Еуростат: Македонија со најголем раст на туристички ноќевања во Европа 23.01.2019

Минатата година Македонија имала најголемо зголемување на бројот на туристички ноќевања меѓу членките на ЕУ, европскиот економски простор и кандидатите за членство, додека Србија е на второто место, информираат од Еуростат.

Според статистичките податоци на Европската унија, Македонија лани во споредба со 2017 година имала зголемување на бројот на ноќевања за 18,9 отсто, додека во Србија овој раст изнесувал 12,4 отсто.

Бројот на ноќевања на странските гости во Македонија е зголемен за 22 отсто, а на домашните за 13,1 отсто, додека во Србија бројот на ноќевања на странци бележи раст за 15,5 отсто, а на домашните гости за 10,6 отсто. Во Србија вкупно имало 9,3 милиони ноќевања, од кои нерезиденти се 3,7 проценти, додека домашните туристи учествувале со 5,7 проценти. Македонија имала 2,2 милиони ноќевања.

Според податоците на Еуростат, бројот на ноќевања на Косово е зголемен за 11,7 отсто, од кои на нерезиденти за 6,9 отсто, а на домашните гости за 24,2 отсто. Вкупно се остварени 300.000 ноќевања.
Во Црна Гора бројот на ноќевања изнесувал 4,2 милиони со раст од 7,5 отсто, од кои бројот на ноќевања на странци е зголемен за 7,9 отсто, а на Црногорците за 3,7 отсто. Хрватска минатата година забележала раст од 3,9, со вкупно 89,4 милиони ноќевања.

Од земјите кои не се членки на Европскиот економски простор, најголем раст е забележан во Лихтенштајн од 8,2 проценти, со околу 200.000 ноќевања.

Во ЕУ најголем раст е забележан на истокот – Латвија од 8,3 проценти, Литванија 7,7 проценти, Малта 6,5 проценти, Полска 5,8 проценти и Романија 5,5 проценти. Најголем процентуален пад е забележан во Луксембург – 4,3 проценти. Вкупно најмногу ноќевања имала Шпанија – 467 милиони, иако е забележан пад од 0,9 отсто во споредба со претходната година, поради намалување на ноќевањата од 1,6 отсто на странските гости, додека бројот на ноќевањата на Шпанците е зголемен за 0,5 отсто. На второто место според бројот на ноќевања е Франција со 443,5 милиони, потоа следи Италија со 428,7 милиони, Германија со 418,5 милиони и Велика Британија со 350,7 милиони.

Повеќе

Како ќе растат пензиите ако не го следат растот на платите? 23.01.2019

Здруженијата на пензионери во Македонија се загрижени дека со новиот модел на пресметка на пензиите ќе се зголеми социјалниот ризик за групата на пензионери која е примател на минимална пензија. Исто така го критикуваат новитетот на Министерството за труд и социјална политика како неправеден бидејќи наводно постои ризик минималната пензија да биде пониска од износот на социјалната помош која се проектира на износ од околу 11 илјади денари.

 

Според новиот модел раст на пензиите на годишно ниво ќе има согласно зголемувањето на трошоците за живот. Така ако растат цените за различни продукти и услуги ќе има соодветно зголемување и на пензиите. Во новиот модел нема да биде вклучена пресметката на растот на просечните плати како што тоа досега важеше.

 

„Усогласувањето на пензиите со трошоците на живот двапати годишно обезбедува постојан раст. За да не мора да ја поместиме старосната граница за пензионирање на 67 и за да не ги замрзнеме пензиите избравме средна варијанта која значи раст во континуитет дури и дополнително  зголемување од четири проценти доколку  расте економијата“, посочи министерката Царовска.

 

Главните причини за менување на моделот се анализите на Светска банка од каде има сериозни критики за неодржливост на државниот пензиски фонд чија „дупка“ мора некако да се пополни, односно да се размислува за зголемување на прагот за возраст за одење во пензија и целосно замрзнување на износот на пензиите во наредните години. Затоа од труд и социјала велат дека е постигнато компромисно решение без на никого ништо да му биде скратено. 

