Анета Трајковска од СКМ: Состојбата со кризата ќе трае подолго време и најтешкото допрва доаѓа

Анета Трајковска од СКМ: Состојбата со кризата ќе трае подолго време и најтешкото допрва доаѓа
БизнисРегулатива | 02.06.2020

Анета Трајковска е дама која како оперативен директор на Стопанска комора на Македонија е динамична и одлучна, додека како посветена сопруга, мајка и баба е грижлива и нежна.

 

За таквото совршено балансирање во животот, како и за негативните последици кои ги донесе коронавирусот во економијата, таа раскажа во нашата рубрика „Одблиску со жени лидерки“.

 

На почетокот би Ве замолилa да ги издвоите најзначајните моменти од Вашиот досегашен професионален пат

 

- Професионалниот пат го градев напоредно со семејниот. Започнав од најниското скалило и постапно чекорев во професијата и кариерата, што според мене е клучот за градење на успехот во професијата. Една од најправилните одлуки што ги донесов, иако повеќето мои пријатели мислеа дека сум погрешила, е моето вработување во најстарата и најзначајна бизнис институција - Стопанската комора на Македонија во 2007 година, кога од позиција на финансов директор во државна компанија, дојдов на работна позиција раководител на финансии во Стопанската комора на Македонија. Одлуката ја донесов токму тогаш кога Комората ги имаше најтешките удари со воведувањето на плурализмот на коморскиот систем и доброволното членство, но денес, на година и половина пред 100-годишнината од нејзиното постоење, на само еден чекор сме до создавање Комора на иднината.

 

Каква е положбата на жените во македонската бизнис заедница?

 

- Македонската реалност покажува дека на чело на најголемите македонски компании се` уште далеку подоминантни се мажите. Но, јас на мојот професионален пат не сум се почувствувала маргинализирана или деградирана и не сум имала какви и да било препреки поради тоа што сум жена и не верувам во ограничените можности поради половиот стереотип. Според мене, пристапот и третманот на жените во бизнисот е еднаков, односно не постои поинаков пристап кон нив. Бројот на жените е мал, но лично сметам дека тоа е нивен личен избор. Жените повеќе ги анализираат сите аспекти пред да се одлучат за нешто. Работат потемелно и ја поставуваат својата компанија на цврста основа. Во Стопанската комора на Македонија слободно можам да кажам дека токму определбата за поставеноста на жените на клучни менаџерски позиции повеќе од една деценија наназад е клучот на успехот и на нашиот институционален прогрес. Станува збор за жени кои се упорни, посветени на работата, едуцирани, со визија и амбиција да бидеме најдобри во тоа што го работиме, одговорни кон Комората, кон компаниите членки, кон вработените и кон заедницата во која живееме.


Кој е, според Вас, главниот проблем со кој се соочуваат жените во бизнисот?

 

- Зад секоја успешна жена во бизнисот, има интересна и мотивирачка приказна за патот кој треба да се изоди и за сите препреки кои треба да се надминат за да се стигне до успехот. Кај нас жените има еден мајчински инстинкт, а тоа е нашата посветеност, упорност и насоченост кон градење мостови и компромиси за да постигнеме баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот или за менаџирањето на семејните и службените обврски. Ако умееме овој баланс да го постигнеме и добро да се организираме, препреки не постојат.

 

Македонската економија трпи последици од пандемијата со Ковид-19. Колку според Вас домашните компании се афектирани од кризата?

 

- Веќе сме во третиот месец од почетокот на здравствено-економската криза и состојбата кај деловните субјекти континуирано се менува, но и никој не може да предвиди колку истата ќе трае. Економската криза нема да заобиколи ниту една компанија, еден економски сектор и дејност, нема да заобиколи ниту една држава, па ниту нас. Состојбите во економијата не се оптимистички и ние сме на прагот на големите проблеми кои ни претстојат, а тоа се намалената ликвидност, намалување на извозот, се очекуваат проблеми во увозот како резултат на состојбите кај странските добавувачи и соодветно на тоа и намалување на нивото на залихите, кое комбинирано со недостатокот или прекинот на достава на суровини, укажуваат на потенцијално зголемени проблеми за компаниите веќе од месец јуни во делот на одржување и целосно искористување на производствените капацитети. Од наведените проблеми со кои се соочуваат претпријатијата во однос на производството, извозот, увозот, прометот и ланецот на добавувачи, засега охрабрува сознанието дека 71% од компаниите не размислуваат за затворање, а 21% размислуваат за затворање само на еден дел, односно работа со намален капацитет.

