Интервју Димовски: Сите компании бесплатно може да проверат дали се усогласени со регулативата 16.01.2019

Во интервју со Љубомир Димовски, директор на Епи Центар Интернационал разговараме за листите за проверка на усогласеноста на компаниите со законските прописи и барања. Овие check листи се резултат на проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ во кој се вклучени Стопанската Комора на Македонија, Комората за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, Стопанската комора на северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија. Целта на овој проект е фирмите од Македонија да ја подобрат својата усогласеност со законските барања, а бизнис организациите да воспостават конструктивен дијалог за подобрување на регулативата. Епи Центар Интернационал е главен имплементациски партнер на овој проект.

 

Димовски: Во 2016 година, кога се појави можноста за финансирање на проект за идеи поврзани со проблемите на фирмите од аспект на усогласување на нивното работење со деловната регулатива, ние како претпријатие дојдовме до идеја да иницираме формирање на конзорциум кој се состои од Епицентар како линк партнер, Стопанската комора на Македонија, МАСИТ, како претставник на ИКТ индустријата, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија. Нашата идеја е да одговориме на проблемите кои ги имаат малите фирми.

 

Една од нашите главни поенти е дека, во суштина, најголем број од претпријатијата кои биле казнувани поради неусогласеност со регулативата, многу често биле неусогласени поради нивната неинформираност, а не тенденциозно. Од наше искуство, малите фирми многу често не се во состојба да ги следат законите бидејќи немаат доволно персонал. Во деловно опкружување каде што има над 500 промени на законите во текот на годината речиси е невозможно едно мало или микро претпријатие, коешто нема најмено сметководител или адвокат, да ги следи законите. Од тие причини, при планирањето на активностите и подготовката на проектот тргнавме од тоа да подготвиме активности кои, во суштина, ќе помогнат за неколку работи. Прво, да им помогнат на коморите да направат некаков вид на инструменти со коишто ќе го подобрат протокот на информации од нив до претпријатијата, но и до соодветните државни институции. Второ, да формираме алатки кои ќе им помогнат на коморите да стигнат до што повеќе мали претпријатија. Во Македонија има повеќе од 70.000 претпријатија, а 80%-90% од нив се мали претпријатија, кои во најголема мерка немаат капацитети да ги следат законите. Од тие причини, беше многу битно да се направи еден систем кој на коморите ќе им овозможи, користејќи ги тие алатки, да го подобрат информирањето на претпријатијата. Притоа, да креираме атмосфера која нема да ги исплаши претпријатијата да се чувствуваат загрозено дека некој прави контрола на нивното работење.

 

Во кои области се направени тие листи за проверка, коишто се целосно усогласени со законите?

 

Димовски: Интерактивните листи за проверка или check листи имаат две основни цели. Едната е да ги информираат претпријатијата за обврските коишто ги имаат за законите кои се однесуваат за сите претпријатија и за секторските закони, коишто се однесуваат токму на предметот на работење на овие претпријатија. За  да може подобро да се фокусираме, издвоивме пет сектори: текстил, туризам, ИКТ, градежништво и земјоделство. По однос на ова формиравме сет на листи за проверка во кои претпријатијата на многу едноставен начин со одговор „да“, „не“ или „не знам“ одговараат на сите прашања кои се поврзани со обврските од законите. На крајот по пополнувањето на целата check листа системот дава индикација дали претпријатието е усогласено со законите, во колкава мера е усогласено и со кои прописи не е усогласено. Во исто време им го дава членот од законот со којшто не се усогласени и можната глоба. Потпишавме меморандум со Службен весник, па системот на крајот им дава линк каде што можат да го симнат целиот член од законот кој се однесува на конкретниот предмет.

 

Сакам да потенцирам дека ова не е замена ниту за сметководители, ниту за адвокати. Идејата е да се информираат претпријатијата дали и колку се усогласени со законите и потоа да одлучат што ќе прават. Тоа е главното. Системот ни помага и нам како проект зошто врз основа на пополнетите информации добиваме статистички извештај за тоа кои членови од законите најмалку се усогласени од претпријатијата и на тој начин ги откриваме слабите точки.

