Ана Таневска Ѓорѓиевска: Час поскоро да се вратат странските туристи за да не колабира секторот

Ана Таневска Ѓорѓиевска: Час поскоро да се вратат странските туристи за да не колабира секторот
БизнисРегулатива | 07.07.2020

Кафулињата, баровите, кафаните, угостителските и туристичките капацитети повторно се отворени за гости, секако со одредени мерки за одржување на дистанца и хигиена. Секторот туризам и угостителство е еден од најпогодените и се бележат големи загуби со КОВИД-19 кризата. Според Ана Таневска Ѓорѓиевска, претседател на Здружението нa угостителството и туризмот („Македонијатурист“ АД - Скопје), на компаниите ќе им бидат потребни од шест до дванаесет месеци за да закрепнат од големата криза и тоа според сценариото доколку пандемијата заврши до крајот на оваа година, особено со откажувањето на аранжманите на гостите од странство. Со неа разговаравме за мерките меѓу кои и туристичкиот ваучер, но и за долгорочна стратегија која треба да донесе поголем раст и развој во македонскиот туризам и угостителството.

 

БизнисРегулатива: Од неодамна туристичко-угостителскиот сектор е повторно активен. Дел од субјектите се веќе целосно приспособени на новите препораки и започнаа со полнење на своите капацитети, дел се` уште се привикнуваат, но има и субјекти коишто се` уште немаат започнато со работа. Какво е генералното расположение? Има ли елан за поминување на оваа криза и дали неопходноста од приспособување носи нови дополнителни оперативни трошоци?

 

Таневска Ѓорѓиевска: Со цел констатирање на ефектите и проектирање на идните движења и активности, за туристичко-угостителскиот сектор на самиот почеток од корона кризата, во текот на месец април беше изготвена Студија, преку анкета, директни интервјуа со компании од секторот и информации од светските тур-оператори кои оперираат на македонскиот туристички пазар. Студијата покажува дека за 6 месеци нанапред, до септември, масовно е откажувањето на аранжманите, а бројот на туристи кои се очекуваат од странство е крајно песимистички. На повеќето компании од туризмот и угостителството ќе им требаат најмалку шест месеци до една година, за да закрепнат доколку епидемијата со корона вирусот заврши до крајот на 2020 година. Следува долг и многу тежок процес.

 

Со оглед на тоа што во моментот секторот хотелиерство и туризам се справува со многу тешка економска криза, генерално има расположение да се справиме и повторно да го подигнеме секторот и тоа на уште повисоко ниво од коешто беше претходно. Нормално, за сето тоа ќе биде потребно да се вложат многу финансии, обуки за вработените и придржување на препораките на Владата и стандардите кои ќе бидат пропишани за заштита од Ковид-19.

 

 

БизнисРегулатива: Од неодамна е активна платформата на Министерството за економија  www.domasiedoma.gov.mk (www.pushimenevend.gov.mk) преку која ќе се реализира мерката за ваучери за домашен туризам. Граѓани кои ги исполнуваат условите ќе можат да ги користат ваучерите во периодот од 15 јули 2020 година до 15 декември 2020 година. Веќе никој не зборува за добивки на крајот на годината, но дали оваа мерка навистина ќе успее барем да го спаси секторот од колапс?

 

Таневска Ѓорѓиевска: Во Студијата што беше подготвена за ефектите врз секторот туризам и угостителство со предлог-мерки, во рамките на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“, во соработка со ЕПИ ЦЕНТАР, беа предложени краткорочни и долгорочни мерки со цел ублажување на негативните ефекти од корона кризата и пандемијата поради која здравствената криза направи сериозни економски негативни ефекти. Во таа насока, една од мерките кои беа предложени беше и ваков тип на мерка за стимулирање на домашната побарувачка во насока на ублажување на штетите.   Сепак, за оваа мерка која Министерството за економија ќе ја реализира преку мерката со ваучери за домашен туризам ќе помогне делумно во хотелско-угостителскиот сектор. Под тоа делумно мислам само на определени градови во РС Македонија, а тоа се сите туристички летувалишта во Охрид, Струга, Дојран, Преспа, Берово, Маврово, Крушево и сл. Со оваа мерка не се опфатени Скопје и другите поголеми градови кои во овој сектор функционираат од бизнис гости. Во овој момент јас мислам дека оваа мерка нема да го спаси секторот од колапс бидејќи нас ни се потребни странски туристи и потребно е час поскоро да почнат да се враќаат странските туристи во нашата држава.

