Интервју Најденовски: Законот за работни односи да се прилагоди за справување со оваа и идни кризи и вонредни околности

Интервју Најденовски: Законот за работни односи да се прилагоди за справување со оваа и идни кризи и вонредни околности
БизнисРегулатива | 06.07.2020

 Организацијата на работниот процес и уредување на работните односи не беа воопшто лесни во изминатиот период за компаниите кои за прв пат се соочуваат со криза од ваков вид и ваков размер. Мерките за спречување на ширењето на корона вирусот, ограничувањата и карантинот, како и се уште активните препораки за заштита донесоа огромни предизвици. Токму за работните односи разговараме со адвокатот Јован Најденовски кој учествуваше во изработка на Студијата за ефектите врз работните односи предизвикани од КОВИД-19 со предлози за надминување на последиците. Најденовски смета дека неопходно е да се менува Законот за работни односи како и стратешките документи кои ќе предвидат функционирање во вонредни околности и поголема флексибилност. Исто така неопходно ќе биде и правилно димензионирање на долгорочните мерки за справување со економската криза како и политики насочени во областа на работните односи за подигнување на оперативноста, продуктивноста и ефикасноста на компаниите.

 

Разговараше: Христијан Станоевиќ, ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал

 

БизнисРегулатива: Пандемијата со КОВИД-19 значително влијаеше врз приватниот сектор во изминатиот период преку низата на ограничувања и мерки за заштита од ширење на корона вирусот. Што може да се заклучи од истражувањето кое го спроведе Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива и вашите интервјуа и анализи со компании?

 

 

Најденовски: Пандемијата на КОВИД-19 значително влијаеше на деловното работење на сите субјекти. Приватниот сектор се соочи со предизвици кои беа и од деловна и од неделовна природа, а кои досега за најголемиот дел на друштвата не биле познати во пракса. Треба да се напомене дека дел од индустриите трпеа штета или подобро речено имаа последици во трудовиот процес и работните односи и од самата пандемија, но и од потребата за почитување на привремените мерки, препораки и уредби. Друштвата кои во своето работење се поврзани со странските пазари и странски деловни партнери, мораа да водат сметка и за последиците од кризата во странство бидејќи таа директно се одразува и на нивното работење во Македонија. Всушност, настана еден сплет на околности од фактичка природа во земјата и странство и околности кои произлегоа од нова ad hoc регулатива. Сето ова се рефлектира на потребата од реогранизација на трудовиот процес, промена и примена на рутини, воведување на новитети во работењето кои интерно не биле претходно нормирани ниту на нив се сметало. Истражувањето кое се спроведе недвосмислено покажа дека целокупната деловна заедница е погодена од кризата, со тоа што дел од индустриите истата во делот на работните односи ја пребродуваат полесно и без поголеми материјални и нематеријални последици, додека дел од индустриите чиј процес на работа и организација на работа не е флексибилен поминуваат со потешки последици, а дел и со последици кои долгорочно негативно се одразуваат на работењето и во прв ред на трудовиот процес и работните односи. Се покажа дека најголемиот дел од микро и малите друштва имаат капацитет да ги сервисираат платите и придружните давачки на вработените за период од 70 до 90 денови, во ситуација на драстичен пад на прометот, ограничено работење или неработење. Ова треба да го има предвид и деловната заедница и државата како резултат од принуден „експеримент in vivo” за во иднина во критични ситуации да се знае колкав е капацитетот на издржливост на најбројните деловни субјекти во делот на работните односи. Од друга страна, големите друштва се соочуваат со посложени последици врз работните односи кои не се само од финансиска природа. Се покажа дека како држава, немаме однапред генерирани системски правила за работа во режим на вонредни услови ниту пак друштвата имаат подготвени кризни планови или буџетски варијанти за функционирање во вонредни услови. Доколку државата генерира општ систем на правила кои ќе се применуваат како начела во вонредни околности (повторна пандемија, природни катастрофи и сл.) тогаш и друштвата ќе имаат референтен репер за генерирање на кризни планови и буџетски варијанти. Тука, иницијално и на прво место се плановите за реорганизација на трудовиот процес и обезбедувањето на средства за плати. Ова ќе се рефлектира и во соодветни одредби во договорите за вработување. Се разбира, потребно е да се усогласи Законот за работни односи и колективните договори за вакво нешто да биде спроведливо.

 

БизнисРегулатива: Може ли да се процени точно колку изнесува бројот на погодени работни места од кризата и колку компании се соочија со престанок на работа, што пак ќе значи и поголем предизвик за нивно враќање во економијата?