 

Пример, сега се подготвува нов предлог текст за Законот за работни односи. Ние имаме над 70 листи за проверка пополнети за оваа област и мислиме дека тие информации многу ќе помогнат во подготовка на новиот текст за законот.

 

Колку време постојат и се во функција овие check листи?

 

Димовски: Листите за проверка постојат и се отворени од поставувањето на порталот www.biznisregulativa.mk во јуни 2018 година. Досега се пополнети околу 550 листи и мислиме дека имаме доста добра слика за тоа каде се проблемите во работењето на фирмите. Многу луѓе не се свесни дека кога ќе отвориш фирма има многу барања коишто секоја фирма треба да ги задоволува. Затоа овие листи на проверка се одлична алатка секоја фирма, секој претприемач да ја провери својата усогласеност со законите.  На фирмите им помагаат да се информираат, на законодавецот да се информира каде се проблемите, а на коморите да ги разберат барањата на фирмите кои се поврзани со одредени закони.

 

Овој сервис моментално е целосно бесплатен. Ги повикуваме фирмите да г користат и евентуално да ги откријат пропустите во своето работење. Сакам да потенцирам дека системот е анонимен и со него не се собираат податоци за фирмите. Никој не може да знае кој и како пополнувал, ниту пак податоците се споделуваат со некого. Идејата е да се споделуваат заклучоците. Заклучоците се тие што треба да се кажат. Мислиме дека системот може многу да помогне и е идеален за овој тип на активности затоа што обезбедува анонимност и коморите се природните застапници на фирмите. Мислиме дека со вметнувањето на системот во коморите како носител на порталот Biznisregulativa.mk многу може да им се помогне на претпријатијата да си го проверат своето работење.

 

Дали кога вие ги правевте листите знаевте дека во новиот закон за инспекциски надзор ќе бидат вметнати вакви листи како задолжителен елемент од работата на инспекциите?

 

Димовски: Најверојатно е заедничка идејата затоа што ние листите за проверка ги зборуваме уште од почетокот на проектот во 2016 година. Во целиот изминат период имавме многу состаноци и со Инспекцискиот совет и со Министерството за информатичко општество и јавна администрација за иднината на овие листи за проверка.

 

Ги повикуваме сите фирми коишто ќе прочитаат да пробаат да ги пополнат листите за проверка на порталот Biznisregulativa.mk.  Да повторам, пополнувањето на листите е целосно анонимно. За нив ќе биде една добра можност да видат дали нивното работење е усогласено со законските прописи. Тој извештај што ќе го добијат на крајот е само нивен.

 

Автор: Верица Јорданова

Повеќе

Нико Славнич: Без јасна стратегија и прецизен акциски план не е можен туристички развој! 08.01.2019

Неодамна во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија се одржа Форум за туризам во рамки на Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“. Еден од учесниците беше Нико Славнич, директор и косопственик на џебниот туристички водич In Your Pocket City Guide, професор на Бледската школа за менаџмент и експерт кој учестуваше во изработка на стратегијата на Словенија за развој на туризмот

 

БизнисРегулатива: Словенија денес е доста актуелна како зелена дестинација, дестинација за активен туризам и доста барана на светската мапа на странските туристи. Дали постои некаков рецепт како Словенија стигна до оваа титула?

 

Славнич: Сигурно тоа најмногу е поврзано со луѓето коишто работат на туризмот и поврзување на тие луѓе од локален, регионален и национален интерес. Државата сама го препозна интересот за туризмот и потоа и организацијата на самата држава, на локалните и регионалните туристички организации и компании во туризмот се поврзани со една заедничка цел - земјата да стане зелена туристичка дестинација, дестинација за активен и здравствен туризам. Така се става фокусот на одредени предефинирани туристи и пазари. Имаме 12 профили на туристи со прецизно дефинирани интереси и карактеристики кои се идеални за Словенија.

