Бизнис заедницата бара даночни поволности за компаниите кои инвестираат во здравјето на своите вработени!

БизнисРегулатива | 28.12.2018

Партнерите во проектoт „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ усвоија нов позиционен документ кој се однесува на даночно признавање на трошоци за спорт, дополнителни здравствени прегледи, тим билдинг итн.

Се повеќе работодавачи овозможуваат за вработените платени часови за спортски активности, опремуваат простории со опрема за фитнес, аеробик, пинг понг, пикадо итн., учествуваат на различни аматерски спортски натпревари, а освен редовните задолжителни систематски прегледи многу работодавачи надоместуваат и трошоци за дополнителни прегледи и медицински третмани кои понекогаш се директно поврзани со самата природа на работењето. Проблемот е што сите овие трошоци за работодавачот претставуваат непризнаени расходи за даночни цели бидејќи не се тесно поврзани со извршувањето на дејноста на работодавачот. Поради дополнителните даночни оптоварувања работодавачите се воздржуваат од инвестиции во вакви активност што пак влијае негативно на намерата да се подобрат условите за работа и психофизичката состојба на вработените.

Со овој позициски документ се бара измена на член 9 од Законот за данок од добивка. Конкретно, со дополна на овој член да се предвидат инвестиции и трошоци направени во функција на подобрување на психофизичката состојба на вработените како признаени. На тој начин работодавачите ќе бидат стимулирани се повеќе да посветуваат внимание на овој сегмент од грижата за вработените.

Во членот 9 став 1 се предлага да се додадат точките:

18. Трошоци за направени здравствени прегледи на вработените како лекарски интервенции над износот од четири просечни месечни бруто плати, исплатени во претходната година во Република Македонија, на годишно ниво по вработен;
19. Трошоци за спортски активности на вработените како претплати во спортски центри како и трошоци направени за опремување на простории за спорт од страна на работодавачот над износот од две просечни месечни бруто плати, исплатени во претходната година во Република Македонија, на годишно ниво по вработен;
20. Трошоци за организирани групни патувања на вработените – тим билдинг над износот од четири просечни месечни бруто плати, исплатени во претходната година во Република Македонија, на годишно ниво по вработен;

Овој документ се користи како алатка за потребите на Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива за идентификување на ограничувачки институционални политики, како и за подобрување на конкурентноста и правната усогласеност на компаниите.