 

Најденовски: За жал, системот на евиденција на бројот на невработени кај нас е специфичен и не може со сигурност да се каже колкав е бројот на луѓето кои останаа без работа. Општиот јавно достапен податок во АВРМ укажува дека во април 2019 година има 103.083 невработени лица, а во април 2020 година има 114.762 лица односно има зголемување на невработени лица за +11.679 лица. Во април 2020 година бројот на невработени лица е за +7030 лица повеќе споредно со претходниот месец март 2020 година, односно за +8946 лица повеќе споредено со месец февруари 2020 година. Дали оваа бројка е реална или не и дали истата се должи и во колкав обем на кризата во овој момент не е познато. Деловната заедница е со општ впечаток дека е направен максимален напор да дојде до најмала можна редукција на бројот на вработените, додека општата јавност е со обратен впечаток дека бројката на невработени заради отпуштање како директна последица од кризата е поголема. Кога прашувате за погодени работни места, јас подразбирам не само работни места и вработени кои биле укинати/отпуштени, туку и работни места кои морале да бидат соодветно третирани за да останат во услови на криза. Ова значи дека за некои работни места се менувани договорите за вработување во однос на нивното времетраење, во однос на описот на работните задачи, во однос на работните часови и слично. Допрва ќе испливуваат податоци во однос на овие параметри. Треба да се води сметка за фактот дека работните места кои останаа упразнети заради платено отсуство на вработени заради користење на правата од определени мерки и препораки, беа премостени со времено вработени лица или со доделување на дополнителен обем на работни задачи на работниците кои останаа на работа. Всушност, мислам дека треба во следните месеци да уследи длабинска анализа која ќе се однесува на сите аспекти на засегнатост на работните места од кризата без да се имплицира дека засегнатоста е нужно директно од материјална природа.

 

БизнисРегулатива: Во истражувањето се посветува внимание и на предизвиците на компаниите за работните односи, вадењето на дозволи за движење кои беа потребни, воведување на нови смени, како и проблемите со ангажирање на работна сила. Кои се главните индикатори во студијата за овие состојби?

 

Најденовски: Значителен број на друштва одговорија дека повеќе или помалку, зависно од нивната дејност и кадровска екипираност, поминаа низ постапките за издавање на дозволи за движење, реорганизација на смените на работење или воведување на сменско работење, организација на превоз, вонредни мерки за заштита на работа и слично. Ова е индицирано со јасни и недвосмислени одговори на анкетираните и интервјуираните. Колку е рангот на големина на друштвото поголем, толку повеќе рутини наметнати од препораките и мерките се применувани. Ова е главен референтен репер-индикатор кој е зависен директно и од природата на работата на друштвото. Друштвата секогаш, а особено во вонредни околности и криза, оправдано очекуваат дека начинот на примена на ново пропишани правила и рутини треба да биде едноставен и без непотребно администрирање. Тука особено  се мисли на можноста на користење на современите технологии наместо изготвувањето на хартиени документи и нивно процесирање.

 

БизнисРегулатива: Голем дел од компаниите ги пуштија вработените да ги извршуваат работните задачи од дома. Што покажа истражувањето за овој модел на работа и како би се применувал во иднина?

 

Најденовски: Сите друштва чиј предмет на работење тоа го овозможуваше, сите или дел од вработените ги испратија да работат од дома. Истражувањето покажа дека овој модел на работење е флексибилен и беше веднаш прифатен од друштвата. Сепак, треба да се има предвид дека работењето надвор од просториите на друштвото од било која локација (популарно наречено работа од дома) голем дел од друштвата го познаваат и би сакале повремено да го користат, но постоечката регулатива предвидува административни чекори (посебни договори, анекси, пријавување во инспекторат и слично), па затоа друштвата без поголеми проблеми ја реорганизираа работата за работење од дома. Голем дел од анкетираните и особено интервјуираните посочија дека со работењето од дома немале никакви проблеми. Јас лично се залагам за дерегулација во Законот за работни односи во најголема можна мерка и максимизирање на слободата на договарање. Оттука, и работата од дома треба да биде предвидена како можност без потреба од склучување на посебни договори, пријавување и слично. Впрочем, токму денес имав разговор со едно друштво кое принудно токму поради кризата, целокупната работа ја префрли за работење од дома. Заклучиле дека на природата на нивната работа, работењето од дома дури и повеќе им одговара отколку канцелариско работење, па решија постојано да продолжат да работат од дома. Веќе го откажаа закупот на деловниот простор, ги преправаат договорите на вработените, ги распоредуваат работните средства, дефинираат протоколи за комуникација и слично. Задржуваат под закуп една мала канцеларија која ќе се користи по потреба за средби со клиенти или кога по исклучок ќе има потреба од директна комуникација помеѓу некои од вработените.

 

БизнисРегулатива: Што велат компаниите, колку им се намалила продуктивноста во екот на кризата, а со тоа и намалени приходи, како и загуби во работењето?

