Интервју Соколовиќ: На морските дестинации ќе им конкурираме со нашата култура, традиција и уникатен туризам

БизнисРегулатива | 29.12.2018

Долго време се води полемика дали Македонија треба да развива понуда за масовен туризам за време на летната сезона во Охрид или пак, да се фокусира на привлекување на поквалитетни гости кои сакаат различен вид на искуства од одење на плажа. Одличен пример неколку години поставува претприемачот Будимир Соколовиќ кој својата иновативна туристичка приказна ја започнал со откуп на стара куќа во тесна и затскриена уличка во стариот дел на градот Охрид. Сега вилата „Мал Св.Климент“ прераснува во идеално место за странските гости кои добиваат уникатно доживување со македонската традиција и култура. Вилата произведува и сопствено автохтоно вино кое не може да се најде на друго место. Сепак, за поддршка на ваков вид на туристички бизниси потребна е и создавање на целокупни услови од страна на властите. Затоа го прашавме Соколовиќ што е потребно за дополнителен развој на македонскиот туризам и какви се перспективите.

 

 

БизнисРегулатива: Како вие како претприемач очекувате да се решат проблемите во туризмот во Македонија и што треба да се преземе?

 

Соколовиќ: Очекувам како јас што се посветив на изградбата на објектот, неговото функционирање, унапредување, давање на нови услуги и понуди, така и останатите сегменти од функционирањето на туризмот со сите сегменти да го дадат својот максимум. Локалната самоуправа и централната власт да ги сослушаат нашите оперативни проблеми и не само да правиме стратегии туку брзо да реагираме и веднаш да ги решиме предизвиците.

 

БизнисРегулатива: Што од вашето лично искуство е потребно во бизнисот со туризам, дали е тоа локацијата, понудата или иновативните начини на наоѓање на нови корисници?

 

Соколовиќ: Американската школа вели дека за успешен бизнис се потребни три работи „Локација, локација, локација“. За жал мојот објект го нема тоа, се наоѓа во една скриена улица далеку од главната улица, но сепак тоа не е единствениот услов за добар бизнис. Можеби иновативноста и новите производи, како што од мината година покрај вила и сместувачки капацитети регистриравме и винарија од мал обем. Тука влеговме со проширување на понудата, иновативен дел е виното од локални и традиционални сорти и тоа наиде на извонреден прием кај странските гости.

 

 

БизнисРегулатива: Која е вашата замисла за македонскиот туризам, како треба да изгледа понудата во Охрид за прерасне уште повеќе во препознатлива и уникатна локација за гостите ширум светот?

 

Соколовиќ: За македонскиот, особено за охридскиот туризам треба да ја напуштиме кампањата на масовност во периодот јули-август. Тоа е тотален хаос со многу концерти и манифестации даваат погрешна слика.  хаос кој се создава, не може да конкурираме со плажа на морските дестинации, но може да им конкурираме со културата, традицијата. Странците, особено Холанѓаните велат блазе си ви за природата, со можности за различни видови на активен туризам како пешачење, едрење, планинарење. Езерото е најголемиот неискористен спортски капацитет во Македонија кое од септември до мај е празно, тука се потребни нови инвестиции во пристанишната инфраструктура, понуди за едрење во текот на целата година, дегустација на вино и привлекување на нови гости.

 

Автор: Х.С.