Топ 5 идеи каков стартап да отворите во 2019 година

БизнисРегулатива | 11.01.2019

Со стартот на новата година имате доволно време да креирате квалитетен бизнис план и да ги реализирате идеите за нов стартап кој би го активирале на домашно или глобално ниво. Спојот на модерните технологии и новите потреби на корисниците оставаат голем простор за развој на иновативни бизнис идеи и стартап приказни кои имаат потенцијал за брз развој и освојување на пазарно учество. Во 2019 година, како и во наредниот период според повеќе анализи во пет области ќе има најголем раст на стартап компании кои ќе се посветат на обезбедување на услуги за здравје и фитнес, софтвер за смарт часовници, софтвери и алатки за бази на big data, потоа апликации во финансискиот сектор, како и во забавата.

 

 

Здравје и фитнес

 

Категоријата на здравје и фитнес ќе станува се поатрактивна за започнување на нови бизнис, особено со изработка на специјализирани апликации за смартфон, десктоп и смарт часовници и смарт фитнес алки кои на корисниците ќе им обезбедат следење на виталните функции. Секако, тука конкуренцијата е огромна, но затоа ако пронајдете нишка на пазарот која досега не е доволно развиена или експлоатирана ќе постигнете огромен успех со вашиот иновативен производ. Најпрво идејата за нова алатка тестирајте ја на домашниот пазар, на пример преглед на достапни места за фитнес, бодибилдинг и други видови на вежбања, можни совети од експерти и тренери, како и видови на режим на исхрана. Во делот на здравјето на македонскиот пазар има огромен потенцијал за нови софтверски алатки за добивање на медицински услуги, оценка и искуство со одредени лекови и препрати, па така ако имате добра идеја и квалитетен тим кој може да го изработи техничкото решение не се двоумете за да стартувате.

 

Смарт часовници

 

Додека продажбата на смартфони бележи стагнација, се подобри резултати има во прифаќање на смарт часовниците кои допрва ќе се развиваат со нови технологии. Тој потенцијал мора да се искористи и иноваторите кои ќе смислат нови алатки за корисниците на смарт часовници ќе имаат големи профити. Смарт часовниците нудат можност за поврзување со паметните телефони, а развојот ќе се движи во правец на обезбедување на мрежни услуги со повици и пораки. Исто така се очекува во наредниот период да бидат лансирани се повеќе смарт часовници со вградени камери, па така во овој дел има одличен простор за изработка на нови иновативни апликации кои ќе бидат од голема корист.

 

Big data

 

Со развојот на се поквалитетни компјутери се создаваат и се подобри услови за работа со големи бази на податоци. Напредната вештачка интелигенција, учењето на машините и автоматизираните процеси ќе овозможат сеопфатни анализи, препознавање на трендови и шеми кои би биле корисни во бизнисот, медицината, науката, образованието и финансиите. Иноваторите кои ќе работат на развој на нови софтверски алатки за работа со големи бази на податоци имаат силна шанса за профитабилен бизнис кој ќе зазема се поважна улога во наредните години.

 

Финансии

 

Се почест тренд е вложувањето во капитал и акции да се врши преку мобилни апликации и модерни онлајн сервиси. Иноваторите и претприемачите треба да знаат дека засега конкуренцијата во апликациите за лични и компаниски финансии е многу мала, односно бројот на достапни софтверски алатки е ограничен. Вложувањето во нов бизнис кој ќе биде посветен на иновативен производ за анализа на финансиски трендови, за анализа на движењата на пазарот на капитал и инвестициите ќе биде доста исплатливо бидејќи бројот на корисници во оваа област ќе продолжи да расте.

 

Забава

 

Во периодот кој доаѓа се поквалитетни, поатрактивни и поприсутни ќе бидат очилата за пренесена и виртуелна реалност. За нивна поширока примена потребни ќе бидат голем број на квалитетни видео игри, специјализирани визуелни апликации, 3Д презентации и многу разновидна понуда на забава. Развојот на алатки за забава за виртуелни очила е опција која треба да ја земат во предвид девелоперите, креативците и претприемачите бидејќи буџетите за ваков вид на содржини се повеќе ќе расте, а публиката ќе се зголемува во наредните години.