консултанти во РМ. Оваа професија е релативно млада и нерегулирана во државава, но сепак се обавува повеќе од 30 години и во овој период се создадени бројни консултанти кои искуството го стекнале низ бројни проекти, од кои најголем број биле финансирани и управувани од донаторски фондови. МКА 2000 е акредитирана од светската организација на менаџмент косултанти за издавање сертификати под назив Сертифициран Менаџмент Консултант. Процесот на издавање сертификат е одобрен од глобалната организација и обезбедува дека носителите на овој сертификат поседуваат соодветни квалификации, искуство, знаења, компетенции и вештини за обавување консултантска професија. Сертификацијата е прв чекор кон регулацијата на професијата која ќе намали ризик од ангажирање на несоодветни консултанти кои можат да ги загрозат резултатите кои се очекуваат од набавката на услугите.

 

Секоја јавна набавка има за цел купување на соодветна услуга, производ или работа со користење на минимум средства, но притоа обезбедувајќи транспарентност на процесот, еднаков и фер третман на сите понудувачи. Се надевам дека новиот Закон и уште поважно, неговата практична примена ќе ги задоволи овие принципи на обостран интерес на набавувачите и давателите на услуги.

 

Новиот Закон за ЈН е правен врз основа на забелешките на постојниот Закон и доста транспарентно, преку низа форуми, консултации. МКА 2000 учествуваше со свои представници во дебатите, имаше и писмени дописи до МФ каде даде свои забелешки и укажувања за Законот. Воведување на концептот економски најповолна понуда е голем напредок и се надеваме дека доследно ќе се применува. За имплементација на ваквиот концепт ќе биде потребно време за градење на капацитети во единиците за јавни набавки во институциите бидејќи е ова работа која бара специфично знаење и време.

 

МКА 2000 е асоцијација на професионални менаџмент консултанти и е подготвена за даде поддршка во сите фази на набавките, од дефинирање на потреба, до избор на давателот на услугата. Досега вакво партнерство не постоеше и МКА 2000 не била поканета да биде партнер кој може да го поддржи процесот. Ваквите партнерства се познати во светот и даваат позитивни резултати.

 

Кога зборуваме за набавка на консултански услуги мора да напоменеме дека голем дел од пазарот на овие услуги е во рацете на проектите финансирани од меѓународни институции. Набавките на интелектуални услуги за потребите на овие проекти се доста професионални и осигуруваат квалификуваност на испорачателите. Голем број проекти ангажираат страни експерти и покрај докажаните домашни капацитети. Ангажирање на страни експерти е од една страна добро бидејќи носат експертиза која ја немаме, искуство во водење проекти и професионализам. Работење на домашните експерти покрај нив во многу би придонело за градење на капацитети на домашните експерти така да во иднина не мора да бидеме зависни од скапи странски експерти туку ќе изградиме домашна експертиза за многу пониска цена. Може да се каже дека ситауцијата полека се раздвижува и дека имаме случаеви на ангажирање на домашни екперти на вакви проекти, но сепак останува уште долг пат пред нас.

 

За крај би укажал на алка која недостасува во системот а таа се однесува на мониторинг и евалуација. Постојано трпиме критики од меѓународни организации заради недостаток на овие системи и крајно време е да се вградат во сите пори од животот.

 

Недостатокот на Национален систем за евалуација и Национална политика за евалуација остава простор планирањето и спроведувањето на политиките и регулативите да се обавува без вистинско разбирање какво е нивното влијание врз бизнисот или животот на граѓаните.

 

Самата регулатива за поддршка на евалуацијата не е соодветна и сама по себе предизвикува исклучително ниска побарувачка за овој вид на услуги. Ова секако предизвикува и недостаток на обучен кадар за евалуација како во институциите така и во делот на независните евалуатори.

 

Во рамки на МКА 2000 делува Македонска Мрежа на Евалуатори која во соработка со меѓународни партнери работи на промоција на евалуацијата како и на унапредување на професионалните капацитети на евалуаторите во земјата и како таква организација е природен партнер на администрацијата за развој на концептот на евалуацијата во РМ.

 

Автор: Влатко Данилов

Претседател на Management Consulting Association “MCA-2000”

 

Сподели