 

Стопанската комора на Македонија активно се вклучи во креирањето решенија и мерки за излез од ситуацијата. Дел од нив беа вклопени во владините мерки. Што уште треба да се стори?

 

- Како што е извесно, состојбата со кризата ќе трае подолго време и дека најтешкото допрва доаѓа. Од посебно значење, како прво, е да се намали неизвесноста која е најголем непријател на компаниите. Второ, во размислувањето за идните чекори Владата би требало стратешки да го прифати ставот дека мерките треба да одразуваат и подолгорочни аспекти во водењето на економските политики и битката за спас на македонската економија. Тоа значи дека би требало јасно да се дефинира кои се секторите што имаат капацитет да ја повлечат напред македонската економија кога ќе се создадат предуслови за нејзино понормално работење. Ќе треба да се има подготвеност да им се помогне на стратешките производни капацитети, односно ќе треба да се оди на пристап на диференцирани економски мерки со кои се таргетираат поодделни сектори, па дури и одредени компаниии производства кои ќе создадат додадена вредност и тоа на краток рок и ќе можат да ја повлечат економијата напред. И трето, мерките за поддршка треба да се креираат како едноставни и лесно применливи за стопанството, да не бараат преголемо администрирање и наметнување на критериуми и услови кои во вакви услови погодените компании не можат да ги исполнат.

 

Домашните компании губат од пазарите надвор, нема нарачки, нема ликвидност. Треба ли да се стравува за масовни отпуштања на работници?

 

- Нашите согледувања говорат дека е тоа логичен процес. Оваа криза ќе потрае, во доволно штетна форма и за неколку месеци ќе ги истошти значително фирмите и нивните резерви. Фирмите го апсорбираа ударот два месеца без користење мерки и поддршка. Поддршка во одреден обем добија во средината на мај, а ќе има и во јуни, но и покрај таа поддршка има размислувања за отпуштања и тие во одреден квантитет ќе се случуваат. Но, моите размислувања се дека токму сега е моментот да си ги најдеме најдобрите и најквалитетните кадри и да ги задржиме и искористиме за создавање на додадени вредности и за компаниите и за државата.


Кои, според Вас, се клучните проблеми со кои ќе се соочуваме од економски аспект веќе од есен?

 

- Круцијалните прашања на кои треба да се работи се одржување на извозот, конкурентноста на компаниите и ликвидноста, но не од есен, туку веднаш, бидејќи овие проблеми се веќе извесни и присутни во економијата, а нивниот обем би бил значително изразен наесен, доколку не се делува веднаш.

 

Домашните компании наоѓаат решенија за излез од кризата. Но што Вие им советувате, кон што да се фокусираат?

 

- Да останат посветени целосно на определбата за воспоставување на нови производни инвестиции, на определбата за постојана потрага по нови партнери и нови пазари и да ја искористат нашата поддршка која им ја нудиме во тој процес посебно изразена во следниот период преку можноста за вмрежување, консултантство и поддршка во нивните проектни активности.

 

Кои беа Вашите професионални соништа во тинејџерските години?

 

- Плановите и соништата се прекрасна работа, тоа е дел од она што нѐ прави луѓе и нѐ мотивира. Уште како дете бев темераментна и динимична. Пред мене секогаш имаше поставени неколку цели истовремено. Како дете, сакав да бидам истакнат правник, но во текот на школувањето математиката ми одеше подобро, па одлуката падна на економијата, но и поради тоа што сакав подинамична професија во која во носењето на одлуките мора да имаш познавања и да ја следиш континуирано и правната регулатива. Ме исполнуватоа секогаш пред мене да имам неколку задачи за реализација истовремено и на крај истите целосно да ги реализирам, а некако и ми одеше од рака уште од најраното детство.


Како балансирате меѓу деловниот и приватниот живот, каде ја насочувате енергијата кога не сте фокусирани на работата? Како се релаксирате?

 

- Ако погледнам зад себе слободно можам да кажам дека досега успешно сум се справувала во балансирањето меѓу деловниот и приватниот живот. Скоро три децении фамилијарен живот со сопругот, два прекрасни сина, снаа и едно внуче кое ми е најголема радост и релаксација последнава година. Во слободното време мојата енергија е насочена на моментите поминати со моите најблиски, вклучувајќи ги и моите родители кои исто така ми беа континуирана животна поддршка. Генерално, уживам во дружењето со семејството и пријателите, а посебна енергија ми дава уживањето покрај брег, односно комбинацијата сонце,вода, природа, со добра книга в рака.

 

Мото кое Ве води низ животот?

 

- Помагај, дарувај, работи и бори се за она што го сакаш, но при тоа уживај во она што го имаш.

 

Извор: zenskimagazin.mk



Сподели