 

Најденовски: Моето истражување беше фокусирано на работните односи и на пазарот на трудот. Оттука, можам да зборувам единствено за негативните финансиски импликации врз работните односи. Работењето во криза за големите друштва се покажа поскапо по вработен, а продуктивноста имаше влијание зависно од индустријата. Не треба да се трошат зборови да се објасни што се случи со секторите туризам и угостителство, каде работењето беше целосно оневозможено или сега е ограничено со посебни прописи. Меѓутоа, дел од друштвата не беа опфатени со забрани и ограничувања, но de facto беа целосно  оневозможени во своето работење. Ваков е примерот со туристичките агенции, друштвата кои се занимаат со организација на настани и слично. Од друга страна, секторот производство и трговија со храна имаше обратен проблем – како да пронајде и ангажира дополнителна работна сила за да успее да се справи со зголемениот обем на работа како резултат на зголемената побарувачка на определени производи. Друштвата од трудоинтензивните дејности беа принудени да го реорганизираат работењето, се разбира со работење во просториите на друштвата. Најголемиот дел од нив посочија пад на работната дисциплина и на продуктивноста. Во следниот период, друштвата ќе направат прецизни проценки и ќе излезат со податоци за тоа во колкав дел од падот на продуктивноста се должи на работниот процес, а во колкав дел на намалениот обем на работа од надворешни причини. Друштвата кои работат од дома, зависно од природата на работата, оперираат со процент на намалена ефикасност во работењето од околу 25% или пак истакнуваат дека нема пад во ефикасноста. Се покажа дека некои индустрии (на пример најголем дел од ИКТ индустријата) немаат проблем со продуктивноста поради работењето од дома.

 

БизнисРегулатива: Досега никој се нема соочено со ваков вид на предизвик и пандемијата ги постави прашањата за воспоставување на нови протоколи за организирање на работниот процес. Кои се главните лекции кои треба да се научат?

 

Најденовски: Како што кажав погоре, лекцијата која треба да се научи е дека најнапред државата и потоа последователно друшвата треба да развијат систем кој како збир на општи правила ќе се применува во иднина со прилагодување на конкретните околности. И државата и друштвата треба да бидат подготвени за кризен менаџмент и да имаат постојано резервен план за постапување во вонредни околности. Не треба да се заборави и основното - дека државата секогаш, а нарочно во вонредни околности и криза треба да се постави како солидарен партнер во кризата, а не да се перцепира како давател на помош.

 

БизнисРегулатива: Досега беа воведени три пакети на мерки за поддршка на стопанството и граѓаните погодени од кризата со КОВИД-19. Во смисла на работните односи кои од нив треба да дадат најдобри резултати, какви се ставовите на компаниите?

 

Најденовски: Перцепијата и задоволството или незадоволството од пакетите на мерки се различни, што е нормално и за очекување гледано низ призмата на друштвата и граѓаните кои во зависност од многу фактори различно ја чувствуваат кризата. Во делот на работните односи и пазарот на трудот, било која мерка која се однесува директно или индиректно на поддршка на исплата на плати и придонеси или ќе ја потпомогне продуктивноста на определен сектор, се смета за добредојдена. Дали и доволна, тоа е друго прашање. Меѓутоа, треба да се прави разлика во мерки кои значат одлагање на обврски и мерки кои значат намалување или ослободување на обврски поврзани со работните односи. Не случајно барањата на деловната зедница во однос на работните односи е во ослободување од определени платежни обврски (н.пр. регрес за годишен одмор за 2020 година, систематски прегледи и слично). Меѓутоа, мене особено ми остави позитивен впечаток фактот дека најголемиот дел од друштвата всушност како клучни не ги сметаат ад хок краткорочните мерки со финансиска поддршка, туку долгорочните системски решенија кои ги предлагаат.

 

БизнисРегулатива: Што треба да се преземе на среден и долг рок за нормализирање на економијата, враќање на стапките на раст, како и унапредување на пазарот на труд во Македонија, а со тоа и подобри услови за склучување на договори за вработување помеѓу работодавците и вработените?

 

Најденовски: На Македонија и треба посебна програма за стопански развој во пост-кризниот период која ќе овозможи што побрза и ефикасна микро и макроекономска стабилност на стопанството и државата. Државата треба да гарантира здрава и стабилна економска околина, јасни, стабилни и на долг рок неменливи финансиски регулативи, фискални политики и „правила на игра“. Доколку стопанството не ги знае барем среднорочните фискални политики, планираното ниво на задолженост на државата и стабилноста на денарот, стопанството нема да може да направи никакво, а камоли оптимално планирање и буџетирање поради што ќе се оди и на рестрикции во делот на работната сила. Ниту едно друштво, а најмалку нема да бидат во можност да изградат своја политика на производ и политика на цена. Имајќи предвид дека работната сила со сите свои трошковни  и приходни параметри е нераскинлив сегмент во дефинирањето на производот/услугата и неговата цена, јасно е дека на стопанството пред се му треба стабилен економски и правен амбиент за работа, со јасна и барем на среден рок неменлива фискална политика, со пониски фискални и парафискални стапки. Нам ни треба „ремонт“ на стапките на данокот и задолжителните давачки од плата, основиците за пресметување, на сегашниот концепт на минимална плата, ни треба перцепирање на разликите на политиките на плата не само по индустрии туку и по сектори, ни требаат посебни политики во работните односи кај стратешки важните сектори и така натаму. Сепак, конзистентноста и постојаноста на државните политики за мене се на прво место. Кога тие политики уште ќе бидат и по мерка на современата деловна заедница, на стопанството и на пазарот на трудот ќе можеме да се надеваме на развој кој ќе повлече и зголемена стапка на вработување.     

 



Сподели