 

Здруженијата на пензионери во Македонија даваат предлог интервентно да се зголеми само износот на минималната пензија, односно да се подобрат примањата на околу 80.000 пензионери кои имаат пензија на месечно ниво од 9.000 денари. 

 

„Ако социјалната помош сега достигне 11.700 денари, а има пензионери, и тоа голема група, што земаат под 9.000 денари пензија, не може човек што работел толку години сега да има помала пензија од примателите на социјална помош. Тоа ќе ги погоди оние со ниски примања, просечната пензија сега е 14.500 денари, и 170 илјади пензионери ќе бидат погодени на овој начин. Сега оние што добиваат поголеми пензии ќе имаат поголемо зголемување, вели Драги Аргировски, претседател на Здружение на пензионери на Македонија.

 

Доколку пак, БДП порасне за 4% на годишно ниво ќе се направи нова проценка која ќе отвори можност за зголемување на пензиите. Царовска тврди и дека со новата даночна реформа ќе се постигне систематско зголемување на пензиите, а не паушално или по потреба за собирање на политички поени во изборни години како што тоа се вршело во минатото.

Повеќе

Со Оперативниот план за вработување лани 6.374 лица нашле работа 23.01.2019

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска рече дека е задоволна од реализацијата на планот нагласувајќи дека е особено значајно што од вкупниот број опфатени лица, 3.359 или 53 % се млади до 29 години. Со Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот лани биле опфатени 6.374 лица. Реализирани се 95 отсто од планот, а за неговото спроведување се потрошени приближно милијарда денари.

 

– Оперативниот план за активни програми и мерки за вработување и услуги на пазарот на трудот за 2018 година претставува одличен пример за родова еднаквост, во него 54 % односно 3456 лица од учесниците во активните програми и мерки за вработување беа жени, што за нас претставува посебен успех и голем придонес за поголема инкузивност на жената на пазарот на трудот – рече Царовска.

 
Во Програмата за практиканство биле вклучени 1.263 невработени лица до 34 години. Утврдено е дека таа мерка дава високи резултати и е преточена во закон кој е во собраниска процедура.

 

Со мерката Младинска гаранција која стартуваше како пилот-проект минатата година биле вклучени 5.266 лица, од кои 34% се вработиле по четири месеци од вклучувањето во Агенцијата за вработување. Во Оперативниот план за годинава што наскоро треба да биде усвоен од Владата се планира проширување на оваа мерка наместо во само неколку градови во три региони.

 

Според директорката на АВРМ Билјана Јовановска, лани имало голем интерес за програмите и мерките што овозможуваа директно вработување. Преку Програмата „Самовработување“ сопствен бизнис отвориле 1.191 лице, мерката „Субвенционирање плати“ овозможила да се вработат 759, а преку мерката „Вработување и раст на правни субјекти“ работни места добиле 374 лица. Во програмата за општинско-корисна работа учествувале 703 лица, кои обезбедувале социјални услуги во 56 општини во државата, најмногу како образовни и лични асистенти. Преку Законот за вработување инвалидни лица се доделени финансии за работен ангажман на 209 лица, додека во обуките за побарувани занаети учествувале 100, а за побарувани занимања 239 лица.

 

– Голем беше интересот кај невработените лица за учество во обуките за стекнување компјутерски вештини,  при што за основни компјутерски вештини се пријавиле 139 лица, а 100 за напредни вештини – рече Јовановска.

 

Одговарајќи на новинарски прашања во однос на барањата за квалификуван кадар на пазарот на труд, упати на последната анкета на АВРМ меѓу работодавачите во која 62 проценти од 1882 анкетирани рекле дека имаат потреба од 18.000 вработувања. Се бара ангажман на машински и градежни инжинери,  економисти,  технички оператори, електротехничари, комерцијалисти, администратори,  шивачи,  продавачи, касиери, келнери, градежни работници, готвачи, заварувачи и браварии  хигиеничари, чевларски работници.