 

БизнисРегулатива: Споменавте дека за Словенија се многу битни искуствата што им ги нуди на туристите. Можете ли да ни кажете неколку примери за тие искуства кои би биле апликативни и во Македонија?

 

Славнич: Има многу работи коишто Македонија може да ги развие. На пример, правење игралишта и терени за голф, коишто во моментот ги нема. Понатаму, велосипедскиот туризам, кој активно го промовира Словенија. Тука мислам на велосипедските трки и фокусирање на активни аматери велосипедисти. Така тие луѓе поинуваат некое време во земјата и ја запознаваат. Можам да го споменам и глемпингот, концепт за луксузно и модерното кампување. Во Словенија веќе има 38 такви центри  - од шатори, куќички на дрво до еколошки прифатливи решенија кои не и наштетуваат на околината како некои хотели, а исто така имаат некоја премиум вредност. Иновативноста и препознавањето на уникатноста се најважни за развој на туризмот. Можеби можете да понудите некои ајвар тури во регионот. Предност наместо на аеродромите треба да се дава на нештата што се автентични за Македонија. Така може некој ќе плати повеќе за да види нешто кај вас затоа што ќе биде автентична понуда.

 

БизнисРегулатива: Што би препорачале за  Македонија во поглед на идните правци за развој на туризмот?

 

Славнич: Без добра стратегија нема јасна цел кон која се движите во развој на туризмот. Без таа цел приоритетите ќе се менуваат со секоја промена на власта. Прво треба да се дефинира насоката во која се движите, а потоа на тоа треба да се работи со јасен акциски план. Да се има јасен таргет и до кога треба да се заврши нешто. Секако, мора да го напоменам и поврзувањето на сите учесници - од стопансктите комори, туристичките комори до хотелите. Значи, сите кои имаат некаков економски интерес мора подобро да се поврзат затоа што нивниот најголем интерес се подобар туризам и поголема препознатливст на државата. Кога ќе ја подигнете цената на државата, се додава дополнителна вредност на се што нудите. Јас верувам дека Македонија може да има барем два-три пати поголеми приходи од туризмот отколку што има сега.

 

Повеќе

Со новиот закон за инспекциски надзор креираме поповолна клима за економски развој 05.01.2019

Со претседателската на Инспекцискиот совет, Магдалена Филиповска Грашкоска разговаравме за новините во инспекцискиот надзор кои се предвидени со новиот закон за инспекциски надзор кој се очекува да биде донесен на почетокот на oваа година.

 

Кои се клучните новини предвидени со новиот закон?

 

Со оглед на тоа дека инспекцискиот систем има големо влијание на инвестициските одлуки кои што ги носат компаниите од аспект на развој на бизнисот, градење нови објекти, вработување нови лица итн, повеќе од јасно е дека е неопходно  инспекцискиот систем да претрпи реформи. Факт е дека инспекциите влијаат врз растот и развојот на економијата во државата. Од таа причина, се процени дека има потреба од нов закон. Делумно за да се воведат некои нови механизми, коишто ќе придонесат за растот и развојот на економијата. Но, самата реформа ниту почнува, ниту завршува со овој закон. Одлично е што во исто време се носи нов закон за прекршоци затоа што огромните глоби кои се изрекуваа досега беа една од причините кои негативно влијаеа на економскиот раст и развој. Генерално, реформата треба да има една поголема цел, односно да се измени начинот на перцепција и на размислување од страна на инспекциските служби. Својата цел на работа да не ја гледаат само во стриктното спроведување на законите, наоѓање на пропусти во работењето на субјектите и изрекување на казни, туку како цел на нивната работа да се постави обезбедување на безбедноста на граѓаните, животната средина, развојот на економијата, намалување на ризици во различни области. Доколку се постави таква цел, нормално и очекувано е дека до израз ќе дојде и советодавната улога на инспекциите.

