Интервју Беким Хаџиу: Ќе се менува моделот на субвенции во туризмот

БизнисРегулатива | 02.01.2019

Бизнис заедницата преку позициони документи како заеднички став на партнерите на Проектот партнерство за подобра бизнис регулатива ги искажа своите барања за промени на законите за туризам и угостителска дејност кои треба да придонесат во подобрување на оваа стопанска гранка, да се спречи нелојалната конкуренција, да се подобри начинот на категоризација на угостителските објекти, да се промени системот на лиценци за подобро работење на туристичките агенции, како и да се модернизираат инспекциските служби во оваа област. Затоа разговараме со Беким Хаџиу, раководител на секторот за туризам и угостителство при Министерството за економија на Република Македонија за начинот на кој ќе се менува моделот на субвенции, како и тоа дали барањата на бизнис заедницата ќе бидат прифатени во можни законски решенија.

 

БизнисРегулатива: Бизнис заедницата излезе со заеднички став за подобрување и измени на законите за туризам и угостителска дејност. Дали Министерството за економија ги разгледа истите и дали ќе одговори на овие барања?

 

Хаџиу: Министерството за економија беше иницијатор на Законските измени, додека иницијативата на бизнис заедницата помогна во изнаоѓање на најдобро решение за подобрување на туристичката и угстителската регулатива во насока на воспоставување на поефикасна контрола и елиминирање на сивата економија.

 

БизнисРегулатива: Секторот туризам бара сеопфатна и долгорочна стратегија за развој. До каде е процедурата за нејзино изработување и дали ќе бидат земени во предвид предлозите на сопствениците, експертите и туристичките работници кои најдобро ги знаат состојбите во туризмот?

 

Хаџиу: МЕ во соработка со Светска Банка а согласно проектот за Локална и регионална конкурентност“ – за 2019 година има предвидено изготвување на Долгорочна стратегија за туризам и за истата ќе бидат земени во предвид предлозите на сопствениците, експертите и туристичките работници и планираме истите да бидат вклучени активно во работните групи и во изготвување на истата.

 

БизнисРегулатива: Како може да се среди проблемот со моделот на категоризацијата на капацитетите во земјава. Бизнис секторот побара и промени во Комисијата за категоризација која е оценета како неефикасна, несоодветна и преголема, односно бројот на членовите треба да се намали и да се издвои од Владата?

 

Хаџиу: МЕ исто смета дека треба да има измени во Правилиците за категоризација, односно да се додават нови правилници за угостителски објекти кои со сегашната регулатива не можат да се категоризираат (хостели, преноќишта, вили и сл).

 

Во делот на комисијата и МЕ смета дека истата треба да се смени во насока на намалување на бројот на членови во истата и предлага во новата комисија да има членови и од приватниот сектор.

БизнисРегулатива: Проблематична е и состојбата со водењето на регистри на угостителски објекти за што не постои точна евиденција. Истото води кон нелојална конкуренција, рушење на стандардите и услугата, а освен бизнис секторот трпи и државата?

 

Хаџиу: МЕ веќе има изготвена „Електронска платформа за водење на регистри“ која што во 2019 ќе почне со функција, каде што не само што ќе се водат електронски регистри, истата ќе има функција да електронски се поднесуваат и Барања за категоризација и лиценцирање на туристички агенции, како и промоција на категоризираните објекти и лиценцираните агенции преку платформата.

 

БизнисРегулатива: По иницијатива на Проектот партнерство за подобра бизнис иницијатива се одржаа два форума за стратешки развој на туризмот во Охрид и Скопје. Тука експертите и стопанствениците имаа можност да ги искажат досегашните проблеми, но и да претстават нови идеи. Меѓу нив се и промена на моделот на субвенции за наредните години, па во кои насоки ќе делува Министерството за економија?

 

Хаџиу: МЕ е на мислење дека треба да се смени моделот на субвенционирање на странски организиран туристички промет, начинот и моделот кој ќе се прифати од страна на МЕ ќе зависи од барањето на приватниот сектор.

 

Додека да се донесе нов модел на субвенционирање сметаме дека треба измени и во актуелниот во насока:

·        Да се упрости начинот на аплицирање во делот на потребната документација.

·        Субвенциите да се поделат во зависност во која категорија престојуваат туристите, односно по ѕвезди (ако се сместат во повисока категорија на хотел субвенцијата да биде поголема и обратно ако се сместат во пониска категорија субвенцијата да биде пониска) пр. хотел со 5*=25Е, хотел со 2*=15Е.

·      Исто така МЕ смета дека разликата не цените во зависност од земјите од каде што доаѓаат туристите треба да се намали. (моментално има земји кои што имаат 65Е субвенција а има и 25Е) сметаме дека треба да се унифицират во зависност од далечината на истите.

 

Автор: Х.С.