Интервју Андриќ: ИКТ секторот клучен за дигитална трансформација и надминување на КОВИД-19 кризата

Интервју Андриќ: ИКТ секторот клучен за дигитална трансформација и надминување на КОВИД-19 кризата
БизнисРегулатива | 17.06.2020

ИКТ секторот во екот на кризата со пандемијата на КОВИД-19 покажа висок степен на одговорност, со нудење на голем број на бесплатни дигитални алатки за организирање на работата од дома и од далечина, како и за поддршка на е-трговијата за избегнување на физички контакти, а со тоа и намалување на ризикот од ширење на корона вирусот. За состојбите во македонската ИКТ индустрија разговараме со експертот Маријана Андриќ која е и автор на Студијата за ефектите од КОВИД-19 и можните решенија со препораки. Студијата се спроведе преку Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива поддржан од УСАИД со стопанските комори СКМ, МАСИТ, СКСЗМ и ССК, како и со имплементаторот ЕПИ ЦЕНТАР.


Андриќ вели дека „принудената“ дигитализација во време на кризата помогна во справување со последиците и овој процес треба да продолжи и понатаму за поддршка на компаниите, граѓаните и институциите. Засега ИКТ секторот во Македонија не се соочува со отпуштања или намален промет, но доколку кризата се оддолжи тогаш можни се проблеми со наплата на фактурите и приливите на средства.


Разговараше: Христијан Станоевиќ - ЕПИ ЦЕНТАР


БизнисРегулатива: Пандемијата со КОВИД-19 донесе голем број на предизвици, застој во економијата, работа од дома, воведување на мерки за заштита и спречување на ширењето на корона вирусот. Како оваа криза се одрази на ИКТ секторот?


Андриќ: Соочувањето на ИКТ секторот со кризата предизвикана од корона вирусот се случи со експресна реорганизација на работењето во домашни услови. Генерално претпријатијата од оние индустрии каде работењето може да се врши далечински беа принудени да го организираат работењето за работа од дома на подолг рок.


Тоа предизвика пред се инвестиции во техничка опрема и телекомуникациска инфраструктура со цел да се создадат непречени услови на работењето во домашни услови задржувајќи го нивото на квалитет поставен при извршување на работните задачи од работните простории на работодавачот.


Најчести одговори на испитаниците околу проблемите и предизвиците кои ги пресретнаа се: непланирани инвестиции за техничка опрема, дополнителни трошоци за надворешни соработници и коучинг експерти, намалена координација меѓу тимовите, намалена мотивација на вработените, усогласување на домашните обврски кај родителите на малолетни деца, отежнат мониторинг на интензитетот на работа, нерамномерна распределба на задачите помеѓу вработените што води кон преголемо оптоварување на некои вработени или недоволна искористеност на други.


Согласно спроведеното истражување, од вкупно 68 испитаници, 27 одговориле дека се соочуваат со делумна намалена продуктивност на вработените, а 16 со големо влијание.


БизнисРегулатива: Токму работењето од дома и завршување на работните задачи од било која локација беше постепено воведувано од ИКТ индустријата, што пак сега во екот на кризата се покажа како неопходност и за другите сектори. Каков е придонесот на ИКТ секторот во овие трендови?


Андриќ: Вредноста на дигиталната трансформација никогаш не била позначајна. Примената на дигиталната технологија во новонастанатата состојба е непроценлива како за стопанството така и за населението пошироко. Статистиките покажуваат огромен пораст на активностите реализирани преку дигиталните канали пред се во домаќинствата за извршувањето на основните набавки а секако и кај бизнисите кои неминовно преминаа кон примена на одделни алатки било да се работи за комуникација како основна потреба или пак за подобрување на бизнис процесите и деловната активност генерално.


Со користење на различни алатки за виртуелни средби како Zoom, GoToMeeting, Skype, Slack и слични, се заменија традиниционалните состаноци со физичка комуникација кои можеби влијаат на ефикасноста, но тоа е од незначителен обем.


Комуникацијата на документите е следниот сегмент каде се интервенираше при што дигиталното примање, архивирање, одобрување и обработка на документацијата во голема мера влијае на унапредување на административното работење пред се, а секако и на останатите сегменти во функционирањето. Промените во овој дел се нешто што секако требаше да се случи порано или подоцна но новонастанатата ситуација го забрза донесувањето на одлуки кај стопанствениците за превземање на чекори кон дигитализација кои можеби ке се одлагаа и понатаму во поинакви услови.