Ова е еден многу поопсежен процес. Од една страна го имаме новиот закон за инспекциски надзор, од друга страна наредна година ќе се спроведува процесот на реорганизација на целата администрација, вклучително и на инспекциските служби. Зошто? Затоа што во пракса се случува за одредена дејност да се дуплира надлежноста на повеќе инспекциски служби коишто имаат или тврдат дека имаат надлежност. Тоа креира несигурноста кај фирмите. Не знаат која  инспекциска служба може да дојде и да побара надзор и каква документација ќе побара. Се надевам дека таа реорганизација многу ќе придонесе за севкупната реформа и јасно поставување на надлежностите на сите инспекциски служби.

 

Што е со сегашните check листи и колку вие сте задоволни од тоа колку се користат од моментот кога се издадени досега?

 

-Колку што сум јас информирана, овие листи за проверка се за осум области. Да, располагам со информации дека голем број на субјекти ги користеле. Неспорен е фактот дека тоа е релевантна бројка на субјекти коишто ги користеле, исто како што е неспорен фактот дека ова искуство и овие листи треба да бидат земени предвид особено затоа што законот сега предвидува обврска на инспекциските служби да ги користат како официјални, задолжителни и јавно достапни документи. Тие ќе ги користат како инструмент при реализирање на редовните надзори. Мислам дека би било исклучително корисно да се земе предвид досегашното искуството како една појдовна основа, но допрва ќе се прецизира нивната примена. Допрва ќе се решава дали тие листи за проверка ќе се прават според дејности или според области, за да може фирмите да си ја проверат усогласеноста и да се информираат која инспекциска служба врши надзор.

 

Дали овие листи за проверка коишто веќе се изработени ќе бидат искористени за да не се дуплира работата?

 

Зошто не би биле искористени? Тоа е една одлична појдовна точка и некој сепак вложил труд. Можеби на крајот и ќе дојдеме до заклучок дека најдобро би било да одиме по области, па ќе се искористи и поголем дел од ова што досега е сработено. Меѓутоа, пак останува првенствено да се искоординираме со инспекциските служби бидејќи досега го слушнавме ставот на бизнис заедницата и знаеме дека сметаат дека за нив е подобро да биде по области, но сега да слушнеме што има да каже другата страна. Целта е на сите да им се олесни овој процес.

 

Кога ќе бидат готови листите за проверка, како тие ќе фунцкионираат на терен? Ќе бидат ли јавно објавени?

 

Како што кажав, ќе бидат првенствено законска обврска, што е новина затоа што досега има неколку инспекциски служби коишто си имаат изготвено check листи, меѓутоа тие не се задолжителен елемент во вршењето надзор. Значи, првата промена е што ќе бидат законска обврска за секоја инспекциска служба. Втората работа е она што слогласно законот тие ќе бидат јавно достапни. Целта со ова законско решение при вршење на планираните редовни надзори е заедно со известувањето за надзор да се достави и листата за проверка пред да биде извршен надзорот. Законот дава можност во ситуација кога инспекторот ќе процени дека не е неопходно физички да присуствува на надзорот, да може да ја достави таа check листа и да побара да му биде вратена назад соодветно пополнета и поткрепена со пропратна документација што ги потврдува дадените одговори. На тој начин се дава можнсот од една страна да не се оптоварува или прекинува процесот на работење на субјектот и  да се избегне притисокот.  Едновремено, ќе се заштедат ресурси и на инспекциските служби. Другата цел на овие листи е да се избегне различното толкување и различното постапување од страна на инспектори од еден ист инспекторат во различни региони.

