Даночни олеснувања и поголема заштита на даночните обврзници, неопходни при КОВИД-19 кризата

Даночни олеснувања и поголема заштита на даночните обврзници, неопходни при КОВИД-19 кризата
БизнисРегулатива | 18.11.2020

Проектот на УСАИД Партнерство за подобра бизнис регулатива одржа инфо-сесија за претставување на наодите и предлозите од две студии од областа на даноците. Студијата „Даночна постапка и правни лекови за заштита на правата на даночните обврзници со посебен акцент на правните лица“ е изработена за подобрување на степенот на заштита која треба да ја добијат даночните обврзници во Република Северна Македонија согласно Законот за даночна постапка. Соодветно, студијата „Финансиски и даночни импликации на КОВИД-19 кризата и препораки за нејзино надминување“ нуди податоци и анализа на предизвиците со кои се соочени компаниите и послужи за иницирање на конкретни краткорочни и долгорочни решенија за даночни олеснувања и мерки за поддршка.

Заштитата на правата на даночните обврзници во даночната постапка е секогаш актуелна тема поради специфичностите на даночно-правниот однос во кој неретко активниот субјект т.е. државата доминира, што создава услови за загрозување на правата на даночните обврзници. Ова е особено изразено во услови на криза кога даночните власти се исправени пред предизвикот да обезбедат доволно финансиски средства за нормално функционирање на државата.

„Постоењето на соодветни правни лекови во постапката се основна претпоставка за соодветна заштита на правата на даночните обврзници. Долг временски период македонската даночна регулатива беше во согласност со меѓународните стандарди за заштита на правата на компаниите и компатибилна и конкурентна со даночните законодавства на државите од блиското опкружување. Сепак, со измените и дополнувањата на Законот за даночна постапка од 2008 и 2015 год. со кои се дерогираа приговорот и жалбата значително се влоши положбата на даночните обврзници во односот со даночните власти. Неспорно е дека постојат доволно аргументи кои укажуваат на тоа дека треба да се врати жалбата како правен лек во постапката на што укажуваат компаративните искуства, искуствата од досегашната примена на Законот за даночна постапка и што можеби е и најважно, барањата на бизнис заедницата“ истакна проф. Јован Зафировски од Правниот факултет „Јустинијан Први“.

Паралелно со долгорочните заложби за заштита на даночните обврзници, неопходно е да продолжи и поддршката на компаниите преку даночни олеснувања, како и примена на најавените мерки за одржување на ликвидноста и конкурентноста, а самата студија за последиците од првиот бран на корона-кризата за финансиските и даночните импликации содржи соодветни препораки за опфатот на мерките и нивно спроведување.

„Сведоци сме на успешни мерки, особено директната поддршка на платите во засегнатите сектори која е планирано да продолжи и во последниот квартал од годината. Но, некои мерки престанаа, како на пример можноста за задоцнето плаќање на одредени даноци. Очекувањата на реалниот сектор се дека паралелно со засилување на мерките за спречување на ширењето на инфекцијата, треба да се засилуваат и мерките за поддршка, особено во секторите каде има ограничувања во вршењето на дејноста. Исто така, одредени стратешки мерки кои беа предложени во правец на одржување на конкурентноста пред се на европските пазари, како што се изедначување на царините со ЕУ и рационализацијата на нефискалните давачки, сè уште остануваат само во најава“, изјави Николаки Миов овластен ревизор.

Со конкретните решенија предложени од експертите и приватниот сектор треба да се овозможи подобро справување со финансиските последици од КОВИД-19 кризата и соодветно креирање на мерките за државна помош преку даночни олеснувања и подобра заштита на приватните субјекти. Предлозите кои произлегоа од инфо-сесијата посветена на даночните политики ќе бидат доставени до надлежните органи преку Платформата за јавно-приватен дијалог.

Оваа инфо-сесија се одржа во рамките на активностите на Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива, кој го спроведуваат Сојуз на стопански комори, Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Стопанска комора на северозападна Македонија, со ЕПИ ЦЕНТАР како имплементатор, а со поддршка на УСАИД.



Сподели