Повеќе

Нови дигитални услуги на УЈП и Царина - Кои се главните подобрувања? 23.01.2019

Повеќе услуги на УЈП и Царина ќе станат дигитализирани и достапни во електронска форма, а корисниците ќе може побрзо, поефикасно и полесно да пристапат кон нив во повеќе области со што Министерството за финансии очекува навремен и неселективен поврат на ДДВ, електронско следење на плановите за јавните набавки, како и електронско обработување на царинските декларации и акцизните документи. 

 

- Управата за јавни приходи направи Модул за автоматски поврат и пребивање даноци кон сите даночни обврзници. Главната цел е прецизно и навремено извршување на повратот и пребивањето даноци кон даночните обврзници, информира министерот за финансии, Драган Тевдовски.

 

Модулот за автоматски поврат и пребивање ќе стартува во текот на оваа година. Паралелно, во насока на подобрување на услугите за фирмите, минатата година Министерството заедно со Царинската управа работеше и на Системот за управување со царински декларации.

 

Системот за управување со царински декларации на почетокот на февруари ќе почне да се применува на 11 пилот-проект царински испостави, а веќе од средината на годината ќе почне да се применува во сите царински испостави во земјава.

 

- На овој начин, за фирмите, значително се скратуваат трошоците и се намалува времето во подготовка и поднесување на документите. Сите документи ќе се поднесуваат електронски од која било точка во која било царинска испостава. Наша цел е да се автоматизираат процесите и со тоа  да им се понудат подобри услуги и на граѓаните и на компаниите, вели Тевдовски.

 

 

Системот за обработка на царински декларации и акцизни документи ќе овозможи и размена на податоците со другите институции, како на пример, со Управата за јавни приходи при поднесување ДДВ пријави кон кои се поднесуваат царински декларации или со Заводот за статистика и Народна банка за податоци за увоз и извоз.

Повеќе

Владата најави изградба и реконструкција на 770 километри патишта оваа година 23.01.2019

Годинава во Македонија ќе се инвестираaт 1,24 милијарда евра во нови патишта и реконструкција на постоечката патна инфраструктура во должина од над 770 километри.  Тие активности треба да обезбедат заздравување и раст на градежништвото, а во нив директно или индиректно ќе бидат вклучени околу 10.000 лица, ветија премиерот Зоран Заев и владиниот економски тим, кои ветуваат патишта за внатрешно и поврзување на државата со соседите, со цел побрзи транспортни услуги и за граѓаните и за компаниите.

Годинава се планира да почнат нови проекти за изградба и рехабилитрација на 43 патишта и да продолжи изградбата и реконструкцијата на 27 патни правци.

Стратешки приоритет е продолжувањето на изградбата на автопатот Кичево-Охрид, пуштањето во употреба на автопатот Миладиновци-Штип, стартот на изградба на автопатот Скопје – Блаце.

Како што информира вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев, по ланските завршени 192 километри патишта во вредност од само 30 милиони евра, сега се во тек проекти во вредност од 1,035 милијарди евра во должина од 365 километри, а годинава ќе почне да се работи на патишта во должина од 421 километар со инвестиција од 236 милиони евра.

– Вкупно се интервенира на 977 километри со милијарда и 300 милиони евра, проекти кои се обезбедени и технички и финансиски, рече Анѓушев.

Според него, минатата година не е изгубена за градежништвото и е искористена за подготовка на проектите кои годинава ќе го зголемат растот во тој сегмент.

Според министерот за транспорт и врски Горан Сугарески,  40-ина патишта во вредност од над 230 милиони евра и вкупна должина од 420 километри се подготвени за рехабилитација или реконструкција.  Меѓу тие се изградбата на автопатот Скопје –Блаце, реконструкција на автопатот од Катланово до Петровец, стартот на вторите фази од експресните патишта Штип-Радовиш и Штип-Кочани, како и последниот дел од експресниот пат Градско-Прилеп, реконструкција на регионалниот пат Ранковце-Крива Паланка, доизградба на трета лента на потегот од Крива Паланка до преминот Деве Баир.

Министерството за транспорт е во завршни преговори со Светска Банка за обезбедување 70 милиони евра за изградба и реконструкција на локални патишта.

Повеќе