Градежниот сектор иако не беше директно погоден од економскиот застој предизвикан од пандемијата со КОВИД-19, сепак бележи големи негативни ефекти, пред се во наплатата на побарувањата, намалените инвестициски и капитални проекти, како и одложени или откажани нарачки. Ана Крстиновска која заедно со Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива ја изработи Студијата за ефектите врз градежништвото од КОВИД-19 пандемијата, оценува дека неопходно е да продолжат инвестициите. Со оглед на тоа што се распишаа изборите и администрацијата не може да врши јавни набавки, како и намалувањето на капиталните инвестиции за 20% потребно е брзо да се амортизираат загубите. Треба да продолжи промоцијата на проектот „Купи куќа, купи стан“ за враќање на довербата во недвижностите и излез од економската криза. Растот на градежништвото како во 2016 и 2017 година ќе придонесе и раст во сите поврзани и придружни сектори со што многу мали фирми ќе ги задржат работните места.
Разговараше: Христијан Станоевиќ, ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал
БизнисРегулатива: Како пандемијата со КОВИД-19 се одрази на градежниот сектор во Северна Македонија, што покажуваат резултатите од анкетата која беше спроведена со компаниите и директните интервјуа со стопанствениците?
Крстиновска: Почетокот на пандемијата на КОВИД-19 во март оваа година се поклопи со почетокот на градежната сезона. Токму во периодот кога компаниите планираа да започнат со поинтензивни градежни активности, всушност се соочија со предизвикот комплетно да го реорганизираат процесот, да ја намалат динамиката, а некои дури и комплетно да престанат со работа. Според спроведената анкета, над 90% од компаниите во градежниот сектор се соочија со откажани или одложени нарачки и намалена побарувачка како последица на здравствената криза, при што најпогодени се малите компании.
Во 90,8% од компаниите кризата се одразува и врз наплатата на побарувањата и директно влијае врз намалување на ликвидноста, односно нивната способност да ги подмират обврските кон другите компании, кон државата и пред сè да исплатат плати на своите вработени. Посебно голем предизвик е намалениот капацитет на администрацијата која речиси во текот на целиот период работеше претежно од дома, поради што компаниите имаа проблеми да ги обезбедат неопходните документи (75,9%), да ги наплатат побарувањата (88,9%) или да учествуваат на јавни набавки чиешто распишување беше сведено на минимум. Сето тоа предизвика дополнителна неизвесност и загриженост кај компаниите дали и кога ќе успеат да се вратат на нормалното темпо на работа.
БизнисРегулатива: Колкав беше предизвикот да се организира работниот процес во првиот бран на КОВИД-19, и како градежните компании ќе работат сега кога всушност градежната сезона треба да биде засилена?
Крстиновска: Преземените мерки за заштита од ширење на вирусот, односно мерките за лична заштита (одржување растојание, носење маски итн.) не претставуваа посериозен проблем за повеќето компании кои релативно брзо се прилагодија. Најголемо нарушување на работниот процес беше ограничувањето на движењето, што предизвика намалена продуктивност поради пократкото работно време, организацијата на градилиштата и неможноста да се работи од дома (над 80% од компаниите). Освен тоа, преземените мерки за ограничување на движењето во и надвор од земјата создадоа тешкотии во однос на логистиката и дистрибуцијата, како и набавката на материјали и резервни делови за машините кои не се достапни во државата.
Во претстојниот период, имајќи предвид дека нема веќе ограничувања, сè ќе зависи од мерките за поддршка на секторот и економијата воопшто и колку брзо тие ќе дадат резултати. Доколку се создадат услови да се зголеми побарувачката кон градежниот сектор, како од приватни, така и од државни инвеститори, повеќето компании би успеале да се вратат во колосек и да надоместат за загубите до крајот на годината, односно според проценките за околу 4 месеци. Во спротивно, ќе зависат од државна помош и можеби дел од нив ќе бидат принудени да намалат дел од капацитетите и да отпуштат вработени.
БизнисРегулатива: Една од препораките во Студијата е да се реализираат капиталните инвестиции односно да нема нивно кратење од буџетот. Каква е сега состојбата?