За краток период се дигитализираше се што беше возможно, вклучително и каналите за забава, спорт и рекреација. Сведоци сме на одржување на виртуелни концерти, фитнес часови, па и спортски натпревари онаму каде што е изводливо.


Она што е сигурно е дека дигиталното функционирање кон кое се пристапи како неопходност нема да биде од времен карактер туку останува како бенефит од ова време невреме кое ќе придонесе кон подобрување на перформансите на стопанствениците и во иднина.


Сето ова ја прави ИКТ индустријата клучен фасилитатор на прилагодувањето на бизнисите за време на кризата како и ревитализацијата во следната фаза. Ќе биде потребна исклучителна агилност и конструктивна стратегија за поставување на економијата на ниво кое ќе ги ублажи негативните последици во што пократок рок.


Стандардите на кои е заснована ИКТ се спас за економијата. Не само за бизнисите, туку и пошироко – самите граѓани, јавниот сектор. Тие се хероите во оваа таканаречена „принудена дигитализација. Ако сега целта е само да се обидеме да преживееме, тогаш само благодарејќи на ИКТ светот може да останеме во контакт со сегашните партнери и да одржуваме задоволително ниво со вработените и колегите.


Основните набавки на намирници за домот, размена на документи со помош на DMS системи, водењето на видео конференции се само дел од придонесите на ИКТ секторот, кој нам ни изгледа дури незначајно во моментов, но замислете само дел од целосната ситуација, доколку овие алатки не беа достапни.



БизнисРегулатива: Што покажа истражувањето спроведено од Проектот Партнерство за подобра бизнис регулатива, какви се состојбите во ИКТ индустријата со КОВИД-19 пандемијата?


Андриќ: Кога се зборува за индустрии или деловни субјекти погодени од кризата основен параметар е намалувањето на приходите во тековниот период споредбено со истиот период минатата година или пак со просечно остварените приходи во текот на претходната календарска година. Тоа би бил едноставен индикатор за угостителството, туризмот и малопродажбата бидејки таму приходот се поистоветува со приливот на пари т.е. наплатата. Кај останатите индустрии каде се вбројува ИКТ индустријата доминира големопродажбата и резултатите се мерливи со фактурирана реализација која најчесто не се совпаѓа со наплатата т.е. приливот на пари во истиот период. Кај овие субјекти и во случаите на еднакво ниво остварени приходи при продажба на стоки и услуги ефектот од кризата може да се појави дополнително доколку наплатата се одвива отежнато или пак побарувањата преминат во ризична група т.е. во спорни или ненаплатливи побарувања. Испитаниците посочуваат дека се чувствува проблем кај наплатата на побарувањата кај 75% од нив.


Го разгледувавме влијанието на бројот на вработени кој засега е стабилен, не се планирани отпуштања, а кај некои испитаници дури се појавува потреба од нови вработувања поради зголемениот обем на работа. Тие ги опслужуваат главно оние индустрии кои се директно поврзани со широката потрошувачка, било да се работи за приспособување на е-трговијата или пак дигитализација на улугите од делокруг на забава, едукација, рекреација.


БизнисРегулатива: ИКТ индустријата придонесува во девизните приливи со извозот на услуги и производи на странски пазари. Има ли пад на овие приходи, што велат компаниите?


Андриќ: Извозот на софтвер и останати компјутерски услуги беше делумно загрозен во првата фаза кога само 23, 53% од испитаниците посочија дека кризата може да има големо влијание додека 19,12 % само делумно влијание. Клучна улога за ваквата состојба има резидентноста на клиентите како и индустријата од која доаѓаат. Приливите од Европа се реализираа непречено додека кај оние од САД се забележуваше поотежнат проток посебно поради брановидното влијание на COVID во различно време по региони. Најпогодените индустрии како туризам, авиосообракај, превоз на патници генерално, автомобилската индустрија и сл. се јавуваат во улога на корисници на ИКТ индустријата па оттука негативните ефекти индиректно ќе се пренесат преку откажување на договори/нарачки со одложено влијание од околу 3-6 месеци.


