Интервју Димовски: Сите компании бесплатно може да проверат дали се усогласени со регулативата

БизнисРегулатива | 16.01.2019

Во интервју со Љубомир Димовски, директор на Епи Центар Интернационал разговараме за листите за проверка на усогласеноста на компаниите со законските прописи и барања. Овие check листи се резултат на проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ во кој се вклучени Стопанската Комора на Македонија, Комората за информатички и комуникациски технологии МАСИТ, Стопанската комора на северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија. Целта на овој проект е фирмите од Македонија да ја подобрат својата усогласеност со законските барања, а бизнис организациите да воспостават конструктивен дијалог за подобрување на регулативата. Епи Центар Интернационал е главен имплементациски партнер на овој проект.

 

Димовски: Во 2016 година, кога се појави можноста за финансирање на проект за идеи поврзани со проблемите на фирмите од аспект на усогласување на нивното работење со деловната регулатива, ние како претпријатие дојдовме до идеја да иницираме формирање на конзорциум кој се состои од Епицентар како линк партнер, Стопанската комора на Македонија, МАСИТ, како претставник на ИКТ индустријата, Стопанската комора на Северозападна Македонија и Сојузот на стопански комори на Македонија. Нашата идеја е да одговориме на проблемите кои ги имаат малите фирми.

 

Една од нашите главни поенти е дека, во суштина, најголем број од претпријатијата кои биле казнувани поради неусогласеност со регулативата, многу често биле неусогласени поради нивната неинформираност, а не тенденциозно. Од наше искуство, малите фирми многу често не се во состојба да ги следат законите бидејќи немаат доволно персонал. Во деловно опкружување каде што има над 500 промени на законите во текот на годината речиси е невозможно едно мало или микро претпријатие, коешто нема најмено сметководител или адвокат, да ги следи законите. Од тие причини, при планирањето на активностите и подготовката на проектот тргнавме од тоа да подготвиме активности кои, во суштина, ќе помогнат за неколку работи. Прво, да им помогнат на коморите да направат некаков вид на инструменти со коишто ќе го подобрат протокот на информации од нив до претпријатијата, но и до соодветните државни институции. Второ, да формираме алатки кои ќе им помогнат на коморите да стигнат до што повеќе мали претпријатија. Во Македонија има повеќе од 70.000 претпријатија, а 80%-90% од нив се мали претпријатија, кои во најголема мерка немаат капацитети да ги следат законите. Од тие причини, беше многу битно да се направи еден систем кој на коморите ќе им овозможи, користејќи ги тие алатки, да го подобрат информирањето на претпријатијата. Притоа, да креираме атмосфера која нема да ги исплаши претпријатијата да се чувствуваат загрозено дека некој прави контрола на нивното работење.

 

Во кои области се направени тие листи за проверка, коишто се целосно усогласени со законите?

 

Димовски: Интерактивните листи за проверка или check листи имаат две основни цели. Едната е да ги информираат претпријатијата за обврските коишто ги имаат за законите кои се однесуваат за сите претпријатија и за секторските закони, коишто се однесуваат токму на предметот на работење на овие претпријатија. За  да може подобро да се фокусираме, издвоивме пет сектори: текстил, туризам, ИКТ, градежништво и земјоделство. По однос на ова формиравме сет на листи за проверка во кои претпријатијата на многу едноставен начин со одговор „да“, „не“ или „не знам“ одговараат на сите прашања кои се поврзани со обврските од законите. На крајот по пополнувањето на целата check листа системот дава индикација дали претпријатието е усогласено со законите, во колкава мера е усогласено и со кои прописи не е усогласено. Во исто време им го дава членот од законот со којшто не се усогласени и можната глоба. Потпишавме меморандум со Службен весник, па системот на крајот им дава линк каде што можат да го симнат целиот член од законот кој се однесува на конкретниот предмет.

 

Сакам да потенцирам дека ова не е замена ниту за сметководители, ниту за адвокати. Идејата е да се информираат претпријатијата дали и колку се усогласени со законите и потоа да одлучат што ќе прават. Тоа е главното. Системот ни помага и нам како проект зошто врз основа на пополнетите информации добиваме статистички извештај за тоа кои членови од законите најмалку се усогласени од претпријатијата и на тој начин ги откриваме слабите точки.

 

Пример, сега се подготвува нов предлог текст за Законот за работни односи. Ние имаме над 70 листи за проверка пополнети за оваа област и мислиме дека тие информации многу ќе помогнат во подготовка на новиот текст за законот.

 

Колку време постојат и се во функција овие check листи?

 

Димовски: Листите за проверка постојат и се отворени од поставувањето на порталот www.biznisregulativa.mk во јуни 2018 година. Досега се пополнети околу 550 листи и мислиме дека имаме доста добра слика за тоа каде се проблемите во работењето на фирмите. Многу луѓе не се свесни дека кога ќе отвориш фирма има многу барања коишто секоја фирма треба да ги задоволува. Затоа овие листи на проверка се одлична алатка секоја фирма, секој претприемач да ја провери својата усогласеност со законите.  На фирмите им помагаат да се информираат, на законодавецот да се информира каде се проблемите, а на коморите да ги разберат барањата на фирмите кои се поврзани со одредени закони.

 

Овој сервис моментално е целосно бесплатен. Ги повикуваме фирмите да г користат и евентуално да ги откријат пропустите во своето работење. Сакам да потенцирам дека системот е анонимен и со него не се собираат податоци за фирмите. Никој не може да знае кој и како пополнувал, ниту пак податоците се споделуваат со некого. Идејата е да се споделуваат заклучоците. Заклучоците се тие што треба да се кажат. Мислиме дека системот може многу да помогне и е идеален за овој тип на активности затоа што обезбедува анонимност и коморите се природните застапници на фирмите. Мислиме дека со вметнувањето на системот во коморите како носител на порталот Biznisregulativa.mk многу може да им се помогне на претпријатијата да си го проверат своето работење.

 

Дали кога вие ги правевте листите знаевте дека во новиот закон за инспекциски надзор ќе бидат вметнати вакви листи како задолжителен елемент од работата на инспекциите?

 

Димовски: Најверојатно е заедничка идејата затоа што ние листите за проверка ги зборуваме уште од почетокот на проектот во 2016 година. Во целиот изминат период имавме многу состаноци и со Инспекцискиот совет и со Министерството за информатичко општество и јавна администрација за иднината на овие листи за проверка.

 

Ги повикуваме сите фирми коишто ќе прочитаат да пробаат да ги пополнат листите за проверка на порталот Biznisregulativa.mk.  Да повторам, пополнувањето на листите е целосно анонимно. За нив ќе биде една добра можност да видат дали нивното работење е усогласено со законските прописи. Тој извештај што ќе го добијат на крајот е само нивен.

 

Автор: Верица Јорданова



Сподели