Крстиновска: Со ребалансот на државниот буџет планираните капитални инвестиции се намалија за речиси 20%. Дополнително, ни претстојат избори и летни одмори кои исто така ќе имаат влијание врз интензитетот на работа на администрацијата во поглед на распишување и спроведување на јавни набавки, како и реализација на други надлежности поврзани со детални урбанистички планови и издавање на градежни дозволи на локално ниво. Клучно е тоа негативно влијание да се сведе на минимум и најдоцна од септември градежната индустрија да се врати барем на нивото на работење од пред кризата, а секако пожелно би било враќање на нивото од 2016 и 2017 година, период кога секторот работи со најголем капацитет.
БизнисРегулатива: Меѓу препорачаните мерки се и предлог да продолжи проектот „Купи куќа, купи стан“, со цел враќање на довербата во инвестирање во недвижности. Може ли да се очекува позитивен исход со оглед на економската криза во земјата?
Крстиновска: Целта на тој тип проекти е токму да придонесе кон надминување на економската криза бидејќи ќе ја стимулира потрошувачката и ќе влијае позитивно врз повеќе целни групи. Од една страна ќе влее доверба на пазарот и ќе ги поттикне граѓаните кои размислуваат за купување недвижности да се решат на тој чекор. Од друга страна ќе му помогне на целиот градежен сектор полесно да ја преброди кризата, затоа што корист нема да остварат само компаниите кои продаваат станови, туку и сите компании што се вклучени во тој ланец на снабдување – на пример, фирмите што продаваат градежни материјали, што монтираат електрика и водовод, греење и климатизација, лифтови, дограма, метални конструкции, надзорот итн. Тоа се претежно мали компании кои можеби се “невидливи“ кога размислуваме за проектот и за компаниите од високоградба кои продаваат станови и куќи како директни корисници, но градежниот сектор функционира како тесно поврзана целина каде што преку една алка креаторите на политики може да влијаат на голем број компании и работни места.
БизнисРегулатива: Какви се даночни ослободувања, субвенции за плати и поволности се неопходни за градежниот сектор да се стабилизира на долг рок. Што велат вашите сценарија, можни ли се затворања на фирми и отпуштања на работници, какви би биле последиците?
Крстиновска: Иако до пишувањето на студијата поголемиот дел од компаниите не отпуштиле работници и не намалиле плати, таа опција не ја исклучуваат доколку кризата потрае. Во тоа сценарио, според проценките на компаниите, во 2020 можно е отпуштање на 12% од вкупниот број на вработени во секторот, што претставува околу 6.000 работници. За да се спречи тоа неопходно е да се преземат низа краткорочни мерки со кои би се олеснил непосредниот товар врз компаниите, а паралелно да се предвидат и долгорочни активности за стабилизирање и враќање во нормала.
Градежните компании досега беа само делумно засегнати од преземените мерки за поддршка на економијата бидејќи не се вбројуваа во оние сектори со целосна забрана за дејност кои имаа приоритет во добивањето бескаматни кредити и субвенции на плати и придонеси. Помалку од половина од анкетираните компании аплицираа за некоја од мерките (48,1%), а половина или не ги исполнуваат условите за доделување (29,6%) или немаат интерес зашто условите се премногу ограничувачки, како во однос на обврската за задржување на вработените, така и во однос на враќањето на добиената помош (18,5%). Затоа 12,23% од компаниите се задолжија кон комерцијалните банки, што покажува дека и ним им е потребна поддршка, но на начин кој ќе ги земе предвид нивните потреби и спецификите на самиот сектор.
Имајќи предвид дека здравствените предизвици поврзани со КОВИД-19 нема да исчезнат во догледно време, за компаниите клучно е да се предвидат мерки и протоколи со кои би се намалил ризикот од ширење на вирусот, а истовремено би се задржал интензитетот на економските активности и по потреба би се внесувал дополнителен стимул преку јавните политики. Во спротивно, евентуален втор бран со исти ограничувања како првиот и несоодветна поддршка би бил погубен за многу фирми, пред се микро и мали.