Со самото воспоставување на check листите ќе биде дадена рамка што треба да провери инспекторот, а субјектот на надзор во секој момент ќе знае што може да му биде побарано. И третата придобивка од check листите е тоа што сите субјекти ќе можат да извршат самооценување на својата работа и да утврдат дали имаат пропусти. И без да имаат најава за инспекциски надзор самите да си проценат дали ги исполнуваат сите барања коишто се очекуваат. Најголемиот дел од микро, малите и средните претпријатија всушност сакаат да работат согласно законските правила, но поради ограничените човечки и финансиските ресурси не им е јасно кои се закони ги засегаат кога работат во одредена дејност. Со тоа што можат да направат самопроценка ќе бидат растоварени од притисокот дека кога ќе дојде инспекторот ќе се најде некаква грешка во работењето. Кога на ова ќе се додаде и опомената, практично се создава солидна законска основа за реформирање на целиот инспекциски систем и на различниот пристап. Опомената се предвидува за прв пат во законот за инспекциски надзор како своевидна мерка. Целта е она за што приватниот сектор со години наназад реагира - дека не е потребно и неиздржано е да се изрекуваат глоби за минорни прекршоци. Она кон што се стремиме е опомената да биде првата мерка која ќе се изрече во случај да се утврдат некои недоследности коишто не го загрозуваат јавното добро, животот и здравјето на граѓаните и не ја загрозуваат животната средина. Кај таков тип неусгласености не можеме да се држиме само до опомената. Токму со опомената  ќе дојде до израз советодавната улога на инспекторите.

Во насока на намалување на субјективноста на инспекторите се воведува и еден нов механизам при изборот на фирми во кои ќе се врши надзор, а тоа е  процена на ризик. Пронката ќе се прави врз основа на дејноста со која се занимава формата, претходно искуство со инспексицки надзор и слично. Врз основа на тоа фирмите ќе се рангираат според ризичност и ќе се намали субјективноста на инспекциските служби при планирање на надзор. Колку е помал ризикот толку е помала шансата за вршење надзор. Овие критериуми ќе бидат разработени со подзаконски акти. Но, најголеми резултати ќе постигнеме кога ќе се воспостави софтверот кој ние го нарекуваме е-инспекција. Тој софтвер во кој ќе бидат вклучени сите инспекциски служби, ќе се наполни со податоци за сите правни субјекти. Овој систем ќе ги селектира фирмите според нивната ризичност и  тогаш инспекторите директно од системот ќе добиваат листа на фирми во кои ќе треба да се прави надзор. Со ова целосно ќе се отстрани човечкиот фактор и ќе влее доверба кај приватниот сектор. За почеток, системот ќе го истестираме во еден пилот-проект кој ќе опфати неколку инспекциски служби.

 

Кои се другите новини кои ги носи новото законско решение?

 

Јасно прецизирање на правата и обврските и на инспекторите и на субјектите кои се предмет на инспекциски надзор.  Новина е воведувањето на обврската инспекторите да чуваат деловна тајна до која може да дојдат при работата и одговорност ако ја издадат истата.

Се менува целосно и концептот за влегување на некоја личност во инспексицка служба. Се воведува едногодишна пракса која вклучува 3-месечна обука за законите и 9 месечна практична обука под менторство на поискусен колега. Потоа е полага испит па ќе се стекне со лиценца. Со ова ќе се стави акцент на квалитетна обука на инспекторите поквалитетно да ја вршат својата работа. До 2020 година една петтина  од вкупниот брј на инспектори ќе заминат во пензија и затоа е неопходно многу бргу да реагираме. За самата професија да стане поатрактивна предвидени се додатоци на платата, со оглед на тоа на какви ризици се изложени неопходно е нивната плата да биде поразлична од онаа на останатите административни службеници.

Со новото законско решение се менува и позицијата на Инспекцискиот совет, чија цел теба да биде првенствено координација на инспекциските служби, давање на соодветни мислења за законите кои навлегуваат во инспекциски надзор и да се грижа да не дојде до нивно преклопување.

