Нико Славнич: Без јасна стратегија и прецизен акциски план не е можен туристички развој!

БизнисРегулатива | 08.01.2019

Неодамна во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија се одржа Форум за туризам во рамки на Проектот „Партнерство за подобра бизнис регулатива“. Еден од учесниците беше Нико Славнич, директор и косопственик на џебниот туристички водич In Your Pocket City Guide, професор на Бледската школа за менаџмент и експерт кој учестуваше во изработка на стратегијата на Словенија за развој на туризмот

 

БизнисРегулатива: Словенија денес е доста актуелна како зелена дестинација, дестинација за активен туризам и доста барана на светската мапа на странските туристи. Дали постои некаков рецепт како Словенија стигна до оваа титула?

 

Славнич: Сигурно тоа најмногу е поврзано со луѓето коишто работат на туризмот и поврзување на тие луѓе од локален, регионален и национален интерес. Државата сама го препозна интересот за туризмот и потоа и организацијата на самата држава, на локалните и регионалните туристички организации и компании во туризмот се поврзани со една заедничка цел - земјата да стане зелена туристичка дестинација, дестинација за активен и здравствен туризам. Така се става фокусот на одредени предефинирани туристи и пазари. Имаме 12 профили на туристи со прецизно дефинирани интереси и карактеристики кои се идеални за Словенија.

 

БизнисРегулатива: Споменавте дека за Словенија се многу битни искуствата што им ги нуди на туристите. Можете ли да ни кажете неколку примери за тие искуства кои би биле апликативни и во Македонија?

 

Славнич: Има многу работи коишто Македонија може да ги развие. На пример, правење игралишта и терени за голф, коишто во моментот ги нема. Понатаму, велосипедскиот туризам, кој активно го промовира Словенија. Тука мислам на велосипедските трки и фокусирање на активни аматери велосипедисти. Така тие луѓе поинуваат некое време во земјата и ја запознаваат. Можам да го споменам и глемпингот, концепт за луксузно и модерното кампување. Во Словенија веќе има 38 такви центри  - од шатори, куќички на дрво до еколошки прифатливи решенија кои не и наштетуваат на околината како некои хотели, а исто така имаат некоја премиум вредност. Иновативноста и препознавањето на уникатноста се најважни за развој на туризмот. Можеби можете да понудите некои ајвар тури во регионот. Предност наместо на аеродромите треба да се дава на нештата што се автентични за Македонија. Така може некој ќе плати повеќе за да види нешто кај вас затоа што ќе биде автентична понуда.

 

БизнисРегулатива: Што би препорачале за  Македонија во поглед на идните правци за развој на туризмот?

 

Славнич: Без добра стратегија нема јасна цел кон која се движите во развој на туризмот. Без таа цел приоритетите ќе се менуваат со секоја промена на власта. Прво треба да се дефинира насоката во која се движите, а потоа на тоа треба да се работи со јасен акциски план. Да се има јасен таргет и до кога треба да се заврши нешто. Секако, мора да го напоменам и поврзувањето на сите учесници - од стопансктите комори, туристичките комори до хотелите. Значи, сите кои имаат некаков економски интерес мора подобро да се поврзат затоа што нивниот најголем интерес се подобар туризам и поголема препознатливст на државата. Кога ќе ја подигнете цената на државата, се додава дополнителна вредност на се што нудите. Јас верувам дека Македонија може да има барем два-три пати поголеми приходи од туризмот отколку што има сега.