Собранието го усвои буџетот за 2021 година

Собранието го усвои буџетот за 2021 година
БизнисРегулатива | 22.12.2020

Пратениците во Собранието вчера вечерта со 62 гласа за, без против и воздржани, го изгласаа Буџетот за 2021 година во висина од 4 милијарди евра. Собранието го донесе и Законот за извршување на Буџетот. На гласањето не присуствуваа пратениците од опозицијата.

Од Министерството за финансии информираат дека ова е прв среднорочен буџет со очекување за раст на економијата догодина од 4,1 проценти и намалување на буџетскиот дефицит за 3,6 процентни поени во однос на годинешниот.

Вкупните приходи на Буџетот се планирани на ниво од 212,6 милијарди денари кои се за 8,3 отсто повисоки во однос на вториот Ребаланс 2020 година, додека расходите се планирани на ниво од 247,5 милијарди денари или за 2,1% пониско во однос на вториот Ребаланс 2020 година. Проектираниот дефицит за 2021 година е 34,9 милијарди денари, од кој отплата по основ на главница на надворешен долг е во износ од 37,2 милијарди денари и отплата на домашен долг во износ од 6,1 милијарди денари кои ќе се финансираат преку задолжување во странство и на домашниот пазар на државни хартии од вредност. Отплатата на главница по основ на надворешен долг го вклучува редовното сервисирање на обврските по надворешниот долг, додека отплатата на домашен долг ги опфаќа: отплати на државни обврзници во износ од 4,7 милијарди денари и отплата на структурни обврзници во износ од 1,4 милијарди денари.

Како што беше истакнато при презентирање на буџетот, главни цели се зачувување на здравјето на граѓаните, здравјето на економијата и забрзан раст и структурни реформи.

„Буџетот има три главни приоритети - здравство, економија и зачувување на стабилноста на работните места, владеење на правото и интеграции. Капиталните инвестиции се 26,2 проценти повисоки од актуелниот буџет, 3,4 проценти од БДП или просек кој во подобрите години го имаше нашата земја. За здравството имаме 100 милиони евра повеќе во однос на 2019 година или 40 милиони евра во однос на тековната година. Во образованието имаме зголемување на капиталните инвестиции четирикратно. За наредната година со сите предизвици предвидени се средства и за сузбивање на Ковид-кризата доколку има потреба. - рече министерот за финансии Фатмир Бесими.

Според власта, овој буџет е фокусиран на доброто управување на јавните финансии, во кој се отсликани врвните приоритети на Владата насочени кон задржување на макроекономската и финансиска стабилност, ублажување на ефектот на ковид-кризата врз економијата и општеството, зачувување на здравјето на граѓаните и зачувување на економијата во целина, со интензивирање на економската активност. За опозицијата, буџетот нема да ги даде очекуваните резултати, односно нема да донесе подобро здравство, пофункционално образование, изградба на патишта и железници и реализација на проекти со кои ќе се поттикне економскиот раст. Според нив, ќе продолжат и задолжувањата и непродуктивните трошоци. Пратениците од власта сметаат дека буџетот е коректно поставен и треба да обезбеди ревитализација на економијата и враќање на патеката на економски раст.

Буџетот на Република Северна Македонија за 2021 година ги вградува 18-те прифатени амандмани во расправата пред матичната Комисија за финансирање и буџет и тој според власта ги отсликува економските и социјалните политики што ќе ги спроведува Владата, а кои се насочени кон остварување на клучните цели утврдени со стратешките приоритети. Собранието вечерва го изгласа и измените и доплнувањата на Законот за неевидентирани лица во Матичната книга на родени и на Законот за регистрација на возила со странски регистарски таблици во РС Македонија.



Сподели