БизнисРегулатива: Колку е важно да се забрза процесот на дигитална трансформација на општеството и бизнисот и кои промени може да ги издвоите како позитивни во изминатиот период, а беа преземени како резултат на мерките за справување со КОВИД-19?


Андриќ: Дигиталната трансформација целосно го менува и унапредува начинот на работа на бизнисите и е неопходен процес за подобро функционирање и развој на компаниите, како и понуда на подобри и иновативни производи на пазарот. Дигиталната трансформација на општеството и бизнисот е светски тренд кој и пред појавата на КОВИД-19 беше актуелна тема за домашните компании и општеството воопшто.  Работењето во услови на КОВИД-19 дополнително ја зголеми потребата и неопходноста компаниите брзо да го прилагодат своето работење преку воведување и користење на дигитални алатки и многу компании дури сега го направија првиот значаен чекор на патот кон дигиталната трансформација. Работа од дома (или работа од далечина), користење на онлајн алатки за комуникација и соработка, онлајн состаноци, дигитализација на документи и начин на нивно чување и споделување, онлајн продажба и други, се само дел од технолошките промени кои беа неопходни за компаниите да можат да продолжат со работењето.


БизнисРегулатива: Што предвидуваат сценаријата во студијата, какви може да бидат последиците врз ИКТ индустријата според тоа колку оваа криза ќе трае?


Андриќ: Две сценарија беа поставени за крај на кризата, првото дека кризата би завршила до крај на јуни 2020 година, а второто до крај на 2020 година, при што забележливо е дека на компаниите би им бил потребен пократок рок за поврат на вообиченото ниво на работење што побрзо заврши кризата и се нормализира состојбата.


На прашањето „Доколку КОВИД-19 кризата заврши до крајот на 2020 година, колку време сметате дека Ви е потребно да се вратите на вообичаеното ниво на работење?” 69,12% од испитаниците одговориле дека ќе им биде потребен период од 1-12 месеци за враќање во нормала – што навистина е долг период. 51.47% од испитаниците размислуваат за промена на начинот на испорака на услуги/стоки.


БизнисРегулатива: Веќе е најавен и третиот пакет на мерки кој ќе се имплементира во наредниот период. На каков став се ИКТ компаниите, кои се предлозите за надминување на кризата и какви мерки ќе треба да се преземат?


Андриќ: Мерките треба да бидат посебно насочени кон најснаодливите, најпродуктивните, најиновативните работодавачи кои ги имаат потребните капацитети да го одржат бројот на вработени и да креираат нови работни места. Како резултат на истражувањето идентификувавме 7 клучни насоки:

1. Поддршка за иновативни проекти за олеснет настап на странски пазари во насока на забрзување на присутноста на домашните продукти глобално

2. Задолжителност на електронска документација – физичкото движење на  хартијата да се префрли во виртуелниот простор со примена на софистицирани информациски системи опфаќајки ги сите чинители во општеството ( стопански субјекти/државни органи /население /работодавачи /вработени)

3. Зголемување на конкурентноста за вработување на работна сила во однос на неформалните работодавачи од странство (елиминирање на сивата економија креирана од нерегистрирани приходи кај лицата кои го заобиколуваат процесот на вработување )

4. Условно субвенционирање на нови вработувања преку намалување на социјалните давачки поставувајќи пониски лимити кај ИКТ работодавачите

5. Поддршка на преквалификацијата на кадри во насока на креирање на поголем потенцијал на ИКТ секторот

6. Намалување на даночно оптоварување за давачките за вработените пред се на платените одмори, рекреација и слични бенефиции кои ги обезбедуваат работодавачите. Уплатените средства во домашните сместувачки капацитети би значела директна поддршка за македонскиот туризам користејќи го потенцијалот на бизнисот наспроти алоцирање на средства од државниот буџет.

7. Формална основа за организирање работа од дома или работа надвор од просториите на работодавачот. Ова е долгогодишно барање на ИКТ секторот поттикнат од идејата за обезбедување што поповолни услови за вработените но, во настанатата состојба стана императив. Со оглед на тоа што постоечката предметна регулатива не е усогласена со овој тип на работа, дерегулацијата како приоритет значи директна интервенција за заштита на животот и здравјето на вработените.



Сподели