Интервју Нуредини: Компаниите треба да ги знаат новите закони за отпад, клучен е јавно-приватниот дијалог

Интервју Нуредини: Компаниите треба да ги знаат новите закони за отпад, клучен е јавно-приватниот дијалог
БизнисРегулатива | 17.07.2020

Министерството за животна средина и просторно планирање предводено од Насер Нуредини чиј мандат истекува, подготви пакет на предлог законски решенија за постапување со отпад кои штом се конституира Собранието и се формираат владините институции повторно ќе бидат ставени на дневен ред. Станува збор за нова регулатива за која се организираа повеќе јавни дебати, а една од нив беше организирана заедно со Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива, заедно со четирите стопански комори СКМ, МАСИТ, СКСЗМ и ССК, а со големо учество и директен придонес на самите претставници на компаниите. Нуредини во интервјуто со biznisregulativa.mk истакнува дека компаниите треба да се запознаат со новите законски решенија, да ги видат обврските кои произлегуваат во однос на пример пакувањето, но и можностите за циркуларна и зелена економија. Дијалогот со коморите како претставници и глас на бизнис секторот треба да продолжи и во наредниот период, а предлозите за подобрување на законските решенија се клучни.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ, ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал

 

 

БизнисРегулативаМК: Министерството со кое раководите подготви голема промена на регулативата за постапување и управување со отпад, заштита на природата, водите и воздухот. Кои се главните подобрувања кои ќе бидат опфатени со овие законски измени?

 

Нуредини:  За почист воздух предложивме до Владата предлог измени на законот кои беа усвоени и беа доставени во Собранието но, за жал Парламентот не стигна да ги процесира навреме бидејќи се распушти. Потоа за жал се соочивме и со оваа ситуација на пандемија со КОВИД-19. Законот треба да им даде поголеми обврски на локалните самоуправи. Не само препораки кои беа доста меки на почетокот, овие мерки сега ќе се построги. Ќе треба да преземат акции. Ако има одредени зголемувања на загадувањето на воздухот ќе треба да преземат конкретни чекори. Дали е тоа со транспортот, дали е индустријата, можеби загревањето. Ги знаеме изворите. Некои од нив не може да ги сопреме, но може подобро да ги контролираме. Но, затоа треба општините да делуваат. Не само да применат благи рестрикции, туку некогаш во корист на здравјето на граѓаните да воведат построги мерки. За законите за отпад имаме вкупно шест нови закони за управување со отпад. Дел од нив се целосно нови, се фокусираат на отпадни масла, текстил, половни автомобили, употребувани гуми. Ова се нови закони на кои работиме, ги изготвивме и подготвени сме штом се состави Собранието да ги поднесеме до Владата и потоа пред парламентарците. Не е само до мене, мојот мандат завршува но, за кој и да дојде после мене да ја продолжи оваа добра работа на службите кои досега работеа.

 

БизнисРегулативаМК: Колку е важно одржувањето на јавно-приватниот дијалог, како и на сите оние забелешки кои беа доставени од страна на приватниот сектор и компаниите за подобрување на овие законски решенија претставени преку стопанските комори?

 

Нуредини:  Клучни се, тие се клучни. Бидејќи во законот кој го предложивме ја засиливме одговорноста на производителите и во законот тие се одговорни за пакувањето кое го пласираат на пазарот. Постои цена на пакувањето како и секаде во Европа и во ЕУ. Производителите се одговорни за пакувањето кое го пласираат. Ги имате и непрофитните организации кое се обврзани да постават контејнери за селекција на отпад во нашите градови и села. За мене беше многу важно, затоа учествував во јавните дебати со стопанските комори. Јас доаѓам од приватниот сектор, ги разбирам нивните грижи. Во исто време и тие треба да ги разберат нашите нови закони. Не создадовме нови закони кои самите ги измисливме туку погледнавме искуства од други земји,  најдобри сценарија и студии кои се обидуваме да ги имплементираме во нашата земја. Затоа е многу важно приватниот сектор да работи заедно со нас. Прашањето е следно колку моментално плаќаат за пласирање на нивниот производ. Дали плаќаат за граѓаните или плаќаат компаниите? Тоа е минимално, не треба многу пари за инвестирање но нивниот придонес ќе биде клучен за решавање на проблемот со управување на отпадот и ќе креира циркуларна економија. Исто така нивното пакување ќе се им се врати како рециклиран производ и нивните трошоци ќе се намалат на долг рок.



Сподели