Повеќе

Интервју Беким Хаџиу: Ќе се менува моделот на субвенции во туризмот 02.01.2019

Бизнис заедницата преку позициони документи како заеднички став на партнерите на Проектот партнерство за подобра бизнис регулатива ги искажа своите барања за промени на законите за туризам и угостителска дејност кои треба да придонесат во подобрување на оваа стопанска гранка, да се спречи нелојалната конкуренција, да се подобри начинот на категоризација на угостителските објекти, да се промени системот на лиценци за подобро работење на туристичките агенции, како и да се модернизираат инспекциските служби во оваа област. Затоа разговараме со Беким Хаџиу, раководител на секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија на Република Македонија за начинот на кој ќе се менува моделот на субвенции, како и тоа дали барањата на бизнис заедницата ќе бидат прифатени во можни законски решенија.

 

БизнисРегулатива: Бизнис заедницата излезе со заеднички став за подобрување и измени на законите за туризам и угостителска дејност. Дали Министерството за економија ги разгледа истите и дали ќе одговори на овие барања?

 

Хаџиу: Министерството за економија беше иницијатор на Законските измени, додека иницијативата на бизнис заедницата помогна во изнаоѓање на најдобро решение за подобрување на туристичката и угстителската регулатива во насока на воспоставување на поефикасна контрола и елиминирање на сивата економија.

 

БизнисРегулатива: Секторот туризам бара сеопфатна и долгорочна стратегија за развој. До каде е процедурата за нејзино изработување и дали ќе бидат земени во предвид предлозите на сопствениците, експертите и туристичките работници кои најдобро ги знаат состојбите во туризмот?

 

Хаџиу: МЕ во соработка со Светска Банка а согласно проектот за Локална и регионална конкурентност“ – за 2019 година има предвидено изготвување на Долгорочна стратегија за туризам и за истата ќе бидат земени во предвид предлозите на сопствениците, експертите и туристичките работници и планираме истите да бидат вклучени активно во работните групи и во изготвување на истата.

 

БизнисРегулатива: Како може да се среди проблемот со моделот на категоризацијата на капацитетите во земјава. Бизнис секторот побара и промени во Комисијата за категоризација која е оценета како неефикасна, несоодветна и преголема, односно бројот на членовите треба да се намали и да се издвои од Владата?

 

Хаџиу: МЕ исто смета дека треба да има измени во Правилиците за категоризација, односно да се додават нови правилници за угостителски објекти кои со сегашната регулатива не можат да се категоризираат (хостели, преноќишта, вили и сл).

 

Во делот на комисијата и МЕ смета дека истата треба да се смени во насока на намалување на бројот на членови во истата и предлага во новата комисија да има членови и од приватниот сектор.

БизнисРегулатива: Проблематична е и состојбата со водењето на регистри на угостителски објекти за што не постои точна евиденција. Истото води кон нелојална конкуренција, рушење на стандардите и услугата, а освен бизнис секторот трпи и државата?

 

Хаџиу: МЕ веќе има изготвена „Електронска платформа за водење на регистри“ која што во 2019 ќе почне со функција, каде што не само што ќе се водат електронски регистри, истата ќе има функција да електронски се поднесуваат и Барања за категоризација и лиценцирање на туристички агенции, како и промоција на категоризираните објекти и лиценцираните агенции преку платформата.

 

БизнисРегулатива: По иницијатива на Проектот партнерство за подобра бизнис иницијатива се одржаа два форума за стратешки развој на туризмот во Охрид и Скопје. Тука експертите и стопанствениците имаа можност да ги искажат досегашните проблеми, но и да претстават нови идеи. Меѓу нив се и промена на моделот на субвенции за наредните години, па во кои насоки ќе делува Министерството за економија?

 

Хаџиу: МЕ е на мислење дека треба да се смени моделот на субвенционирање на странски организиран туристички промет, начинот и моделот кој ќе се прифати од страна на МЕ ќе зависи од барањето на приватниот сектор.

 

Додека да се донесе нов модел на субвенционирање сметаме дека треба измени и во актуелниот во насока:

·        Да се упрости начинот на аплицирање во делот на потребната документација.

