Намалувањето на бирократскиот товар ќе им даде кислород на македонските компании

Намалувањето на бирократскиот товар ќе им даде кислород на македонските компании
БизнисРегулатива | 29.09.2020

Денес беше претставен Индексот на бирократија во рамки на Проектот „Кон намалување на бирократскиот товар“ во организација на Македонија 2025 и поддржан од Цивика Мобилитас. Индексот треба да даде квантитативни показатели за бирокатските процедури, колку време им е потребно на компаниите за целосна усогласеност, дали услугите од администрацијата може да ги завршат по електронски пат и како да се подобат овие состојби.

 

 

„Регулативата треба да даде кислород на компаниите како клетки на економијата и ќе претставиме план како да се намали бирократскиот товар. Ние добро стоиме во поглед на потребните часови за усогласување со регулативата гледано според извештаите. Истражувањето кое го спроведовме покажа дека со членството во ЕУ ќе се зголеми регулаторниот товар и ќе произлезат нови обврски за фирмите кои ќе треба да ги исполнат. Индекс на бирократија не го мери финансискиот трошок но, самото време потребно за завршување на процедурите е трошок и затоа треба да има нивно скратување и поедноставување“ истакна Никица Блажевска-Мојсовска извршен директор на Македонија 2025.

 

Блажевска-Мојсовска смета дека треба да продолжи соработката со економските владини ресури со вклученост на бизнис заедницата за подобрување на регулативата и намалување на бирократскиот товар.

 

 

„Ние како влада веќе имаме поднесено иницијатива за формирање на единствен регистар на сите административни процедури кои се однесуваат на бизнис заедницата и граѓаните. Следен чекор ќе биде елиминација на сите непотребни бирократски процеси за администрација да биде сервис за бизнисот и граѓаните. Дигитализацијата ќе се развива како еден од нашите столбови за напредок“ посочи Фатмир Битиќи вицепремиер за економија.

 

Битиќи додаде дека заедно со вицепремиерот Николовски за борба со корупција ќе работат на идентификување на слабостите во работењето на администрацијата, особено на тие категории на процедури кои го отежнуваат работењето на бизнисот, водат кон коруптивни дејства и ја намалуваат довербата во институциите на системот.

 

 

„За целосна усогласеност на македонските компании со регулативата им се потребни вкупно 154 часа што е добар показател. Тоа се должи на дигитализација на наплата на давачките и даноците и во тој сегмент сме подобри од земјите кои беа дел од истражувањето. Секако, треба да се преземат и чекори за дигитализација на пензискиот фонд за побрз пристап до информации и податоци. За управување со отпад ќе произлезат нови обврски за фирмите што ќе одземе повеќе време, па така и овие процеси треба да се дигитализираат. Има недостатоци и за евиденција на вработени и тие услуги кои треба да се добијат од повеќе шалтери и тоа треба да се промени“ изјави консултантот Сашо Клековски.

 

 

Индексот на бирократија вклучува пресметка во четири категории меѓу кои работни односи, оперативно работење, промена на законска регулатива и други административни обврски и водење на евиденција.

 

 

Области за подобрување се унапредување на системот за е-даноци, вклучително и на подобрен ИТ систем за да нема преоптовареност, подобрување на податоците кои ги издава пензискиот фонд, подобрување на регулатива за здравствените прегледи кои се на товар на претпријатијата без јасни ефекти, потоа за добивање на поквалитетни извештаи од Државниот завод за статистика за носење на информирани одлуки на компаниите и подобрување на одредени процедури во комуникацијата со банките и потребните документи.



Сподели