Лука Булатовиќ: Морето не е клучен фактор за привлекување инвеститори во туризмот во Црна Гора

 Лука Булатовиќ: Морето не е клучен фактор за привлекување инвеститори во туризмот во Црна Гора
БизнисРегулатива | 19.12.2018

Минатата недела во Скопје во организација на Стопанската комора на Македонија се одржа Форум за туризам во рамки на Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.


Лука Булатовиќ, сопственик на црногорската туристичката агенција „Експлорер“ беше еден од учесниците на Форумот. Оваа агенција , која минатата година донесе најмногу туристи во Црна Гора и беше прогласена за агенција со најдобар туристички производ. Неговото присуство во Скопје го искористивме да поразговараме со него и да слушнеме за искуствата на Црна Гора во туристичкиот развој.

 

 

“Основен предуслов за туристички развој на една земја е да има добра политичка волја,добар политички амбиент и државата да има јасно зацртана цел. Ние сето тоа го направивме и иневститорите го препознаа. На тој начин во земјата привлековме сериозни компании кога се во прашање хотелските капацитети - од Aman Resorts, Regent, Sheraton, Hilton. Тоа се хотелски синџири кои се малку присутни или воопшто не се присутни во Европа. Освен како туристичка, сега сме препознати како наутичка дестинација. Нашата влада води политика за отворање нови страници на туризмот во Црна Гора и за развој на континенталниот туризам.

Државата во моментов е инвеститор и генератор на нови инвестиции во планински, односно ски туризам. Со овој нов модел на инвестирање на државата и барање инвестиции ние сега отвораме ново поглавје - Црна Гора на толку малку простор да добие единствен туристички производ. Да ја поврземе државата, планините и морето преку единствен атрактивен производ.

Црна Гора годинава генерираше над 3 милијарди евра странски инвестиции во туризам. Со тоа се позициониравме на второ место место во светот според висината на инвестициите во туризмот по глава на жител. Притоа морето не е клучната причина за привлекување инвеститори во Црна Гора. Има многу земји со убави брегови. Секој од нашите градови е препознатлив по нешто друго. Будва е град во кој одите ако сакате да се забавувате, Тивате е позната наутичка дестинација, Котор е заштитен од УНЕСКО, Цетиње има музеи и историско значење, Колашин и Жабљак се во средиштето на националните паркови со најдлабоки кањони. Ние секој град го направивме да биде приказна сам за себе.

Сите показатели велат дека денес времето кое луѓето го поминуваат на плажа не е како порано. Особено гостите од Западна Европа сакаат да видат и искусат се што споменав досега, а не само плажите“.

Негова препорака за Македонија развој на јавно-приватно партнерство во националните паркови каде што може овие природни добра да ги даде на управување на приватен капитал кој ќе го развие туризмот. Таков пример веќе применува неговата компанија во Црна Гора.



Сподели