·        Субвенциите да се поделат во зависност во која категорија престојуваат туристите, односно по ѕвезди (ако се сместат во повисока категорија на хотел субвенцијата да биде поголема и обратно ако се сместат во пониска категорија субвенцијата да биде пониска) пр. хотел со 5*=25Е, хотел со 2*=15Е.

·      Исто така МЕ смета дека разликата не цените во зависност од земјите од каде што доаѓаат туристите треба да се намали. (моментално има земји кои што имаат 65Е субвенција а има и 25Е) сметаме дека треба да се унифицират во зависност од далечината на истите.

 

Автор: Х.С.

Повеќе

Интервју Соколовиќ: На морските дестинации ќе им конкурираме со нашата култура, традиција и уникатен туризам 29.12.2018

Долго време се води полемика дали Македонија треба да развива понуда за масовен туризам за време на летната сезона во Охрид или пак, да се фокусира на привлекување на поквалитетни гости кои сакаат различен вид на искуства од одење на плажа. Одличен пример неколку години поставува претприемачот Будимир Соколовиќ кој својата иновативна туристичка приказна ја започнал со откуп на стара куќа во тесна и затскриена уличка во стариот дел на градот Охрид. Сега вилата „Мал Св.Климент“ прераснува во идеално место за странските гости кои добиваат уникатно доживување со македонската традиција и култура. Вилата произведува и сопствено автохтоно вино кое не може да се најде на друго место. Сепак, за поддршка на ваков вид на туристички бизниси потребна е и создавање на целокупни услови од страна на властите. Затоа го прашавме Соколовиќ што е потребно за дополнителен развој на македонскиот туризам и какви се перспективите.

 

 

БизнисРегулатива: Како вие како претприемач очекувате да се решат проблемите во туризмот во Македонија и што треба да се преземе?

 

Соколовиќ: Очекувам како јас што се посветив на изградбата на објектот, неговото функционирање, унапредување, давање на нови услуги и понуди, така и останатите сегменти од функционирањето на туризмот со сите сегменти да го дадат својот максимум. Локалната самоуправа и централната власт да ги сослушаат нашите оперативни проблеми и не само да правиме стратегии туку брзо да реагираме и веднаш да ги решиме предизвиците.

 

БизнисРегулатива: Што од вашето лично искуство е потребно во бизнисот со туризам, дали е тоа локацијата, понудата или иновативните начини на наоѓање на нови корисници?

 

Соколовиќ: Американската школа вели дека за успешен бизнис се потребни три работи „Локација, локација, локација“. За жал мојот објект го нема тоа, се наоѓа во една скриена улица далеку од главната улица, но сепак тоа не е единствениот услов за добар бизнис. Можеби иновативноста и новите производи, како што од мината година покрај вила и сместувачки капацитети регистриравме и винарија од мал обем. Тука влеговме со проширување на понудата, иновативен дел е виното од локални и традиционални сорти и тоа наиде на извонреден прием кај странските гости.

 

 

БизнисРегулатива: Која е вашата замисла за македонскиот туризам, како треба да изгледа понудата во Охрид за прерасне уште повеќе во препознатлива и уникатна локација за гостите ширум светот?

 

Соколовиќ: За македонскиот, особено за охридскиот туризам треба да ја напуштиме кампањата на масовност во периодот јули-август. Тоа е тотален хаос со многу концерти и манифестации даваат погрешна слика.  хаос кој се создава, не може да конкурираме со плажа на морските дестинации, но може да им конкурираме со културата, традицијата. Странците, особено Холанѓаните велат блазе си ви за природата, со можности за различни видови на активен туризам како пешачење, едрење, планинарење. Езерото е најголемиот неискористен спортски капацитет во Македонија кое од септември до мај е празно, тука се потребни нови инвестиции во пристанишната инфраструктура, понуди за едрење во текот на целата година, дегустација на вино и привлекување на нови гости.

 

Автор: Х.С.

Повеќе