 

БизнисРегулатива: Од една друга перспектива гледано пак, кои се реалните можности и капацитети во нашата држава за да ги примат домашните туристи со оглед на тоа што работат со помали капацитети? Дополнително, дали имаме инфраструктура за да обезбедиме непречено движење на туристите, особено во оние туристички центри каде што се очекува зголемена посетеност од туристите?

 

Таневска Ѓорѓиевска: Нашата држава реално има хотели и ресторани кои можат да ги примат странските туристи со оглед на тоа дека бројот на странските туристи би бил многу помал. Инаку, инфраструктурата секогаш ни била послаба страна, но последниве неколку години со субвенционирањето на летовите и зголемувањето на различен број на дестинации од кои се лета до нашата земја се зголемува бројот на туристи во нашата држава. На патната инфраструктура во последниве неколку години се работи и се надевам дека во брзо време ќе се завршат автопатите низ државата, исто така и сообраќајниците кои се реновираат по градовите, со што би се придонело за посигурен сообраќај на домашните, но и странските туристи.

 

БизнисРегулатива: Покрај патувањата во нашите граници, дали во овој момент можеме да очекуваме и странски туристи? Дали се работи на некое решение за да се надоместат откажаните аранжмани?

 

Таневска Ѓорѓиевска: По најавата за отворање на границите и без ПЦР-тестови и по најавата на првите летови од Полска, Холандија, Германија, искрено се надевам дека полека ќе почнеме да ги враќаме туристите. Наша единствена задача како туристички работници ќе биде да дадеме се` од себе за подобрување на добрата услуга, добрата храна подготвена по сите светски препораки кои произлегоа од оваа Ковид-19 ситуација и хигиената. Домашните тур-оператори за дојдовен туризам се во постојан контакт со нивните партнери од Европа и поширко и во моментот преговараат за наредната година. Со оглед на тоа дека пандемијава се` уште е во висок стадиум на ширење и секојдневно слушаме дека бројот на заразени расте, мислење на секторот е дека оваа година странските туристи ќе бидат во многу мал број, да не речам оние храбрите, кои ќе се решат да дојдат во нашата држава.

 

БизнисРегулатива: Согласно актуелната состојба и големата неизвесност, кои се Вашите проекции за туристичко-угостителскиот сектор до крајот на годината?

 

Таневска Ѓoрѓиевска: Дефинитивно оваа година е изгубена и само ќе се бројат загубите. Анализите кои беа направени согласно Студијата, но и проекциите на секој субјект поединечно, покажуваат дека практично компаниите од туристичкиот сектор ќе се остават без економска активност за цела 2020 година. Чартер-линиите се се` помалку извесни во месеците што следат, континуирано се одложува продолжувањето на  редовни авио-линии, процедурите за нивно работење значително ќе го отежни патувањето и ќе го намали капацитетот на сите превозни средства и до 60%. Доколку здравствената криза продолжи до крајот на оваа година, чартер-ротации кон Република Северна Македонија нема да има во 2020 година, па според тоа може да очекуваме пад на бројот на странски туристи за 2020 година од 80%, што ќе значи и драстичен пад на девизниот промет и на нето девизниот ефект и до 400 милиони евра.

 

БизнисРегулатива: Една од главните цели на Вашето Здружение е и да се вклучи во активностите за лобирање и застапување кое го засегаат туристичко-угостителскиот сектор. На какви активности работите во моментот и во која насока планирате да ги насочите Вашите напори со цел да се овозможат дополнителни услови за поддршка на компаниите во секторот поради кризата предизвикана од Ковид-19? Дополнително, дали се работи на креирање системски предлози во насока на подобрување на деловниот амбиент на секторот?

