Пандемијата со КОВИД-19 можеби не донесе големи промени за бизнисите и професионалците кои работат на технолошки решенија, но сигурно предизвика многумина да размислуваат претприемачки и да најдат нови идеи и апликации за надминување на предизвиците кои се појавија со кризата, вели Весна Иваноска директор на Сеавус Акцелератор. Денес е последниот ден за поднесување на стартап идеи за третата менторска програма на акцелераторот. Според Иваноска станува збор за сеопфатна програма која трае 8 недели и целосно ќе се одвива онлајн согласно новите услови. За развој на еден стартап потребна е и поволна бизнис клима, унапредена законска регулатива која ќе делува стимулирачки, развој на културата за раст и создавање на услови за влез на инвеститори во стартап компании.
Разговараше: Христијан Станоевиќ - ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал
БизнисРегулатива: Наскоро ќе започне третата програма за менторство и поддршка на стартапи на Сеавус Акцелератор. Овој пат повикот до стартапите и претприемачите доаѓа во специфични услови на пандемија со КОВИД-19. Очекувате ли тоа да влијае на видот на бизнис идеи и нови решенија од страна на пријавените, но и воопшто колкав е предизвикот да се реализира ваков вид на менторска програма?
Иваноска: Повикот за третата програма на Сеавус Акцелератор е се уште активен и апликации пристигнуваат секој ден. Со оглед на тоа дека нашиот акцелератор и досега е фокусиран на технолошки ориентирани идеи, сметам дека КОВИД-19 не предизвика некаква сериозна промена кај оние кои веќе работат на различни дигитални решенија, но затоа пак верувам дека дополнително поттикна индивидуалци и компании да почнат да размислуваат за нови бизнис идеи во насока на надминување на некои предизвици кои кризата ги донесе.
БизнисРегулатива: Може ли да ни го опишете целиот процес на акцелераторската програма, каков вид на менторство ќе им биде понудено на стартапите, што ќе добијат тие и која е крајната цел?
Иваноска: Стартапите поминуваат низ интензивна тримесечна програма која се состои од неколку сегменти:
БизнисРегулатива: Какви се искуствата од првите две програми. Вообичаено е во оваа дејност еден од десет стартапи да успеат. Какви се резултатите досега на Сеавус Акслератор и со кои компании и стартапи може да се каже дека се гордеете, односно каде го гледате потенцијалот?
Иваноска: Секоја компанија е многу различна на стартот на програмата, во поглед на зрелоста, квалитетот, културата и најважно подготвеноста да се менува и расте.
Обидот да се стандардизира знаењето во одредени области секако дава резултати, но сепак главното искуство што го имаме од претходните два циклуса се повеќе ја потврдува потребата од единствен персонализиран пристап кон секоја компанија. Тоа правиме и ние како тим, постојано да го преиспитуваме својот пристап, модел, да го освежуваме менторскиот тим и нормално да учиме од грешките.
Среќни сме што наш партнер во имплементацијата е Startup Wise Guys Акцелератор - еден од водечките B2B стартап акцелератори, со што нашите стартапи добиваат интернационална изложеност и секако двојна можност за поддршка и за инвестиции.
Се гордееме со буквално сите компании затоа што точно може да видиме и измериме каква трансформација им се случила од почетокот до крајот на програмата.
БизнисРегулатива: Во изминатиот период се вложија големи напори за зголемување на капацитетите на стартап заедницата и обезбедување на систем на меѓусебна поддршка, размена на искуства и вмрежување. Каква е улогата на Сеавус Акцелераторот на македонската стартап сцена?
Иваноска: Јакнењето на стартап заедницата се случува во континуитет и постигнати се битни подобрувања во насока на создавање поорганизиран и поединствен еко-систем. За првпат добивме и функционална стартап платформа која обединува повеќе од 100 стартапи и 35 организации.
Верувам дека како и во сите други сфери и во стартап светот кај нас недостига потесна диверзификација. Не може сите да поддржуваме се и да знаеме се. Поддршката што е клучна а можеме да ја обезбедиме за некој стартап, за друг знае да биде само губење време и ресурси. Нормално е дека како на млада сцена, ни се случуваат истовремено многу активности, а сепак, се уште не можеме да се пофалиме со доволен број до крај изодени приказни. Имаме уште за учење и билдање кондиција и ние како поддржувачи, а и стартапите со својата зрелост и подготвеност.
Улогата на Сеавус Акцелератор е единствена по многу нешта, секако, акцентот го ставам на експертизата за проценка на потенцијалот во техничко знаење во повеќе домени и соодветна помош во развој на продукт и секако интернационализација.
Во поглед на инвестициите, Сеавус Акцелератор гледа потенцијал и веќе е во преговори со дел од нашите корисници, но секако, играме внимателно, понекогаш премногу критички, но објективно. Секое неоправдано интервенирање може само да им направи контра-услуга на поддржаните компании, да го девалвира квалитетот на вистински одржливите бизниси и да креира нереална слика за конкурентност. Затоа погрешно е да веруваме дека се што ни треба се многу пари кои без многу размислување ќе се стават на располагање. Да, парите се секако важни, но треба да постои поголема одговорност од двете страни за тоа како се трошат. Сепак врската стартап инвеститор не е наивна и многу е важно сите вклучени да имаат прецизни очекувања.
Конечно, ние сме само една алка во процесот на градење на здрава стартап сцена и нејзиниот придонес во економијата. Многу поважни и постратешки остануваат талентот, иновацискиот потенцијал, иновациите и многу поважно капацитетот за нивна комерцијализација преку помодерна и понапредна бизнис едукација. Тоа пак е резултат на тоа колку вложуваме во образование, со акцент на едукација во ИТ и нови технологии и бизнис едукација, потоа секако научна - истражувачка работа и генерално во подобра бизнис клима.
БизнисРегулатива: Се поведоа повеќе иницијативи за промени на бизнис регулативата која ќе овозможи подобро функционирање на стартапите. Една од нив е заложбата за воведување на конвертибилен заем, олеснување на условите за инвестирање на бизнис ангелите и промена на Законот за трговски друштва за поголем опфат на стартапите како посебни форми на претпријатија. Какви се вашите впечатоци од покренатите иницијативи и што сметате дека треба да се промени во бизнис регулативата за развој на стартапите?
Иваноска: За разлика од трендот кој го наметнаа многу земји со комплетно нова олеснета регулатива за стартапи и бизнис ангели, регулативата кај нас е всушност прилагодување и евентуално изменување на актуелниот ЗТД.
Но, не би рекла дека само регулативата е проблем, целата бизнис клима се уште не е најповолна иако се забележува напредок споредено неколку години наназад. Инвестициските можности се најчесто во вид на посериозни VC фондови во чии портфолија заради повисоките критериуми тешко може да влезе еден просечен стартап од Македонија па и регионот, а од друга страна инвестирањето од страна на бизнис ангелите се уште не се стимулира доволно. За ова постојат и конкретни законски пречки, а се однесуваат на непостоењето на можност за конвертибилен заем (заем кој се трансформира во влог) и пречки за нови инвестиции за постоечките бизнис ангели кои веќе вложиле во компанија која не покажува добри резултати (неликвидни, односно со блокирани сметки и сл.). Ова како иницијатива беше покренато од Стартап Македонија и верувам многу скоро ќе донесе промена.
Улогата на Акцелераторите е важна, но ќе биде потребно уште време додека тие се позиционираат и додека го најдат вистинскиот дел од пазарот, да го усовршат рецептот за добар баланс на своите акцелераторски и инвестициски активности и секако да ги забележат првите поконкретни успеси.