 

Таневска Ѓорѓиевска: Во моментот се работи на многу активности за кои секојдневно ги информираме нашите членки. Во изминатиот месец изработивме многу добра „Студија - документ за ефектите врз приватниот сектор туризам и угостителство, погоден од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот Ковид-19, со препораки за справување со економските ефекти“, која е од јавен карактер. Истата е веќе испратена и до Факултетот за туризам во Охрид, од каде што добивме позитивно мислење од професорите, а исто така оваа студија ќе биде дадена на студентите. Испратена беше и до многу стручни личности од секторот туризам и угостителство, а и до амбасадорката на САД во РС Македонија, со еден единствен позитивен став.

 

Во иднина планираме да работиме на тоа туризмот и угостителството да станат извозна гранка, со оглед на тоа дека придонесуваме во БДП на РС Македонија како сектор. Понатаму, планираме да работиме на промена на стандардите за категоризација  на хотелите, со оглед на тоа што целиме кон ЕУ и стандардите треба  да бидат по Правилникот на ЕУ за категоризација на хотелите и угостителските објекти. Имено, сакам да напоменам дека минатата недела Министерството за економија иницираше формирање на новата Комисија за категоризација согласно измената во Законот за угостителската дејност во која е предвидено и еден претставник од бизнис секторот. Како претседател на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија, бев номинирана и сум избрана за член на оваа Комисија, согласно искуството од досегашното мое работење во хотелиерството и светските брендовите кои како угостителска компанија ги менаџираме во рамките на „Македонијатурист“ како компанија. Во оваа комисија ќе бидат членови и од Кабинетот на претседателот на Владата, од Кабинетот на заменик-претседателот на Владата задолжен за координација со економските ресори, од ресорното Министерство за економија и од Државниот пазарен инспекторат.

 

Моето очекување е дека со вака конципирана Комисија за категоризација, со учество на претставник од бизнис секторот, што беше повеќегодишна заложба и на Стопанската комора на Македонија, ќе се придонесе во прв момент за поголема ефикасност и помали трошоци во спроведувањето на постапката за категоризација, а дополнително ќе се иницираат и активностите за надминување на слабостите на постојниот модел, пред се` од аспект на почитување на стандардите за категоризација.

 

БизнисРегулатива: Веќе извесно време се укажува за недостатокот од среднорочна и долгорочна стратегија за развој на туризмот и угостителството. Дали во овој момент има простор за да се разговара на оваа тема и какви дополнителни препораки ќе се дадат од страна на Вашето Здружение, со цел соодветно да се одговори на предизвиците со коишто се соочуваат компаниите од овој сектор поради Ковид-19?

 

Таневска Ѓорѓиевска: Постојната Стратегија за туризам која е со рок 2016 – 2021 година е речиси на крајот од својата функционалност, иако уште од самиот почеток беше оспорена од бизнис секторот бидејќи е изработена без конструктивен дијалог со деловниот сектор. Имајќи ги предвид информациите дека Светската банка има интерес да поддржи изработка на нова стратегија по пазарни принципи, сметам дека особено и сега во услови на Ковид-19 кризата која драстично негативно се одрази врз туризмот и угостителство, повеќе од нужно е преку конструктивен  дијалог да се изработи стратешки документ во која насока и со кои мерки ќе се поддржи и ќе се развива туристичко-угостителскиот сектор.

 

Она што можам да го потврдам е дека членките на Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора на Македонија размислуваат активно и споделуваат идеи и предлози во која насока треба да се креираат стратешките мерки за секторот, како во иднина да можеме да надминуваме кризи како оваа и сл., но исто така се планира сериозно да се анализираат стратегиите од земјите како Хрватска, Словенија и да се искористат нивните успешни позитивни примери за развој на секторот и зголемување на девизниот ефект во насока на поставување на дејноста како извозна стопанска гранка со поголема додадена вредност, што и` дава значајна позиција во македонската економија.



Сподели